Добар дел од медиумите се уште се зависни од јавните пари

Ноември 22, 2021

Финансирањето на приватните медиуми со јавни пари е сѐ уште изразен проблем во Северна Македонија и покрај тоа што по парламентарните избори во 2016 г. и формирањето на политичката коалиција што ја раководи земјата од 2017 година, беше договорено и ветувано таквата пракса да прекине. Ова, меѓу другото, се наведува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во медиумскиот сектор под наслов: Реформи на половина пат – политичката волја час ја има, час ја нема

Минатата владејачка коалиција (2008-2016), во период од повеќе години, прелеваше значителни суми од буџетот во приватните медиуми, пред сѐ кај радиодифузерите, преку метод на директно владино финансирање, преку плаќање за емитување јавни кампањи за кои владата ќе оценеше дека треба да ги води. Сумата достигнуваше до 38 милиони евра, според владини извори, а само петте телевизии со концесија преку ограничен ресурс (терестријални), од 2010-2017 година, добиле 25 милиони евра од поранешната влада на Никoла Груевски.

Сегашната владејачка коалиција и најави и донесе заклучок дека Владата и локалните самоуправи не смеат да трошат пари за медиуми во смисла на политички реклами, и тоа уште во 2017 година, а потоа пристапи кон јасна намера за измени на членот 102 од ЗАВМУ, со кое такво нешто беше или требаше да биде исклучено.

Но, исто како што и претходната влада на Груевски во 2015 година стави мораториум на владиното рекламирање, но не го почитуваше, така и оваа влада го менува ставот. Најпрво дозволи јавни пари да завршуваат во приватни медиуми преку измени на изборното законодавство во 2018 година , преку што беше воведено платено политичко рекламирање (ППР), потоа во 2019 г., реши да се рекламира само на социјалните мрежи, како на пример „Фејсбук“, за во 2021 година неколкупати да предложи измени на член 102 од ЗАВМУ и да дозволи платени владини кампањи.

Во 2021 година може да се констатира дека јавни пари во приватни медиуми (o)стануваат (голем) проблем во Северна Македонија. Само од 2018 до 2021 година се потрошени десетина милиони евра буџетски пари во приватни медиуми, при што најголемиот дел од тоа се потрошени преку ППР, за време на Референдумот во 2018 г., претседателските избори во 2019 година и минатогодишните парламентарни избори. „Метаморфозис“ преку следење на овие состојби во рамките на своите проекти и медиумски платформи детално известуваше за овие процеси.

Ваквата пракса е констатирана и од експертите во фокус-групата за овој извештај. Тие се децидни дека Владата си го крши и својот заклучок од 2017 г. и желбата за промена на членот на ЗАВМУ 102 (кој самата Влада прифати да го предложи и да го вгради во законот), а дека преку ППР се руши и суштината за да се избегне заробувањето на слободните медиуми – состојба што беше констатирана и со првиот извештај на експертот на ЕУ, Рајнхард Прибе, во 2015 година.

За ваквата состојба на некој начин придонесуваат и самите радиодифузери. Тие се соочени со континуирано намалување на приходите од пазарот на реклами, кој од повеќе десетици милиони евра до пред некоја година, во 2020 година се намалил на околу 18 милиони евра (за радиодифузерите), според анализите на АВМУ. Во Анализата на пазарот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги 2020 г., се наведува дека во целата телевизиска и радиоиндустрија во државата во посочената година, приходите од реклами на сите радиодифузери изнесувале 17.973.000 милиони евра, при што вкупната разликата меѓу приходите и трошоците бележи минус од околу 553 илјади евра. Според истиот извор, вo 2020 г., само во споредба со 2019 година, приходите со реклами биле намалени за 20.78 отсто. Но, дека не станува збор за лоша година поради или само поради пандемијата со ковид-19, зборува податокот дека од 2016 година се бележи континуиран пад на приходите на сите радиодифузери од над 47 милиони евра на 38,7 милиони евра во 2020 година.

Ова се одрази врз формални и неформални лобирања на претставниците на комерцијалните телевизии и радиостаници на централно, регионално и локално ниво до централната и локалната власт, за поддршка на финансиското работење преку одлевање јавни пари во медиумите по најразлична основа. Освен ППР, забележително е што на регионално и локално ниво и единиците на локалната самоуправа одлеваат пари до регионалните и локалните медиуми под форма следење на работата на локалната самоуправа. Овие пари не се безначајни, имајќи ги предвид истражувањата што ги правеше ЗНМ, кои покажаа дека во период од само една година, само 43 од 80 општини што одговориле на прашањето, декларирале оти потрошиле најмалку 500 илјади евра на локални и регионални медиуми под разни форми.

При согледувањето на целата ситуација треба да се има предвид и дека нема никаков податок колку за медиумите, под разни форми, вклучувајќи и реклами или кампањи, трошат јавните претпријатија, особено компании што имаат статус на акционерски друштва во државна сопственост или компаниите каде што учеството на државата во сопственоста е значително, како Македонски телеком, на пример.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани