2win800x200

„Кога си на сцена, цел свет е твој“, Петар Горко прослави 30 години кариера

Септември 12, 2019

Преку дружба со публиката во ресторан Чифлик со групата Калабалак актерот Петар Горко прослави 30 години богат актерски ангажман.

 

-Дали актерството беше твоја животна желба за професија уште додека беше мал или можеби сонуваше да станеш нешто друго?

Во првиот состав што го имам напишано во основно училиште на тема што сакам да бидам напишав доктор хирург. Од денешна гледна точка да се биде доктор беше за родителите најпрестижна професија, но јас подоцна рецитирајќи во Пионерскиот дом, продолжив в театар и љубовта како опсесија ме обзеде и не стануваше збор на нешто друго повеќе. Првата премиера ја имав на 17 јули 1989 година на Охридско лето со претставата „Мизантроп“ од Молиер во режија Владимир Милчин. До денес одиграв над 90 улоги од кои дури 19 Шекспирови ликови, околу 2500 одиграни претстави, улоги во филмови, тв серии, филмски и музички фестивали, сопстевни концерти.

-Која е магијата што те привлече да станеш актер?

Актерството е поинтензивен живот од обичниот, многу адреналин, слобода во креирањето уметност, слобода во изразните средства, севкупна слобода. Чувството кога си на сцена е како цел свет да е твој ,во најпозитивната смисла на зборот. Иако да се стигне до добро одиграна улога е многу тешко, најповеќе поради длабинското копање низ многуте случки во животот, убави и неубави, низ длабочините на непознатото во мене, како санта мраз која не се гледа во длабочините на Гренланд. Сепак, сетоа тоа те учи, те преиспитува, те променува кон подобро, стануваш духовно побогат, читаш литература, гледаш филмови, многу начини на инспирација и секогаш си побогат и побогат, внатре, таму...

-Тешко е да се направи сиже на три децении исполнети со премиери и улоги. Но, што поважно до сега си одиграл?

Овие 30 години ги делам на етапи по одредени улоги кои направиле големи промени како актер, но и како човек кај мене. Почетниот периот е врзан за претставата „Сиранио де Бержерак“ каде го играв ликот Кристијан де Невиет, од каде почна името Петар Горко да се појавува на насловни и да добива награди. Следен период е 1944 година, кога во една година одиграв 4 насловни ликови, а претставата која ми беше најголемиот стрес, а со која сум горд е „Магбет“. Трета етапа се претставите „Мачка на вжештен лимен покрив“ и „Македонска крвава свадба“. Потоа претставата „Тито“ која со помош на Бранко Брезовец спеав да се ослободам од сите останати детски комплекси, кои до тогаш беа некаква кочница за тотално опуштање на сцената, па големата Хенри Шести -трет дел со која направивме бум во Лондон, Кина, Америка, улога за која бев прогласен и актер на годината од „Дневник“. Последната етапа почнува со „Смртта на трговскиот патник“, па се до последнава „Август во округот Осејџ“, кога на некој прекрасен начин влегувам во интересен начин на современа игра која е различна од таа во деведесеттите, игра која е сега актуелна, зрела, искрена, без патетика и без претерувања, од типот таков сум каков што сум, таков сум и на сцена.

-Те вивнаа ли овие улоги и успехот до небо?

Секогаш кога сум направил добра улога сум горд, исполнет, но тоа не ме носело во негативна егоистичка состојба да се занесувам кој сум и што сум. Мојот став е дека сум само човек, а тоа што го работам е моја работа. Без разлика што е јавна и што работам за да ја видат мојата работа. И тоа е најтешкото, а најсимптоматично кај многу професии поебно нашата, да се занесеш и тогаш се губиш, тогаш мислиш дека се знаеш, а всушност само носот ти е малку погоре. Јас секогаш почнувам од нула, како ништо да не знам.

-Се случило ли некогаш да ти падне тешко актерскиот ангажман?

За жал нашата работа е таква, после погреб играш претстава, се смееш кога ти е најтешко, плачеш кога ти е најубаво. Сум играл со 40 степени температура, сум играл кога детето ми било на болница во Скопје со непозната дијагноза, да , не сум бил пуштен со оправдание дека детето има мајка, не се откажувале претстави. Тоа боли. Не сум само јас има и пострашни ситуации на колеги. Но, тоа е нашиот избор, кој за жал, не е разбран често од раководствата на театрите или од колегите.

-Колку политиката влијае врз актерството во земјава, избор на актери, претстави, режисери...

За огромна жал многу. Не ми се допаѓа тоа воопшто, се губи смислата на театарот, на уметноста, на нашинот на функционирање и на крај на постоењето на театарот. Кога би бил ослободен од политика, актерите и цел уметнички персонал би бил послободен да прави добри улоги, а со тоа и добри претстави. Не дека не се прават, но сепак многу години наназад има по наредба претстави,а тоа не е добро, тие се со краток рок, умираат уште неизлезени.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани