2win800x200

Цветни леи и детски паркови ја исполнија Битола

Јули 05, 2021

 

Како печурки после дожд никнуваат детски паркови во Битола. Ако своевремено Битола беше градот на клавирите, на конзулите, сега нема да згрешите ако кажете дека е градот исполнет со детските паркови и цветните леи. Последната година најградскиот град во државата го менува ликот.

Како на минувач по битолските улици ви останува впечатокот дека нема празен простор каде нема детски лизгалки, мини вртелешки, разни други реквизити, едноставно кажано шаренило од бои, па ве обзема милина од детскиот џагор и насмевките на лицата на најмладите битолчани. Целата слика за градот е зачинета со стотици цветни леи со прекрасни аранжмани каде секое парче зеленило раскажува своја приказна.

Официјалните бројки се дека на околу 50 локации во градот се направени паркови, од кои најголемиот број се збогатени со детски реквизити, а 4 се инклузивни паркови. На над 20 локации се направени нови паркови, вклучувајќи го и еко паркот и паркот за домашни миленици сместен на Градското шеталиште во Битола.

Намерата на локалната власт да гради детски паркови, да уредува хортикултурно простори особено е засилена во последните месеци, што многумина го поврзуваат со предизборието. Така нов детски парк преку ноќ никна кај зградата „Грозд“, каде зелената површина се разигра и уреди, а во неа секојдневно тече забавата на најмладите, станарите од околните згради. Паркови се уредија и во Нова Битола, во населбата Ушици, ама и во неколку села кои гравитираат кон општината, како Горно Оризари, Цапари, Црнобуки, Бистрица, Логоварди, Кравари, Буково и Егри. Се уредија детски парови во дузина битолски улици, се обновија реквизитите во неколку градинки и училишта. Градскиот парк во Битола доби нов инклузивен парк и за деца со посебни потреби.

Наспроти ваквата слика за Битола останува и впечатокот дека Битола со право го добива и епитетот цветен град, покрај прекрасните цветни уредувањата на повеќе локации кај Безистенот, Градскиот часовник, Центарот за култура, Широк Сокак, Кружен тек кај „Веро“ и на многу други места.

Новите цветни уредувања ги разбудија апетитите на битолските „домаќини“, да крадат цвеќиња и да уништуваат по цветните парковите, ама затоа пак општината се досети да го возобнови еден од расадниците на ЈКП „Комуналец“ и во континуитет да ги „следи“ арамиите и да прави чуда со нови аранжмани.

цветни леи

„Идејата за нови хортикултурни уредувања во градот, кои ги опфаќаат и детските паркови, произлегуваат пред се од програмата за работа на градоначалничката Наташа Петровска, во која е наведено дека една од новите политики ќе биде облагодорување со нови зелени површини. Исто така, дел од идеите доаѓаат и по средбите со локалното население, како и приоритетите кои ги донесуваат урбаните и месните заедници, по што се вметнуваат во годишните планови и програми за работа на општината“, велат од Општина Битола.

Сепак, дел од битолчани на социјалните мрежи реагираат како се бирани локациите за детските паркови, дали се консултирани стручни лица и колку се безбедни со оглед на тоа што се поставуваат близу прометни улици со сообраќај. Дел од новите паркови не се соодветно оградени.

„Убаво е што се градат детски паркови, но што е со безбедноста? Еве јас како баба прашувам колку се сигурни нашите деца на тие реквизити, дали некој ќе врши контрола околу исправноста на самите елементи, треба ли да има табли насекаде каде ќе пишува на која возраст треба да бидат децата што ќе ги користат реквизитите?“, вели битолчанката Марија станар во зградите кај Гроздот.

Од Општина Битола велат дека лицата коишто ги уредуваат зелените површини ги поставуваат детските реквизити и секогаш се води грижа за корисниците на детскиот парк, со тоа што на местата каде што постои опасност поради блискоста на сообраќајна површина, „Комуналец“ поставува и заштитни огради.

„За безбедноста на најмладите во самиот парк, треба да се грижат возрасните, заради што се поставени и табли со натписи во самите детски паркови“, велат од таму.

Битолчани се сеќаваат дека пред десетина години петгодишно дете се здоби со фрактура на главата откако падна од трамболина, а тогаш општинската власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ се огради од случајот бидејќи немилиот настан се случи во детски забавен парк стопанисуван од приватно лице. Од правен аспект и тогаш и сега адвокати велат дека во случај на повреда на малолетник отштетата ја сноси сопственикот на паркот.

Што се однесува до финансиите, од 2020 година досега за детските паркови и уредувањето на површините се инвестирани над 13 милиони денари, средства од Општина Битола во соработка со „Комуналец“, како и средства добиени преку реализација на проекти, финансирани од различни фондови.

Работите продолжуваат, дали поради локалните избори или веќе донесените планови, но за скоро се планираат уште неколку нови паркови. 

Од Општина Битола велат дека е склучен договор за нов парк кај УЗ „Кочо Десано“ во вредност од 986 илјади денари, кај хотел „Битола“ во вредност од 503 илјади денари и кај училиштето „Даме Груев“, во вредност од 860 илјади денари. Изведувачите се воведени во работа и активностите во дел од нив се отпочнати.

Во постапка за јавна набавка и избор на изведувач се парковите на ул. „Смилевски конгрес“, паркот „Стив Наумов“, како и избор на изведувач на нов парк кај „Симпо“, најавуваат од Општината.https://nezavisen.mk/cvetni-lei-i-detski-parkovi-ja-ispolnija-bitola/?fbclid=IwAR2otT_gnaIXg_urBl4PRimPNtt0UYhaCTZnsVK7N9BtytETxBHBAJFQsZ0

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани