Webp.net gifmaker

БОРОВИНКАТА БЕГА СЀ ПОВИСОКО НА ПЕЛИСТЕР

Февруари 14, 2020
Фото: НП Пелистер Фото: НП Пелистер

Боровинката, најсобираната бобинка на Пелистер,  се сели на повисоките планински предели и е со намален плод. Последица е на притисокот од инвазивните растенија, молика, ела, смрека и најверојатно како резултат на глобалното затоплување. Пелистер дава по 200 тони годишно боровинка, но просечната големина на плодот е намалена, вели Тошо Арсов, професор од Факултетот за земјоделски науки и храна, експерт за самоникнати растенија.

 

Теренските истражувања во рамки на проектот Одржливо управување со растителните природни ресурси, имплементиран од УНДП и Министерството за животна средина, покажаа дека плодот на боровинката е околу 0,23 грама, а во педесетите години бил 0,48 грама.

„Цветањето и зреењето, односно сите фенофази се одвиваат  продолжено по еден месец. Просечната маса на плодот е помала со одреден процент од претходно. Продуктивноста е иста од 150 до 400 грами по метар квадратен. Онаму каде се моликите и инвазивните видови продуктивноста е дури и до 50 грама по метар квадратен, многу мала. Боровинката се качува на повисоко поради притисокот од инвазивните видови. Под моликата и елата се среќаваат боровинки  со многу помала продуктивност. На оние чисти површини што пред 30 години ги имаше од страната на Переспа има доста смрека“, рече Арсов.

Боровинката изобилува со витамин Ц и се користат плодот и листовите како храна и напитоци. Таа е на прво место од самоникнати растенија што се собираат на Пелистер. Од Националниот парк, кој беше вклучен во проектот, велат дека многу често се бери боровинката  пред да созрее со што настанува оштетување на растението. Поради тоа, внимаваат периодот на берба да го одредат кога таа е созреана.

„Бројот на собирачи расте. Доаѓаат сега берачи од другите краишта, претежно од Велес, отколку самите битолчани. Инаку е добар приход за месното население. Се берат од 100 до 200 тони боровинка годишно. Се размислува за нов преработувачки капацитет во близина на паркот, па овие производи да не се продаваат како суровина, туку да добијат нова дополнителна вредност“, рече директорот на паркот Амет Аџиу.

Во строго заштитените зони не смеат да се собираат лековити билки. Изработени се и  15 дигитални мапи на распространување на самоникнатите лековити растанија на Пелистер.

„Жолтата линцура (чемер) има одредени региони човекот каде не поминува е во многу добра состојба, а онаму каде што поминува како турист или за да збира боровинка е доста загрозена, во многу помал број и на некои места е сосема уништена. Во иднина  треба да биде една од активностите на националниот парк мониторинг и конзервација на овие видови кои се ендемски“, рече професорката Силвана Манасиевска Симиќ, тим лидер на проектот.

Со прокетот беа опфатени 138 собирачи на лековити растенија, чија возрасна граница е се поголема, а младите не се заинтересирани за собирање, како и 24 000 хектари од Пелистер и Преспа. Планината изобилува со лековити растенија, а често се случува населението што живее околу да ги купува увезени од продавница, иако ми се на чекор да ги собере. Пример, дивото оригано, она што го ставаат во екстрактите во лековите за имунитет, е истото оригано што расти не Пелистер и се пие како планински чај.

 Ж.З.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани