Webp.net gifmaker

Кавга за градските паркинзи во Советот на Општина Битола

Септември 07, 2018

Кавга меѓу дел од советници од локалната власт и опозицијата изби на денешната седница на Совет за време на дискусијата по иницијативата покрената од Општина Битола за формирање на Јавно претпријатие за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници.

Советниците од опозицијата негодуваа дека иницијатива се покренува пред референдумот, па ја оценија како популизам, а советниците од владеачкото мнозинство обвинија дека претходната власт склучувала  договори кои се злоупотребувале, а тие ќе формираат јавно претпријатие кое ќе биде во сопственост на Општината, па парите од паркинзите ќе се трошат за доброто на градот.

 

„Без подробна информација, анализа, студија, план, на последната седница на Совет пред референдумот, власта од популизам предлага формирање на јавно претпријатие за градски паркинзи. Доста нестручно се предлага, со една реченица образложение, без да се каже какви проблеми се затекнати, што ќе реши ова, како ќе функционира“, обвини Николче Јанкуловски од ПОДЕМ.

Елена Трајчевска од ВМРО-ДПМНЕ праша што ќе се случи со сегашните вработени во Градски паркинзи откако ќе се формира новото јавно претпријатие?

Габриела Илиевска од незвисната група „Поинаку“ рече дека претходно неколкупати гласала против веќе склучениот договор за градски паркинзи, дека создал хасо во сообраќајот и дека парите на граѓаните се злоупотребени.

„Зошто се чекаше десет до единаесет месеци за да дојде една ваква иницијатива на дневен ред, зошто ќе чекаме уште толку време за таа да биде реализирана и зошто кога има работи кои не се правилни и треба да се санкционираат во врска со стопансувањето на паркинзите никој не презема дејствија против тоа“, рече Илиевска.

Претседателот на Советот, Валентин Груевски, иронично на опозицијата ѝ возврати „се радувам што сѐ уште мислите дека паркирањето во градот е добро и дека пред пет или шест години донесовте добра одлука“.Тој рече дека јавно претпријатие не може да се формира во еден чекор, туку последователно, по прифајќањето на иницијативата ќе се гласа статут, деловник за работа, органи, па да работи.

„Сакаме парите на граѓаните кои ги плаќаат за паркирање да одат во општинската каса, односно во касата на јавното претпријатие, а ќе биде во сопственост на Општина Битола. Неколку пати во изминатиот состав имавме иницијативи за одземање на концесионерството од приватнииот концесионер. И денес тврдам дека цената која ја наплаќа концесионерот е надвор од одлуката која ја донесе еден од претходните совети. Требаше да биде 30 денари паркирање за 2 часа и плус 10 денари за секој нареден час. Сега е 30, плус 30, плус 30. Ако не дај боже го заборавите телефонот вечерта ви иди сметка од 500 до 600 денари, како да сте се паркирале во Њујорк“, рече Груевски.

Методија Илиевски, координатор на советниците од СДСМ од говорницата рече дека мислел оти „колегите од опозицијата ќе молчат бидејќи и самите се свесни каков договор склучил бившиот градоначалник на Општина Битола, коруптивен до даска за свој личен интерес и интерерс на бизнис профитерите од ВМРО-ДПМНЕ“

По ова се слушнаа дофрлувања од некој од советниците од опозицијата, на што Илиевски возврати велејќи „значи сум сигурно убеден дека ќе умрите од мака“. Подоцна објасни дека сакал да им рече на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека им е мака што во нивно време имало коруптивни договори, а сегашната власт прави претпријатие во интерес на градот.

Сепак, по ова атмосферата во општинскиот Совет стана тензична. Советниците од опозицијата искокаа од советничките места, извикуваа „о, ова не може вака“ и на цел глас викаа да се прекине седницата, некои стигнаа дури и до местото каде седеше претседателот на Советот. Беше дадена пет минути пауза, а на продолжението побараа извинување од Илиевски.

„Браме од колегата да се извини и во иднина да не слушаме вакви навреди“, рече Иванчо Тошевски, координатор на советничката група од ВМРО-ДПМНЕ.

Габриела Илиевска од „Поинаку“ рече „ со лични навреди и закани од овој тип нити сме функционирале, нити имаме намера да фукнционираме, навреда кон советник е навреда кон луѓето кои го гласале.“

Методија Илиевски повторно излезе на говорница и рече дека не мислел лично да ги навреди, па ако има потреба од извинување ќе го направи и тоа.

„Всушност сакав да го кажам следното да, точно, мака ви е и ќе ви биди мака на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржуваа коруптивните договори кои ги склучуваше во изминатиот период Владимир Талески. Сите говоревме дека треба да се формира јавно претпријатие за паркинзи за да се среди хаосот во сообраќајот, но воопшто не беше потребно партиски профитери блиски до ВМРО-ДПМНЕ да добијат да ги стопанисуваат паркинзите за лични интереси“, рече Илиевски.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани