2win800x200

Промовирана книгата „Вермахтот и Македонија 1943 - 1944 година“ од д-р Роберто Трајковски.

Август 18, 2018

Вчера,  во битолскиот „Завод и музеј“, Сојузот на борци од Битола ја промовираше  книгата „Вермахтот и Македонија  1943 - 1944 година “ од  авторот Д-р Роберто Трајковски.

Станува збор за научно дело во кое што се разработени историски проблеми во врска со делувањето на Вермахтот во Македонија, од капитулацијата на фашистичка Италија на 8 септември 1943 година, до повлекувањето на последната отстапница на Вермахтот од македонска теритроија, во средината на ноември 1944 година.

-Историјата е наука која го истражува човековото минато, а војната е дел од човековата историја. Ама иако е дел од таквата историја, сепак војната нема човечко лице. Затоа, книгата „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“ е дело кое бара да се состави со „ладна глава“, бара професионализам преку кој, што е можно пообјективно, ќе се пишува за едно време кое смрдеше на човечка смрт и време кога разликата меѓу поимот цивилизација и секојдневната стварност стана сурово евидентна. Како никогаш дотогаш во човековата историја таа дискрепанца беше видлива во таа неколкугодишна временска отсечка. И затоа, може да се каже дека чување на „ладна глава“ за да се пишува „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“ било, навистина, тешка и неблагодарна задача, истакна  промоторот на книгата д-р Александар Литовски, историчар.

„Вермахтот во Македонија 1943-1944 година“ е документационо и научно поапсолвирана верзија на докторскиот труд на Д-р Роберто Трајковски,  одбранет во 2013 година,

„Ова научно дело е изработено на основ на методолошки  научното итсражување на илјадници документи на Вермахтот, документи поместени во веќе издадени збирки со докумнети на институциите на Третиот Рајх, монографии, статиии и други публикации, пишува автор д-р Роберто Трајковски  во предговорот.

Промоцијата на книгата беше реализирана во рамките на Бит Фест 2018 година со поддршка на Општина Битола.

 

 

Војната нема човечко лице

Промотивна реч за книгата „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“

од д-р Роберт Трајковски

(Завод и Музеј-Битола 17 август 2018)

Историјата е наука која го истражува минатото. Секако, се подразбира дека го истражува човековото минато. А, војната е составен дел од таа човекова историја. И не само што е составен дел, туку војната има доминантно место низ историјата, а разните војни се тие кои најповеќе го привлекуваат вниманието на луѓето. Се чини дека се војува од самиот почетокот на светот и дека крвта течи во потоци, па станала еден од неговите основни елементи. Затоа, ако ја читаме историјата во која доминантно е војувањето, ќе помислиме дека оние стари филозофи-мудреци погрешија кога ги определувле водата, воздухот, оганот и земјата како четирите основни елементи во светот, а погрешил и Лук Бесон кога љубовта ја прогласил за „петтиот елемент“ во својот истоимен филм. За жал, можеме со сигурност да тврдиме дека досегашната човечка цивилизација е втемелена врз антихуманизмот, милитаризмот и, во крајна линија, фашизамот, за кој се зборува и во книгата која е пред нас под наслов „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“ од д-р Роберт Трајковски. И таа сурова и криминална античовечка цивилизација е она што во иднина треба да се промени.

Реков, историјата е наука која го истражува човековото минато. Реков и дека војната е дел од човековата историја. Ама иако е дел од таквата историја, сепак војната нема човечко лице. Затоа, книгата „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“ е дело кое бара да се состави со „ладна глава“, бара професионализам преку кој, што е можно пообјективно, ќе се пишува за едно време кое смрдеше на човечка смрт и време кога разликата меѓу поимот цивилизација и секојдневната стварност стана сурово евидентна. Како никогаш дотогаш во човековата историја таа дискрепанца беше видлива во таа неколкугодишна временска отсечка. И затоа, може да се каже дека чување на „ладна глава“ за да се пишува „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“ било, навистина, тешка и неблагодарна задача.

Знаете, од време на време, секогаш низ човековата историја се појавува некој Хитлер, кој смета дека светот не е добро конституиран и дека би било добро таа фалинка да се поправи и исправи. За да се исполни таквата задача, секогаш, на разните хитлеровци им се потребни грамади од човечки коски преку кои тие би станале господари на светот. За да дојдат до потребните количини на човечки коски, потребни им се истомисленици и поддржувачи кои ќе им дадат поддршка во реализацијата. Откако тоа ќе го направат, колежите почнуваат и траат, па се колат милиони низ илијадници години. Човештвото гине глупаво, како да е составено од разновиден ситен добиток, а не од луѓе. Ама, за „несреќа“ на разните хитлеровци, секогаш се јавуваат некакви сомнежи, секогаш има некакви „подземни“ пропаганди и отпори, секогаш постојат некакви „непријатели“, „бандити“, „еретици“, „пагани“, „варвари“, „утописти“, „социјалисти“, анархисти и „комунисти“. Тие непријатели со тек на време се множат и растат, односно имаат нови и нови приврзаници, а нивната „деструктивна“ пропаганда се слуша сè подалеку и подалеку. Така, секогаш се создаваат илјадници и милиони убедени борци против лагите на хитлеровците, по кои преку човечки коски може да се стигне до подобар и поубав свет. Всушност, секогаш, порано или подоцна, без разлика на жестоката режимска пропаганда, луѓето сфаќаат дека меленото човечко месо, сомелено во мелницата на војните создава само баснословни богатства за малкумина и страдања и несреќи за сите останати, па на крајот секогаш „проектите“ на хитлеровците се распаѓаат и пропаѓаат.

Последниот Хитлер, оној вистинскиот Адолф Хитлер, со својот ариевски проект за светска доминација на германската раса, шест години го „поправаше“ светот, па секаде до каде што стигна чизмата на војникот на Вермахтот останаа само опожарени земји, колосални страдања и бесконечни крвави траги по планините и долините. Животот се претвори во мртовечка поворка и се загуби во една од најголемите историски бездни. Трговијата со страдањето и смртта шест години беше највносното занимање на фашистите низ целиот свет, а звуците од топовите од пред Сталинград и Ленинград навистина беа најсудбоносните звуци во светската историја за опстанокот на хуманизмот и нормалноста. Да се стои пред една таква голема историја во улога на професионален историограф е опасна работа, оти неминовно се јавуваат прашањата: Каква е смислата на човековото постоење во просторот и времето? Каква е смислата на безбројните човечки гробови низ историјата? Зарем има поопасно сознание од сознанието за човековата привременост низ времето? А, сепак, д-р Роберт Трајковски, застана пред една мала отсечка од таквата голема историја и со успех се избори да ни пренесе едно квалитетно историско четиво.    

И кога расправаме за историјата и улогата на историографите, треба да ни стане јасно дека нашето траење не е еден момент кој механички се заменува со наредниот момент, оти тогаш би живееле само во сегашноста, па никогаш не би постоела ниту индивидуалната, ниту колективната човечка еволуција. Траењето е еден непрекинат прогрес на минатото кон иднината. Траењето е континуитет низ времето и просторот. И затоа, обидот луѓето да се ослободат од минатото е неможно. Наметнувањето на корпоративната идеологија по која „заборавањето на минатото“ е предуслов за среќен индивидуален и колективен живот е антихуман и антицивилизциски чин. Тоа е порамнување на човекот со онаа крава на Фридрих Ниче. Имено, во делото „За користа и штетноста на историјата за животот“, Ниче пишувал за „среќата“ на кравите кои додека пасат во секој нареден момент го забораваат претходниот и така „среќни“ го поминуваат целиот свој живот.

Значи, историјата која ја пишуваме како своја претпоставка мора да го има траењето на човекот низ времето и просторот и постоењето на напредок на човештвото во сите сфери. Со други зборови кажано, историјата и како тек на настани и како запис на тие настани е прогресивна. Онака како што формулирал Едвард Халет Кар, историјата, всушност, започнува тогаш „кога луѓето започнуваат да мислат за минувањето на времето како за низа на настани во кои тие свесно учествуваат и можат свесно да влијаат.“ Оттука, се додека има живи и свесни луѓе на планетата Земја, бладањето за некаков крај на историјата е само тоа - обично бладање на неолибералните идеолози.  

Но сите, или скоро сите, ја слушнале фразата дека „историјата ја пишуваат победниците“. Секако, таа е, барем делумно, функционална. Знаете, има искажувања дека Гебелс стоејќи пред гробот на Имануел Кант, рекол: „Ништо под ѕвезите не е неможно“. Без разлика дали е ова точно или неточно, тоа го опишува функционирањето на максимата „победниците ја пишуваат историјата“. Оти, можно беше Хитлер со својот Вермахт да вмаршира во Москва и понатаму на исток, и тогаш ќе влезеше во историјата како победник во Втората светска војна. Тогаш ќе му се подигаа мермерни и бронзени споменици низ Германија и пошироко, ќе го прогласуваа за генијален политичар и војсководец, ама бидејќи беше поразен, стана и остана - најголем светски злосторник, а за него пишуваат како за психопат, дегенерик, авантурист и слични омаловажувачки термини.

Во овој контекст треба да се гледа и антифашизмот денес. Се чини дека од сите објективни констелации значајни за работа врз историјата, можеби највлијателни се идеологијата и меѓународната политика. Тие како отпосле да го оправдуваа и го оправдуваат Хитлеровиот напад врз Советскиот Сојуз. Имено, поаѓајќи од тоа дека западниот свет своето единство го дефинира првенствено со потребата да се одбрани од комунистичката или руската закана, ревизионистичката историографија, директно или индиректно ја „продава“ тезата дека западните победници од 1945 г. само од сопствена глупост започнале да војуваат против Мусолини и Хитлер и го разрушиле единственото сигурно утврдување против болшевизмот - фашизмот. Секако, треба да се нагласи дека денешниов антикомунизам како практична политика е сосема слична, ако не и целосно истоветна со онаа која некогаш Невил Чемберлен и неговите приврзаници ги мотивираше да го толерираат Хитлер како полицаец кон комунизмот. Всушност, сите ние повеќе од две децении се наоѓаме во зона на масовно антикомунистичко лудило и хистерија, што пак е обезбедено преку образованието и масовната култура кои градат идиотска антихуманистичка свест и ампутирана совест. Атмосферата на инквизиторско средновековие која повторно ја градат господарите на светот е поставена врз антиморални идеали и фашизоидни халуцинации како непорекливи мормални аксиоми, а хипнотизираното човештво сето тоа го гледа покорно, тивко и немо.

Токму затоа, книгата „Вермахтот и Македонија 1943-1944 година“, претставува едно убаво потсетување за тоа што ни се случуваше нам во Македонија, а како екстраполација и што му се случуваше на целиот свет, пред нешто повеќе од седумдесетина години. Таа е произлезена од докторски труд, на авторот со наслов; „Воени операции на Вермахтот во Македонија септември 1943-ноември 1944 година“, одбранет на Институтот за национална историја-Скопје, во крајот на 2013 година.

Самата книга е поделена во пет глави. Во првата глава д-р Роберт Трајковски ги нотирал елаборирал операциите на единиците на Вермахтот преку кои територијата на Македонија требало да се исконтролира по капитулацијата на фашистичка Италија. Акцентот го ставаил на воените дејствија на 21-от планински армиски копрус, против единиците на НОВ и ПОМ во западните делови на Македонија од средината на септември до крајот на декември 1943 година. Како што може да се види во овој дел од книгата, сите тие противпартизански воени операции биле проследени со добро организирани транзитни разместувања на единиците и воената техника и концентрација покрупни оперативни единици на Вермахтот низ Македонија. Во овој контекст, со оглед на некои ревизионистички минимизирања на партизанската сили интересни се разузнавачките податоци на 21-от планински армиски корпус, кој за октомври-ноември 1943 година, децидно зборуваат за „две непријателски групации, едната во јачина од околу 1.000 партизани, концентрирана во просторот на Дебар, и другата, исто така, во јачина од околу 1.000 партизани, во просторот североисточно од Охрид.“

Во втората глава се обработени воено-безбедносните аспекти од односите меѓу Вермахтот и институциите на таканаречената „Независна Албанија“, но и структурата и организацијата на единиците на воено-безбедносните служби и одделенија на Вермахтот во западниот дел на Македонија. Врз основа на изворната германска документација сосема јасно е покажано дека зад формирањето и дејствувањето на вооружени колаборационистички формации на територијата на „Независна Албанија“, а и зад балистичките воени формации во западниот дел на Македонија, стоеле германските воени и разузнавачки служби.

Во третата глава, авторот ги истражил и презентирал воените дејства на Вермахтот во западниот дел на Македонија меѓу јануари и август 1944 година. Фактички, тука се работи за низа планирани воени операции поврзани со зацврстувањето на сојузничките англо-американски војски на Апенинскиот Полуостров и можноста за нивна евентуална инвазија на Балканскиот Полуостров. Сите тие биле противпартизнски воени операции против македонските, и во одредени случаи и против албанските, партизани во западниот дел на Македонија, кои започнувале со собирањето на разузнавачки податоци за местоположбата и јачината на „непријателот“, потоа следело неговото изненадување од страна на ангажираните единици на Вермахтот со силна огнена моќ и со содејство на колаборационистичките вооружени формации. Реализација на истите, била проследена со бруталност и кон цивилното население кое ги поддржувало партизанските единици.

Во четвртата глава авторот го опфатил временскиот период во кој се случувале крупни воено-политички промени на Балканскиот Полуостров. Тие промени започнале со негативниот исход за Вермахтот во судирот со Црвената Армија во Јаш-Кишињевската операција, која траела до крајот на август 1944 година. По овој германски пораз, следела демонтажа на прогерманските режими во Романија и Бугарија. Притоа авторот детално се осврнал на: воените дејствија на Вермахтот во Македонија под бугарска управа; на воено-оперативните планови на Вермахтот за дочекување на смената на воено-политичкиот курс на Бугарија; на односот меѓу припадниците на Вермахтот и бугарската војска во Македонија; на разоружувањето на Петтата бугарска армија, која била водена со тајна шифра „Јуда“, што, попатно кажано, е име кое доста прецизно ја опишува промената на „сојузничката страна“ на Бугарија во војните. Во оваа глава авторот ги обработил и воените дејства на Вермахтот во Македонија, со акцент на борбите во просторот на Прилеп и Струмица, како и воено-оперативното затворање на превоите спрема Бугарија и формирање на „источен фронт“ во Македонија, со што Вермахтот ги обезбедил сообраќајните комуникации во Македонија. Исто така, што е доста интересно, авторот детално ја разработил историската проблематика во врска со мерките и активностите на Вермахтот за организирање таканаречената „Народна милиција“ во Македонија, која била составена од пробугарски ванчомихајловистичкли елементи.

Во петтата глава д-р Роберт Трајковски ги опфатил плановите за повлекување на Група армии „Е“ во периодот октомври-ноември 1944 година и нивната реализација, а акцентот го ставил на повлекувањето на 91-от планински армиски корпус низ Македонија на север. Тука се прикажани воените дејства на Вермахтот за пацификација на Македонија во текот на октомври и ноември 1944 година, односно борбите на единиците на Група армии „Е“ во Македонија, против единиците на НОВ и ПОМ и бугарската отечественофронтовска војска, пришто, истите реализирале низа противпартизански воени акции, како и низа воени операции со дефанзивен карактер, преку организирање на таканаречена „еластична одбрана“, што всушност била модифицирана варијанта на одбранбената доктрина на германската војска од времето на Првата светска војна и која се базирала на одбрана во длабочина, со употреба на противоклопни и противпешадиски мински полиња, противпешадиска и противоклопна артилерија и користење на моторизираната резерва. Овие операции на Вермахтот траеле до 16 ноември 1944 година, кога и последната отстапница на Група армии „Е“, преку Качаничката клисура, се повлекла во Косово.

На самиот крај, може да се констатира дека книгата „Вермахтот во Македонија 1943-1944 година“ е изработена врз научното истражување на илјадници изворни документи на Вермахтот, документи поместени во веќе издадени збирки на архивска граѓа од институциите на Третиот Рајх, голем број монографии, научни статии и други, најразновидни публикации. А, тој тип на историографија е сè помалуброени помалуброен. Оти, сè почесто, се обидуваат да се „шверцуваат“ па со помалку труд да постигнат поголема продукција. Историчарите, но и останатите интелектуалци, сè повеќе препишуваат, отколку што пишуваат, сè повеќе имитираат, отколку што откриваат и сè повеќе плагираат отколку што создаваат оригинални нешта. Тоа, за жал, е во согласност со духовната тромост која денес е доминантна. Згора на ова, историчарите започнаа масовно да се прилагодуваат на она што се нарекува „дух на времето“, па секогаш ја пре/пишуваат една иста книга и не се разликуваат еден од друг, дури, ни по стилот на своите ракописи.

А, дека заради ваквиот начин на работа имаме се помалку квалитетни историски дела не мора ниту да се потенцира, оти се подразбира. Наспроти тоа „Вермахтот во Македонија 1943-1944 година“ е историографска книга во која изворните сведоштва и податоци се истражени и хронолошки распоредени, аналитички обработени и пропратени со судови и заклучоци кои се логички издржани. Сето тоа ја прави доволно вредна да се печати и прочита од сите кои сакаат сериозно историско четиво.

                                                                                                                                                                                                                                            д-р Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани