Во Битола во едно домаќинство може да се чуваат повеќе кучиња, пресече Уставен

Февруари 08, 2018

Битолчани  ќе може да чуваат повеќе од две кучиња во едно домаќинство. Уставниот суд, по иницијативата поднесена од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, го укина членот 106 од Одлуката за комунален ред на Општина Битола, донесена од Советот  во 2012 година, со која беше предвидено во едно семејно домаќинство да може да се чуваат до две кучиња. 

Од Уставен истакнуваат дека никаде во законодавството не се пропишува дека во едно семејство може да се чуваат само две кучиња, па според тоа Одлуката е спротивна со уставните определби.

Во членот 106 од Одлуката се пропишуваше и дека не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат и дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња со педигре.

Во одлуката стои „Во градежниот опфат на град Битола во кругот на едно домаќинство може да се чуваат до две кучиња под услов истите да бидат регистрирани во надлежната ветеринарна институција и редовно вакцинирани.
Сопствениците на кучиња се должни своите кучиња да ги држат во сопствените дворни места.
Кучето може да се изведе надвор од дворното место само со кошница на устата и врзано со каиш.
Сопственикот на кучињата е должен сместувањето и чувањето на кучињата да го уреди на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите.
Не е дозволено чување на кучиња кои постојано лаат и завиваат.
Не е дозволено чување на кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување на кучиња со педигре за кои сопственикот има прибавено писмено одобрение од управителот или претседателот на куќниот совет на објектот за колективно домување“.

Според Судот, пропишувањето на Советот на Општината Битола од членот 106 став 6 од Одлуката за должноста за прибавување писмено одобрение од куќниот совет на колективната станбена зграда за чување кучиња во згради и во нивните дворови нема основа во законот. Имено, од анализата на одредбите од Законот за домување, кој ги уредува прашањата од областа на домувањето во станбени згради, произлегува дека наведениот закон воопшто не предвидел писмено одобрение на куќниот совет за чување на домашен миленик, од каде што вакво одобрение не може да пропише ни единицата на локалната самоуправа.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани