Одливот на медицински кадар од земјава е лавина која тешко може да се сопре

Ноември 22, 2021

Бесмислените рестрикции на специјализации, децении наназад, изместените критериуми при вработување на сите здравствени профили каде  партиските војници секогаш имаа предност, си го сторија своето. Сега сме сведоци на постоење на два паралелни здравствени системи, државен и приватен! Државниот сè повеќе (ќе) се занимава само со сиромашните социјални слоеви, а приватниот со богатите, вели професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски

Пишува: Мирослава Бурнс

Извештајот на Европската Комисија за Република Северна Македонија во делот за јавното здравство посочува дека и покрај зголемените плати – како мерка да се задржи медицинскиот персонал во земјава, здравствениот сектор се соочува со загуби на медицински кадар, особено специјалисти, кои си одат или во приватниот сектор или ја напуштаат земјата за да работат во странство. Исто така, се наведува дека  персоналот и понатаму има потреба од специјализирани обуки за користење на напредна медицинска опрема. Во Извештајот е нотирано и тоа дека достапот до доктори специјалисти во јавното здравство и понатаму е проблем, а пациентите плаќаат една третина од здравствените услуги без да им се направи поврат на средствата, што ги зголемува социјалните нееднаквости.
 
Претседателката на Здружението на лекари специјализанти, доктор Александра Георгиева причините за трендот на одлив на медицински кадар ги пронаоѓа во повеќе фактори.
 
Објективно, поради севкупните услови на ниво на држава, генералниот просперитет и тоа што десет години доцниме со нов физички блок на клиниките, се случува миграцијата од државното здравство. Лекарите не можат да напредуваат и стагнираат. Причина е и платежната моќ на државата. И покрај покачените плати, специјалистите немаат 100 илјади денари плата и тоа може лесно да се провери. Можеби тоа се случува некогаш кај некој професор кој имал голем број на дежурствa, но не е генерално. Нашата плата како специјализанти е 26 илјади денари. Просечно имам потрошено 10 години во едукација во фаза на специјализација и имам плата од 400 евра. Со дежурства може да стигне и до 500 евра. Во приватното здравство би била барем илјада евра. Друга причина зошто лекарите го напуштаат државното здравство е тоа што нема ресурси. Дотраени се клиниките, нема нови апарати, не се развиваат нови методологии. Најголем мотив на специјализантите кои си заминуваат се материјалниот, како и лошата едукација на медицинскиот кадар, смета доктор Георгиева.
 
Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски вели дека одливот на медицински кадар од државата е лавина која тешко може да се сопре.
 
Може ли во државното здравство да им се понудат подобри финансиски услови? Не може! Може ли да се понудат подобри услови отколку во Германија? Не може! Ова е очекувана последица на децениското отсуство на стратегија за развој на здравствениот систем – во која круцијален дел се здравствените кадри. Е сега, пукна тиквата. Бесмислените рестрикции на специјализации, децении наназад, изместените критериуми при вработување на сите здравствени профили каде  партиските војници секогаш имаа предност, си го сторија своето. Сега сме сведоци на постоење на два паралелни здравствени системи, државен и приватен! Државниот сè повеќе (ќе) се занимава само со сиромашните социјални слоеви, а приватниот со богатите! Што е со терцијарната, врвната здравствена заштита, што ли беше тоа!? Се повеќе ќе постои само на хартија. А што е со ,,гарантираното право на здравствена заштита” на секој граѓанин, во член 39 од Уставот? Мртво слово на хартија!, вели доктор Даниловски.
Во оваа смисла пензионираниот професор на Медицинскиот факултет доктор, Мирко Спировски кој за „Вистиномер“ вели дека пациентите би требало да имаат законско обезбедно право да бираат кај кого ќе бараат здравствена заштита, а надоместокот од Фондот за здравство да биде рамномерен во државниот и во приватниот сектор, со што ќе се обезбеди фер конкуренција во пружањето квалитетна здравствена заштита.
 
Министерството за здравство, пак, посочува дека просечно пресметаната и исплатена плата за профилот наставен кадар во декември 2017 година изнесувала 87.517 денари во бруто износ и до февруари 2020 година е зголемена на 122.810 денари или 40,3 проценти зголемување на бруто износот.
 
Просечната плата на доктор специјалист во декември 2017 година изнесувала 72.192 денари во бруто а во февруари 2020 година е зголемена на 111.377 денари – зголемување од 54 проценти, додека кај доктор на медицина во декември 2017 година изнесувала 45.952 денари во бруто износ и во февруари 2020 година се зголемува на 58.991 денари, односно зголемување од 29 проценти. Кај медицинските сестри со висока стручна спрема во декември 2017 година просечната плата изнесувала 37.753 денари во бруто и во февруари 2020 година е зголемена на 50.376 денари, а кај  медицински сестри со ССС во декември 2017 година изнесувала 28.814 денари и до февруари 2020 година се зголемила на 38.182 денари во бруто износ. Односно зголемувањето на просечната бруто плата кај медицинските сестри е 33,4 отсто, односно 32,5 отсто, велат за „Вистиномер“ од Министерството за здравство.
Истовремено нагласуваат дека во текот на пандемијата и покрај целиот товар со кој се соочи здравствениот систем продолжила инвестицијата во човечкиот капитал.
Во тек на пандемија се реализираа нови вработувања во скоро сите јавно-здравствени установи. Од почетокот 2020 година 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добиле статус на вработени на неопределено време. За првпат во македонското здравство се платени приватните специјализанти во висина од просечна плата на општ лекар и со ова тие се изедначуваат со статусот на нивните колеги. За првпат во историјата на македонското здравство, оваа 2021 година, на приватните специјализанти им се плаќаат дежурства и платено им е здравственото осигурување,  истакнуваат од Министерството за здравство.
Во последниот извештај на ЕК за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, во делот на јавното здравство се забележува дека пандемијата на ковид-19 силно ја удри земјава особено кога станува збор за третиот бран. Тогаш болничките кревети биле исполнети 90 проценти. Проблематично е и тоа што детектирањето на канцер во рана фаза не е доволно, зашто нема доволно пари кои се одлеваат од буџетот за оваа намена. Како што се додава во извештајот на ЕК, податоците од националниот и од регионалниот регистер за канцер не се јавно достапни.
 

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани