СО БОЛЕСТА ТАПКАМЕ ВО МЕСТО, ПОКАЖУВААТ АНАЛИЗИТЕ НА ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКОВСКИ

Мај 15, 2020

Со болеста КОВИД-19 сме во пат позиција, тоа го покажува репродукциониот број R0 кој е еднаков на еден што значи дека бројот на новозаразени е во просек еднаков на збирот на оздравени и починати, покажуваат математичко- статистичките анализи на редовниот професор од Техничкиот факултет во Битола, д-р Дејан Трајковски.

 

„Денеска бев прилично изненаден откако го пресметав основниот репродукционен број R0 на епидемијата на КОВИД-19 во Македонија од избувнувањето на епидемијата до денес. Да се потсетиме, при R0>1 епидемијата експоненцијално расте, а при R0<1 експоненцијално опаѓа. При R0 многу поголемо од единица растот може да биде експлозивен (италијанско/шпанско сценарио). Забележуваме дека после 18.03.2020, денот кога е прогласена вонредната состојба, а особено на 22.03.2020 R0 нагло опаднал од оние високи вредности над 3 на поприфатливи вредности, не многу поголеми од единица. Со пад на R0 под единица на Велигден епидемијата од забрзување премина во забавување. Охрабрени од брзото стивнување на епидемијата, на 30.04.2020 беа олеснати мерките, а на последиците не моравме да чекаме долго: R0 започна полека, но сигурно да расте и моментално е околу единица“, вели професорот Трајковски.

Тој појаснува дека R0=1 означува пат позиција, односно бројот на новозаразени е во просек еднаков на збирот на оздравени и починати, така што бројот на активни случаи останува приближно константен.

„Да немаме лажен оптимизам, бројот на новозаразени при тоа се наголемува со константна брзина, по аритметичка прогресија (за среќа, не геометриска). Дали верувате дека промените во динамиката на R0 по 18.03 и 30.04 беа случајни? Дали сме задоволни со ова тапкање во место, на кое не му се гледа крајот? Зар не е подобро со малку повеќе социјално дистанцирање да го спуштиме R0 повторно под единица и постепено да ја згаснеме епидемијата? Од сите нас зависи“, потенцира професорот .

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани