Webp.net gifmaker

Спортската приказна се затвора (пишува Валентин Груевски)

Февруари 13, 2020

Битола полека но сигурно си ја затвора својата спортска приказна. Она што пред три години, беше незамисливо и што секој искрен вљубеник во спортот го посакуваше, полека но сигурно станува реалност.  Се враќаат резултатите, се враќа публиката, се гради инфраструктура. Знаевме дека нема да биде лесно и брзо, ама цврство верувавме во она што го правиме и знаевме дека ќе успееме.

Вчера на Битола и се случи ракомет. Ама ракомет во вистинска смисла на зборот. Вчера беше гордост да бидеш во салата. Ракомет на светско ниво, полна сала како во старите добри времиња (ама и новите нема да бидат лоши), организација перфектна , ама и публика прва класа. Ниту една пара, ниту еден чакмак, ниту едно вреѓање кон гостите (иако беа посреќни), аплауз за сите. Она што сме го сакале  и го гледале по тв екраните, дојде и кај нас. За доживувањето и чувствата в сала нема зборови.

За тие што не паметат, за да дојди до ова  се среди салата, се намести светлото,  се поправи и осветли паркингот, се купија голови, се фузираа два клуба, иако малкумина верувавме во тоа, ама се случи. Амбициите растат, оправдано. Титула? Куп? Зошто не.

Кугланата

Ама не е само ракометот и спортската сала. Битола добива стадион, Битола добива фудбалски храм, на кој  сакаме  да гледаме меѓународни натпревари. Ама пред тоа, изгледа по пауза од две години  ќе видиме и прва лига. Оспособено е  помошното игралиште, ќе се загради  Ќумурното, а игралиштето во Горно Оризари ќе биди база на која Пелистер ќе може да тренира. За потсетување, таму немаше ниту вода, ниту струја.

Битола расте и во еден друг спорт, од категоријата на мали спортови, а тоа е куглањето. Агенцијата за млади и спорт го распиша тендерот за реконструкција на битолската куглана во вкупна вредност од 200.000 евра, директна поддршка од централната власт. Добиваме куглана по светски стандарди.

Затворен базен

Затворен базен е дамнешната  желба на многу битолчани. Многумина се потсмеваа на најавата, на идејата, ама разбирам, тешко е да се навикнете дека, некој, кога ќе каже нешто, не лажи. Битола ќе добие базен во основното училиште „Даме Груев“, со димензии од 25х8 метри, не олимписки, ама сосема доволен за нашите дечиња, и доволен за сите што сакаат да го користат за рекреација.

Знам дека некој не верува се уште, ама јавноста треба да очекува дека многу скоро, ќе започне изградбата на истиот, бидејќи целата постапка е завршена, договорите се потпишани и се чека официјалниот почеток на изградбата.

Желбата на локалната власт е мандатот да се заврши со една сала за мали спортови , која би била на местото на сегашната руинирана боксерска сала, а свое место би нашле боксерите, гимнастичарите, боречките спортови, боди билдинг, пинг-понг и останати ,,мали“ спортови.

Пишува: Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани