Сериозни обвинувања од наводна порака без да се исконтактира втората страна

Јули 09, 2020

Пишува: Соња Рилковска

Рецензирме вест објавена на порталот In7, на 08.07.2020 под наслов „ Ако не дојдете на митингот, ние ќе преземеме мерки “- шефот на Кабинетот на Мерко им се заканува на административците“. Во самиот наслов изнесени се експлицитни обвинувања  на адреса на шефот на кабинетот на градоначалалникот  на Струга,  Дашмир Насуфи, без да се побара став од него.

 

Во текстот објавен на порталот, непознатиот автор пишува:

  • Секојдневно се зголемуваат пораки со  уцени  и разни форми на притисок за  учество  во партиски активности кон  административците  и вработени во образованието. Демократската унија за интеграција вчера одржа централен митинг во Струга, додека лидерите на Општина Струга ги  уценуваа  вработените  со договори , да бидат присутни на митингот, по секоја цена, дури и со  семејство.  Пораката која ја доби редакцијата  in7, е доказ за  притисок и директна закана од началникот на кабинетот на градоначалникот на Струга Дашмир Насуфи, раководител на кабинетот на Мерко, кој ги повикува административците  да учествуваат на собирот, истовремено заканувајќи им  се дека во случај на отсуство „ќе бидат преземени мерки“.

Овој исказ е „поткрепен“ со некаков  скриншот на кој единствено се гледа сатница, нема автор, ниту некој доказ што би ги потврдил обвинувањата. Во наводната порака пишува:

  • Како што знаете утре во хотел „Изгрев“ во 20ч има митинг на ДУИ. Сакам да го потврдите вашето присуство, нашето учество е важно за убедлива победа. На последната покана не ми одговоривте, очекувам да не се повторува истото, во спротивно ќе преземеме мерки.

Новинарот е должен за вакви сериозни обвинувања да ја контактира и другата страна. Да обезбеди докази, кои ќе потврдат сериозни закани и уцени кои може да бидат предмет  на истрага .

Вистиномер.мк го контактираше Насуфи, кој вели дека тоа е политички инсинуиран напад од нивните опоненти од партијата Алијанса, кои го поддржуваат порталот. Негира дека испратил било каква порака до вработните во општината.

Новинарите мора секогаш непристрасно и објективно да информираат. Постулат на новинарската професија е да се обезбеди „втора страна“, односно да им се даде можност на сите засегнати во новинарскиот производ да го кажат својот став.


 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар


 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани