Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ што го издава Македонското научно друштво – Битола, за прв пат се појавува во 2013 година, а своето десетгодишно постоење оваа година го одбележува со излегување од печат на два броја – бр. 10 и бр. 11 - и двата со финансиска поддршка на Министерството за култура. Списанието го уредува редакција составена од четворица членови на Македонското научно друштво – Битола: ред. проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен уредник и Весна Мундишевска-Велјановска, вонр. проф. д-р Силвана Нешковска и Елизабета Јончиќ како уредници, но и меѓународен уредувачки одбор од книжевници и/или универзитетски професори од Саудиска Арабија (Раед Анис Ал-Јиши), САД (проф. д-р Михо Нонака), Кина (проф. д-р Цемин Итион Тсаи и проф. д-р Су Џен Лин), Велика Британија (проф. д-р Том Едвард Филипс), Словачка (проф. д-р Звонко Танески), Србија (Искра Пенева) и Босна и Херцеговина/ Русија (м-р Жарко Милениќ). Списанието покрај што е достапно во печатена форма, достапно е и на вебстраницата на Македонското научно друштво (https://mnd-bitola.mk/tag/sovremeni-dijalozi/), но исто така е редовно промовирано на различни значајни светски книжевни портали, а дел е и од домашните библиотеки на истакнати странски поети и писатели, уредници, приредувачи, издавачи, преведувачи, книжевници. Соработници за овој број на списанието кои дадоа прилози или учествуваа со свои преводи се: Адем Абдулаху, Салех Ал-Кунаизи, Сеида Богдановиќ, Борче Георгиев, Јапрак Дамла Јилдрим, Милијан Деспотовиќ, Жаклина Ивановска, Олга Лалиќ-Кровицка, Филиз Мехметоглу, Сашо Огненовски, Борче Панов, Мерита Папаристо, Клаудија Пичино, Тамара Проески и Ивица Челиковиќ од Северна Македонија, Полска, Саудиска Арабија, Србија, Турција, Шведска, Албанија, САД и Италија.

Списанието со веќе препознатлив концепт и дизајн, на корицата што ја изработи Весна Мундиѓевска-Велјановска ја има уметничката слика со наслов „Богињи“ од познатиот уметник Ниче Василев. Во овој случај се слават два значајни јубилеја: Македонското научно друштво-Битола одбележува 10 години постоење на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, а Ниче Василев бележи јубилеј од 50 години активно творештво.

Во седумте рубрики на „Современи дијалози“ бр. 11 (Поезија, Проза, Литература за деца и млади, Интервју, Согледби, Преводи/ препеви и Паралели) застапени се вкупно 83 книжевници (подредени по азбучен редослед) и 7 ликовни уметници (3 се наши познати уметници: Ниче Василев, Бурхан Ахмети и Нела Петровска, а 4 се од Азербејџан (Шахназ Агајева), Белгија (Артан Балај), Турција (Лутфу Капланоглу) и Косово (Дритон Хајредини)). Така, објавени се 36 македонски автори и 47 автор од 26 земји во светот и тоа: Мексико, Шведска, Канада, Саудиска Арабија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кина, САД, Србија, Бугарија, Словенија, Полска, Италија, Шпанија, Турција, Германија, Албанија, Холандија, Колумбија, Индија, Непал, Коста Рика, Пакистан, Бангладеш, Велика Британија и Белгија.

Во „Современи дијалози“ бр. 11, читателите ќе имаат можност да уживаат во а) поезијата на: Садије Алити, Томе Велков, Митко Гогов, Васил Дрвошанов, Никола Илијовски, Кире Неделковски, Олга Панкина, Борче Панов, Зоран Пејковски, Христо Петрески, Берзат Садики, Раде Силјан, Мирјана Стојановска, Гордана Стојаноска, Снежана Стојчевска и Марина Шокева; б) прозата на: Даниела Андоновска-Трајковска, Петре Димовски, Јована Матевска Атанасовска, Сашо Огненовски, Лилјана Пандева, Михајло Свидерски, Габриела Стојаноска-Станоеска и Ивица Челиковиќ; в) литературата за деца од Елизабета Јончиќ и Горјан Петревски, г) книжевната критика и согледбите на прашања од книжевноста од: Елизабета Баковска, Љубинка Донева, Златко Жоглев, Лидија Капушевска Дракулевска, Славчо Ковилоски, Ѓеке Маринај (САД), Весна Мундишевска-Велјановска, Кристина Николовска, Милица Радевска и Васил Тоциновски; д) интервјуто на Диме Ратајковски со Јусеф Комунјака (САД), ѓ) книжевниот препев со коментари и анализа на Зора Русомарова и поезијата и прозата на 47 поети од странство – сите преведени на македонски јазик.

Литературно читање со наслов „Конески“ во организација на Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола се одржа денес на Педагошки факултет – Битола.

Литературното читање е дел од низата активности што Педагошкиот факултет – Битола и Македонското научно друштво од Битола ги организираат за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот, лингвистот, преведувачот – академик Блаже Конески.

Со организирањето на ова литературно читање се реализираат две основни начела на Факултетот и на Друштвото: чествување на Конески и афирмација на македонскиот стандарден јазик.

Во литературното читање зедоа учество професори од Педагошкиот и Правниот факултет од Битола, членови на Македонското научно друштво, како и студенти од Педагошкиот факултет Битола.

Настанот го отвори деканот на Педагошкиот факултет – Битола, проф. д-р Добри Петровски и претседателката на Македонското научно друштво од Битола, доц. д-р Невена Груевска.

Професор д-р Златко Жоглев и студентките Ангела Најдовска и Николина Ѓуровска, се претставија со својот осврт и рецитал на одбрани стихови од циклусот песни што Конески ги посветил на Крали Марко.

Професор д-р Гордана Стојаноска, заедно со студентките Ангела Спировска, Наташа Зулумовска и Јасна Талевска, ги долови ритамот и звуците на „Тешкото“ за нѐ да потсетат кои сме, од каде доаѓаме и кон што треба да се стремиме.

Професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска понуди свое толкување на безвременската „Стерна“, а студентките Марија Менчева, Јана Пашовска и Софија Трампеска, со својот рецитал, ѝ дозволија на „Стерната“ да забучи повторно од подземјето, да избие на површината и да се разлее во ширината.

Професор д-р Милена Касапоска-Чадловска, со студентките Димитра Десановска и Дијана Нешковска, ја повика „Везилката“ од која Конески барал совет за тоа како се ткае стихот на една совршена „проста и строга македонска песна“.

Професор д-р Билјана Граматковски, со студентите Христијан Тунески и Ангела Димитриовска, имаше задача да потсети на волшебните љубовни стихови на Конески, што имаат моќ да го разнежнат и стоплат сечие срце.

На крај, професор д-р Милена Пејчиновска потсети на аманетот што Блаже Конески ни го остави – „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.“

Д-р Марјан Танушевски реизбран е за претседател на Македонското научно друштво во Битола. Тој успешно го водеше Друштвото во изминатите две години, а со реизборот ќе биде на негово чело уште нови две години, поточно од 2018-2020-та. На изборното собрание беа избрани и нови органи на Друштвото.

Професорката од Факултетот за информатички и комуникациски техологии од Битола, д-р Мимоза Богдановска Јовановска, е избрана за член во Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор оформен по иницијатива на Генералниот секретаријат на Владата на Македонија. Професорката од Битола беше предложена како член од Научното друштво на Македонија со седиште во Битола, со што за првпат во историјата на Друштвото се случува директно на национално ниво да биде вклучено во креирањето на јавните политики поврзани со граѓанскиот сектор.

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани