2win800x200

Да останеме позитивни во негативна ситуација ( пишува Марија Младеновска Димитровска)

Ноември 22, 2020

Пластична вреќа, два метри дупка и неколку кубици земја над тебе. Тоа е се... Погреб недостотен за човечко суштество. Никој близок да те испрати на вечното почивалиште...Те нема, ко да не си бил, ко да не си постоел никогаш. Стануваш само бројка во дневниот билтен на умрени...  За некого си број, за некого си сиот свет...


Да,  оваа е морбидната слика која ни се сервира, која ни стана секојдневие и сурова реалност . Колку само поразува, обесхрабрува, боли и убива овој факт, но во исто време колку освестува, отрезнува,  ослободува... 
 
Во овие моменти кога смртта ни чука на врата на сите, кога ни се смешка зад секој агол и ни кажува колку животот е кревок, кршлив, минлив, кога не толчи спознанието дека денес сме, а утре веќе не нема, колку треба да се освестиме и да го зграбиме секој миг, да го редефинираме, репрограмираме нашиот живот, да си дариме малку повеќе љубов, разбирање и поддршка едни на други, да го преживееме денот како да ни е последен, зашто не знаеме, можеби и ни е последен... Да го впиеме животот со сета полнота, да го вдишеме секој атом од универзумот, да не чекаме  специјални прилики за било што,  зашто секој миг е специјална прилика.
 
Смртта и претходно демнеше над секој од нас, смртта демнее над нас од кога ќе се родиме, зашто и самото раѓање е своевидна смрт на еден претходен живот во утробата. Но смртта никогаш претходно не била вака медиумски сеприсутна и експонирана... 
Во очите на луѓето се гледа стравот, немоќта, очајот...Во срцето ни се вгнездил, не потиснал, не навјасал, не поразил...
 
И зошто би се труеле со стравови од смртта? Кога мене ме ИМА, смртта ја НЕМА, а кога смртта ќе дојде, мене ќе ме нема... Ќе се разминеме на крстосницата на универзумот... Секоја по својата траекторија во паралелните универзуми...
 
И колку во оваа наша некрофилска (не)реалност или надреалност, која ја живееме, преокупацијата со смртта ни стана дневна доза отров кој го земаме и со кој се труеме, заборавајќи да живееме... Ние само преживуваме во исчекување.. А на што?  Што чекаме?  Што исчекуваме? Колку пати ќе умираме пред вистински да умреме?  Ние и онака умираме секој ден... Милиони наши клетки умираат секој ден.. Онаа јас од вчера веќе ја нема...  Оваа јас од денес утре ќе ја нема, но ќе се роди  некоја нова јас изменета, подобрена верзија, која повторно ќе умре за одново да се роди... И се така во круг во животниот циклус од бескрајни умирања и раѓања се до конечноста на земниот живот, а потоа којзнае? Можеби таа  конечност е само почеток на нова конечност или нова бесконечност?!
 
Зарем не е поважно да се посветиме на тоа да живееме пред да умреме, отколку да се опседнуваме со смртта??? 
 
Најстрашно во оваа пандемија е што стравот не само што ни го украде животот, туку ни ја украде душата, радоста... не оттуѓи едни од други... не украде дури и од себе си... Стравот се вгнезди во секоја наша пора во секоја наша клетка... Наместо животот и животната радост да пулсира во секој наш атом, пулсира стравот, стравот од смртта, стравот едни од други, стравот од животот...
Зарем ќе дозволиме стравот да не порази , да ни ја урниса силата да се бориме? Да ни ја порази душата? Секој од нас е цел еден универзум во мало... Секој од нас има бескрајна сила да опстане, да се бори, да се самоисцелува ... Ние како луѓе сме  најсовршената и најсофистицирана машина која постои? Ние сме најсофистицираната интелигенција, која има моќ да се програмира, репрограмира, да се кодира и декодира, која има моќ за квантно исцелување од многу поопасни болести како ракот, а сега потклекнуваме заплашени, поразени... длабочината на нашата свест и потсвест е бескрајна и неистражена како бескраен универзум и има огромна исцелителна моќ, но во исто време има и моќ да не потопи...Тие недопрени пространства од внатрешни светови и тоа како влијаат врз нашите животи, но како ќе ни влијаат изборот го правиме ние самите.. силата на психата е поважна од силата на телото... многу е важно психички да сме  нескршливи и силни, за и телото да ни биде силно...
 
Зарем може вирус да не уништи, ако во секоја наша клетка го имаме најсилниот антивирус - љубовта кон животот, љубовта кон се и кон сите, а пред се кон себе... ако во секоја наша клетка пулсира животот и животната енергија нема место за страв...
 
Смртта колку и да ни дава чувство на бесмисленост, безвредност и апсурдност на животот, исто толку ни ја дава сета смисла на нашето постоење, сета вредност и скапоценост... 
 
Што би правеле кога вечно би живееле? Како би изгледал светот ако сме вечни? Замислете колку бесмислена би била вечноста?!
 
И наместо да се опиваме од стравот, време е да се запрашаме  колку ова време-невреме треба да не отрезни од нашето пијанство од заблуди и од стегите на нашето хипертрофирано его... Да научиме да го цениме мигот, неговата совршена несовршеност, неговата скапоценост и неговата (бес)конечност, зашто животот е само еден (бес)конечен миг...
 
И на крајот на краиштата што е важно кога и како ќе умреме, зарем не е поважно како живееме и сме живееле?
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани