АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Голем снег падна на Пелистер овој викенд, над 1 метар, а ски центарот Копанки веќе се подготвува за почеток на новата ски сезона.
Снегот напочеток направи проблеми околу проодноста на патишта, ама затоа пак донесе радост кај вљубениците во скијањето.
Како течат работите на терен се очекува во сабота битолчани и посетителите од регионот првото скијање да го сефтосаат уште оваа сабота. Засега единствен проблем се неколкуте навалени бандери за довод на електрична енергија над стазата Копанки, предизвикано од невремето и тежината на снегот, и се уште нема довод на струја.
Директорот на ЕСМ „Молика“, Горан Исков вели дека ЕВН е контактирана и се очекува проблемот да се реши час поскоро.
Инаку според Исков подготовките за новата ски сезона на Пелистер започнаа совреме, од почетокот на есента и веќе се направени сите потребни реконструкции и проверки. Исчистени се камењата од стазата, проверена е конструкцијата на ски лифтот, променети се гуми и лежишта и сето тоа со на стручниот тим на АД ЕСМ - РЕК „Битола“ и ФОД ДООЕЛ Битола, за извршување на електро - машински ремонти.
„Во завршна фаза сме со подготовките за почеток на ски сезоната на Копанки. Се проверуваат сите сегменти во делот на жичарата и стазата. Од оваа сабота сметаме дека се ќе биде во функцијата, вклучувајќи го решавањето на проблемот што го имаме и со ЕВН со скршените бандери и прекинатиот довод на струја. Најважно е што имаме снег и оваа сезона ветува многу за Копанки и хотелот ‘Молика’ со кои стопанисува ЕСМ Молика“, вели директорот Исков за „АПЛА.мк“.
Годинава обновени се и корпите од жичарата со нова дрвена подлога на седиштата и заштита на металниот дел. А годинава после 40 години од темел е изградена и нова ски лифт куќарка.
Големите наноси од снег овој викенд предизвикаа проблеми во проодноста на патот од Битола кон хотелот „Молика’ на Пелистер и ски стазата „Копанки“.
Откако екипите на ЈП „Македонија пат“ не успееја да го пробијат патот до хотелот, на помош со механизација се вклучи приватната фирма „Боб кет“ од Битола и од вчера патот е пробиен и прооден за сообраќај. Екипи на НП „Пелистер“ се вклучени во отстранување на искршените дрвја на патот.
Хотелот „Молика“ на Пелистер во континуитет е пол со гости, а најчесто е посетуван од гости од соседните држави и туристи од неколку европски земји.
Реновирањето на хотелот „Молика“ заврши годинава и тој е адут плус за развој на зимскиот туризмот на Пелистер. Хотелот е оддалечен на околу 15 километри од Битола има преубав поглед кон градот Битола, демирхисарскиот крај, Пелагонија и Преспа. Во хотелот целосно се обновени сите соби, целата инфраструктура од водовод, канализација, плочки, подови, имаме нова фасада на објектот, а обновен е и ресторанот со 200 седишта, направено и детско катче.
Ова лето Општина Битола го реконструира и патот кој води до НП „Пелистер“ и хотелот „Молика“, меѓу потпелистерските села Трново и Магарево кој е составен дел од асфалтирана сообраќајница до Националниот парк Пелистер.
текст Анета Блажевска