Двосмислени тврдења во насловот и неименувани ,,експерти”

Јули 02, 2020

Пишува Жаклина Цветковска

Рецензираме текст со наслов „Јовески даде ветување дека ќе го доврши делот на Катица Јанева!“, објавен на порталот magazin.mk, на 30.06.2020 година, во кој се пренесува дел од интервјуто на републичкот јавен обвинител Љубомир Јовески, дадено за државната информативна агенција МИА, по повод стапувањето на сила на новиот закон за Јавно обвинителство и преземањето на преметите на СЈО од страна на Јавното обвинителство.

 

Наслов на текстот е двосмислен и „наведувачки“ во врска со  понатамошно процесуирање и завршување на предметите покренати од СЈО.  Се посочува името на екс обвинителката Катица Јанева, осудена за „Рекет“, и се наметнува прашањето „Кое дело на Јанева ветува Јовевски дека ќе го заврши?“.  Двосмислениот наслов уште повеќе е засилен со најавата за текстот: „Со тоа, Јовески практично вети дека ќе го доврши не/делото на првостепено осудената Катица Јанева“, која е поместена и во самиот текст, како новинарско толкување на изјавата на Јовески во кој тој уверува дека предметите на СЈО ќе добијат завршница.

Со ваквите инсинуации, односно коментаторски елементи изваден од контекст е одговорот на Јовески на новинарско прашање во врска со преземањето на предметите на СЈО:

  • Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, вели Јовески.“

Инсинуациите, заклучоците на дадени изјави , како и коментарите, кои се присутни во рецензираниот текст,  не се својствени за информативните жанрови, а особено не во период на изборен процес, кога можат да бидат протолкувани во политички контекст, посебно заради острото критикување на новиот закон за ЈО од страна на опозицијата.

Понатаму, во текстот се сместени и други коментаторски ставови и непотврдени наводи. По цитираната изјава на Јовески дека не очекува опструкции при примената на новиот закон за ЈО, се наведува дека експертската јавност го толкува како закон со кој се амнестираат Заев и функционерите на СДСМ, мислејќи се, пред, се на одредбата со која се предвидува  незаконски  прислушуваните разговори да не се користат како докази односно основа за обвинение за сите предмети  после 30 јуни 2017 година, туку како индиции, по што авторот коментира:

  • Во превод, бомбите си ја завршија работата и ја исполнија целта за која и беа пуштени во оптек – смена на власта за промена на името, Уставот, па ќе ги пензионираат.

Во текстот никаде не е наведен ниту еден експерт,не е пренесена изјава, став или цитат,со кои ќе се даде „тежина“ за изнесените тврдења. Авторот се повикува единствено на изјавата на Артан Груби, дадена  во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, а пренесена на истиот портал. Но, Груби не е аналитичар, туку партиски функционер на ДУИ, кој изнесува личен став или став на една политичка опција.

Новинарот е должен да обезбеди релевантни извори на информации и тоа од повеќе страни и тоа да го поткрепи со веродостојни факти. Може да се повика и на анонимни извори, но да бидат понудени содржајни и аналитички толкувања на одредената тема. (член 4, Кодекс на новинарите)

Новинарот мора да направи јасно разграничување помеѓу фактите и мислењата, помеѓу веста и кометарот, што не е почитувано во овој напис и се коси со членот 13 од Кодексот на новинарите.


 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар


 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани