2win800x200

Битолцизми II

Декември 17, 2018
ОНА ТУТУРТУКАТА СО ЌУЉАФКА НА ГЛАТА, ПА ТИ НЕ ЗНАЈШ ШО СПИЉОН Е ТА!
 
 Пишувам јас, Златко Самарџиев, викан Кекел, ама ако ме викаат од подалеку, тогаш викаат КЕКЕЕЕЕЛЛЛ!
 
 Здраво убај љуѓе на планетава Земја, честитки до земјата шо не крепи вакви какви шо сне! Битолцизми ти се зборој шо се користат само во Битола. Добро де, можи не само и само во Битола, ама само битолчани можат да ги разберат ко шо треба.
 

Мукава. Од мукава се прат колети. На Бајро сиромаштијата од мукави прај дури и куќи.

Колет. То ти е кутија, четвртас пакет напраен од хартија, шо значи дека мукава е хартија, ама подебела. Има мукави со разни димензии, на пр. поголеми мукави од амбалажа за покуќнина, креденци, шкафој, шпорина, фрижидери... Е кога сне кај фрижидерите, еднаш некој во Битола бил фатен угол-гол кај швалерката, ама избегал. Угол-гол бе! По пато нашол фрлен колет од фрижидер „Ободин“ и го наврел врз себе и така, се добрал до дома. Значи мукавата ти е она шо стручно се вели „брановидна лепенка“. Та мој да биди  двослојна, трослојна...  петслојна. Ако е единечна то не е мукава туку картон.

Тутурутка. Тутурутката се прај од картон. Има форма на цилиндер или конус. Служи за разни нешта. На пр. врз тутурутка се мота вуница, конец, или пак во тутурутка се чуват свидетелствата од сколија. Дипломата од факултет се чува во посебна тутурутка.
 
Ко бефне мали си играфне со искористени тутурутки на пр. од „Битолатекс“ и низ ниф викафне „тутуру-туууу“. И сега некој така си прај со тутурутката од дипломата, особено ако нема партиска книшка.
Во Битола зборо „тутурутка“ има посебно значење. Ко ќе речи некој – а бе остај го него, тутурутка е тој – то значи дека чоеко за кој станва збор не е ногу паметен, глуп е, смотан, неснаодлиф.
 
Ќуљафка. Зборо иди од персиско-турскиот збор „кулав“, волнена полукружна капа која се носи под фесо. По битолски ќуљафка е вид тутурутка напраена од хартија, ама тенка. Можи да биди од хартија за машина за пишење т.е. за принтер, можи од весник, ама не од мукава или од картон. Има конусна форма, а долнио дел е подзавиткан. Во неа се клават семки, сончоглед, кикири-микири. 
Ако е поголема (таквите се праеја од „Нова Македонија“, оти тој весник беше со најголем формат), ќуљафката можи да се клај на гла, за ко ќе се варосва по дома бојаџијата да не си ја бојадиса косата.
 

 Спиљон. Од мало колетче, во недостиг од кутија за чевли на пр. се прај спиљон. То ти е една кутија во која порано битолските деца (и чупиња) клаваја една честитка со мотив од рагањето на Ристос во пештерата кај Витлеем, а спила-пештера е демек „спилеон“, те. „спиљон“ по битолски. Кутијата ја украсваја и со памук, ко снег да личи и со слама како во пештерата кај шо се родил Ристос. И да не заборам – свеќа натре – обавезно! Запалена! И така, со спиљоно пред Бадник-Божик се одеше од куќа на куќа со пеење на божикни песни и домаќините децата ги дарваја со пари, бомбончина, костени и сл. Е сеа, во Битола на пр. ко ќе се игра бељот и противнико добива, тој шо губи ќе му речи: „Е море шо спиљонче си тииии“, демек тој е „на Госпо детето“ и зато му иди убаа карта. Почесто можи да се чуе: Ебате Спиљон! Ама ко ќе се речи: „А бе не знајш ти шо спиљон е тој“ можи да означува и лош табиет, како на пример за некој професор кај шо не мојш да препишиш на писмена, или за некој шо не попушта.

(автор е  Златко Самарџиев-Кекел, битолчанец кој забележува и објавува битолцизми)

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани