Кражба на воени униформи во функција на манипулација и политичка кампања

Јули 01, 2020

Пишува: Весна Коловска

Пост од Фејсбук искористен во обид да се направи новинарски текст, а во насловот да се дискредитира вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која на Парламентралните избори 2020 е носител на листа на коалицијата „Можеме“ во Изборната единица број пет.

 

Насловот на текстот објавен на сајтот bregalnicki.mk: „Додека Шеќеринска тера кампања со државни возила некој се дрзнал да го ограби Генералштабот“ осудува и во исто време коментира, а министерката ја става во функција на чувар на униформите и на Генералштабот во исто време.

Новинарскиот текст е една реченица, во функција на вовед на објавениот статус на Фејсбук на поранешен вработен во АРМ, кој јавува за кражба на 35 униформи од Генералштабот на АРМ во Скопје.

  • Додека министерката за одбрана си тера кампања со службени возила и користи униформирани лица за снимање партиски спотови, некој се дрзнал да ја ограбува Армијата. Министерството за одбрана засега молчи и случајот се држи во тајност. (ФБ статус на Александар Нацев).

Во Кодексот на новинари пишува дека „новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.
Текстот на bregalnicki.mk, кога веќе пренесува пост од социјална мрежа не дава одговор на основните новинарски прашања и најважното – дали навистина се случил настанот. Наместо да информира, на крајот текстот завршува со: „напиша Александар Нацев во врска со овој инцидент кој што надлежните го забошотуваат од јавноста“.
Случајот со кражбата на униформите ниту е забошотен, ниту се држи во тајност. Портпаролот на АРМ, Тони Јаневски, за Вистиномер изјави дека кражбата што се случила меѓу 29-ти и 30-ти јуни, е пријавена и по случајот постапува Воената полицијата и државните инстистуции.
Новинарот го искористил Фејсбук статусот да пренесе полуинформација и да дискредитира учесник во политичка кампања.
Членот 14, од Кодексот на новинари пропишува:

  • Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар


 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани