Битка за старото кино „Партизан“

Декември 19, 2019

Група битолски ентузијасти наречени „Операција кино Партизан“ се жалат дека го исчистиле и средиле старото кино кај Долната гимназија со знаење на Народниот театар од Битола кој стопанисува со објектот, а деновиве добиле најава дека просторот ќе биде издаден под наем. Од Театарот, пак, велат дека не отпочнале постапка за издавање на просторот на поранешното кино „Партизан“ зашто од државните институции во неколку наврати било одбиено нивното барање средства од евентулна наемнина да легнуваат на сметка на Театарот.

 Киното „Партизан“ со години беше руинирано и неискористено. Од „Операција кино Партизан“ велат дека го затекнале во многу лоша состојба со целосно откорната инсталација, вецињата лом, еден тон градежен шут, срчи, многу прашина и што уште не.

„На 15ти јули годинава, се собравме една неформална екипа и влеговме во еден по малку сизифовски потфат, да го средиме просторот од 600 м2, за да можеме да го користиме за културни настани, концерти, изложби, проекции и слично, а ходникот од истиот да се користи за возење скејт, бмх и ролери и помали културни настани. Секако, притоа никој од нас не би профитирал од просторот, т.е. сите пари кои евентуално би се зеле од настаните би се враќале назад во објектот или во програмата“, велат од неформалната група.

За нивниот потфат биле информирани од Народниот театар и тие им го дале клучот. Месец и пол интензивно работеле за да го средат. Извадиле два камиони градежен шут и ѓубре од местото, нашле дури и распаднато мртво куче под сцената, го средиле доводот за вода, направиле проверка на одводот, средувале и крпеле ѕидови изедени од влага и местеле некаква основна електрична инсталација за потребите на местото. Им се случила дури и кражба на агрегат, два котури кабел за електрична инсталација, алати, буквално cè внатре, до последните штрафчиња. Сепак, продолжиле со работа, како што велат во очекување да се озакони ваквата соработака со Театарот со договор.

„И сè изгледаше плус-минус ок, сè додека денес, од никаде, ни рекоа дека кај дирекцијата на Театарот не владеело расположение за давање на просторот за оваа намена, туку дека работата се движи кон тоа просторот да биде издаден. Вложивме премногу енергија, труд, време, пари и љубов за со сопствени раце да изградиме некакво културно прибежиште за младите во градот, отворено за сите и необременето од логиката на профитот, бидејќи верваме дека тоа е единствениот начин со кој се стига до суштинска промена и во никој случај не ни паѓа на ум лесно да се откажиме од сработеното“, велат од „Операција кино Партизан“.

Од Народниот театар во Битола информациите дека ќе се издавал објектот под наем ги нарекоа шпекулации.

„Имајќи ја во предвид финансиската состојба на Театарот и идејата за прибирање на дополнителни средства кои ќе го олеснат работењето и продуктивноста на Н.У. Народен театар Битола во неколку наврати се обративме до надлежните институции да ни овозможат средствата кои што би ги добиле од евентуалната закупнина да одат на сметка на Театарот. На неколку пати тоа наше барање беше одбиено. Тоа е што се однесува до плановите на Н.У. Народен театар Битола за просторот на поранешното кино Партизан и неговото евентуално издавање“, рече директорот Иван Јерчиќ.

Во меѓувреме воделе разговори и разменувале идеи со многу здруженија на граѓани, независни уметници, ад-хок групи да се најде некоја варијанта во која просторот би заживеал како нов културен простор во Битола.

„Делот на салата за кино проекции како и дворот во летниот период  беа исчистени од страна на групата граѓани , но во ниеден момент не стана збор за никакво ексклузивно право за користење на просторот од страна на групата на граѓани, кои се согласија доброволно да го средат и да се обидат да го адаптираат истиот простор за нивните потреби, туку цело време бевме во потрага по модел во кој работите ќе функционираат законски, транспарентно и отчетно“, рече директорот на Театарот.

Ж.Здравковска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани