2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Во насока на спроведување на Истанбулската конвенција, РСМ од 2013 година има стратегии за родова еднаквост, а најновата Стратегија 2021-2026 е во Собранието од август 2021 година, долго време во фаза на второ читање, иако министерката за труд и социјална политика уште во декември 2021 г. ја претстави пред матичната комисија во Собранието. Постои и Акциски план 2018-2023, а пробив во позитивна насока е направен лани, кога прв пат е донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство во 2019 г. Но, во имплементацијата има проблеми што произлегуваат од немање на одредени центри за заштита, а најмногу поради поголемите финансии што се неопходни за оваа намена

Дискриминацијата поради родовата припадност, поради пол, проблемите со насилството врз жената, како и семејно базираното насилство, сѐ уште се гледаат во секојдневната практика и се предизвик за РСМ, иако во некои полиња има значителен пробив на подобро.

На пример, застапеноста на жените во сите области од општественото дејствување останува дискутабилно и бара активни мерки за постигнување на рамноправност. „Иако жените се еднакво или повисоко образовани од мажите, учеството на жените на раководни позиции и во бизнисот и во јавниот сектор е драстично помало, исто како што е значително помала и застапеноста на жените во политиката.

Последните локални избори одржани во 2021 година покажаа дека за 81 градоначалничко место беа кандидирани само четири жени, што укажува дека во политичкото дејствување на партиите жените тешко се пробиваат, а тоа се гледа и во актуелниот состав на Владата на РСМ, каде што учеството на жените е само 20 отсто. И тој процент се должи само на задолжителните квоти при кандидирање пратеници, инаку би бил минимален, исто како што е во локалната самоуправа.

Ваквата разлика се отсликува и во високото образование, каде што нема ниту една жена ректор, а мал е бројот и на жените декани. Овие и многу други податоци беа објавени и од „Порталб“, „Вистиномер“ и „Мета“ во истражување што ја потврдува големата родова разлика и ги оправдува критиките за ова прашање што можат да се најдат во последните извештаи на ЕК – се наведува и во извештајот на „Метаморфозис“: „Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“.

Стратегија и акциски планови постојат, имплементацијата со проблеми

Во насока на спроведување на Истанбулската конвенција, РСМ од 2013 година има стратегии за родова еднаквост, а најновата Стратегија 2021-2026 е во Собранието од август 2021 година, долго време во фаза на второ читање, иако министерката за труд и социјална политика уште во декември 2021 г. ја претстави пред матичната комисија во Собранието. Постои и Акциски план 2018-2023, а пробив во позитивна насока е направен лани, кога прв пат е донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, по што беа донесени и неколку подзаконски акти од страна на Министерството за труд и социјална политика (MТСП), но и од страна на другите министерства задолжени за спроведување, како што се МВР и Министерството за одбрана.

Во насока на сумирање на постигнато МТСП во април упати Извештај до група експерти при Советот на Европа – GREVIO, каде се набројани и сите активности спроведени во имплементација на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и други закони, соработката со невладиниот сектор и слично. На пример, се бројат законот, усогласување на други закони, правилниците, бројот на обуките што ги спровеле врз своите вработени за елиминирање и справување со насилството врз жената, политиките преземени во други институции на извршната и законодавната власт, родово базираното насилство (РБН), семејното насилство итн.

Но, според експертско мислење од Извештајот на „Метаморфозис“ за остварување на основните права во РСМ, проблемот е во имплементацијата:

„Во однос на стратешки и законски документи е направен пробив, но како и по обичај, проблем е имплементацијата. А еден од најголемите проблеми во имплементацијата се финансиите, сметаат експертите, наведувајќи, на пример, дека Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и други сродни закони се „скапи закони“, односно потребна е и посериозна финансиска поддршка во имплементацијата. Еден од проблемите е спроведување на законските обврски за третманот на таквите жртви, преку мрежата на постојните центри за социјална заштита, шелтер-центрите, но и психолошката помош и на жртвите и психосоцијален третман на сторителите, со цел да не се гледаат како повратници“ – се наведува во извештајот.

Недостигаат центри за жртви на сексуално насилство

Државата во споменатиот извештај до СЕ декларира дека МТСП има и „13 центри за жени жртви (и нивните деца) на семејно насилство, од кои осум (8) се организациона единица на меснонадлежниот центар за социјална работа, два (2) се финансирани од Министерството, а менаџирани од здруженија, и еден (1) е финансиран од локалната самоуправа, а менаџиран од здружение“.

Според експертското мислење што е користено во извештајот на „Метаморфозис“, проблемот е што во вака декларираните центри, центри за сексуално насилство нема ниту еден, а и за и шелтер-центрите не се знае колку се. Она што се знае, на пример, е дека во Полошкиот регион, како што беше истакнато на една  трибина организирана за овој проблем, не постои ниту една од овие форми на центри. Има само Центар за упатување на жртви на сексуално насилство, кој е во состав на Општата болница во Тетово и во овој момент бројките се минимални во однос на тоа колку жени и девојки се жртви.

Бидејќи и невладините организации се вклучени во борбата за превенција, спречување и справување со насилството врз жената, родово базираното насилство, децата жртви на насилство итн., а имаат и законско право да бидат даватели на специјализирани услуги, државата годишно издвојува околу 65 илјади евра, што може да се оцени како малку.

Проблемот со обесштетување на жртвите се очекува да биде надминат со нов закон

Парите, и не само парите, се проблем и за обесштетување на дете жртва на насилство, согласно Законот за права на децата. Според веќе посочениот извештај на МТСП до Советот на Европа, Министерството за правда одвојува буџет за оваа намена, а тој за 2020 и 2021 година изнесувал нешто над 16 илјади евра. Проблемот, како што ни посочија од фокус-групата за „извештајот на Метаморфозис“, не се само малкуте пари, туку и сложената постапка според законот за дете да добие пари од отштета. Притоа беше споменат еден случај кога за добиена отштета од 400 илјади денари, постапката била започната во 2014 година, а завршила лани во 2021 година. Од самиот фонд на МП откако е воспоставен, досега биле обесштетени уште седум деца.

Вистински пробив во оваа насока се очекува со законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство, кој сѐ уште е заглавен во Собранието, иако е доставен уште во август минатата година. Со овој предлог-закон ако биде донесен, процедурите се поедноставуваат за исплата на надоместокот, па она што се очекува е само зголемување на фондот за таа намена, доколку сторителот нема да може да исплати обесштетување, што е најчесто случај – се заклучува во извештајот на „Метаморфозис“ за почитување на основните права на човекот во РСМ, што беше изготвен во рамки на редовните програмски активности со поддршка од Националниот фонд за демократија од САД.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Бројот на претставки кај НП и во 2022 има благ тренд на пораст, а според Народниот правобранител Насер Зибери граѓаните и натаму се жалат на истите области: на правосудството, во делот на извршувањето и работата на извршителите, полициските овластувања, безбедносниот сектор, состојбата во затворите, состојбата со правата на децата, особено во поглед на образованието, и за прв пат во 2022 г. и претставки од областа на правата поврзани со домувањето

Народниот правобранител(НП) е институција наменета за заштита на основните права на човекот, која што е одамна воведена во правниот систем во РСМ и заедно со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е една од двете самостојни институции задолжени за заштита на правата на граѓаните.

Функционирањето на Народниот правобранител може да се оценува по повеќе параметри, но секако еден од клучните би бил бројот на претставките што граѓаните ги упатуваат до институцијата. Споредувајќи период од пет години наназад, може да се заклучи дека Народниот правобранител по години опаѓање почнува да бележи зголемување на бројот на претставките во 2021, а тој тренд продолжил и во 2022 година. Ова се заклучува и во Извештајот на „Метаморфозис“ за степенот на почитување на човековите права во РСМ во рамки на евроинтеграциските процес, „Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“.

Во извештајот се наведува дека „во 2021 година биле примени/заведени 2.686 претставки, а 389 биле пренесени од претходната година или вкупно се регистрирани над 3.000 предмети. Притоа, најмногубројни биле од областа на правосудството – 436 претставки или над 16 отсто, потоа претставките од областа на детските права – 254, на трето место биле претставките за заштита на потрошувачките права – 228 , потоа во однос на правата од работен однос – 218 претставки, од областа на социјалната заштита – 183 претставки, од областа на работењето на казнено-поправните и воспитните институции – 162 претставки, од имотно-правната област – 150, од областа на урбанизмот и градежништвото – 136 претставки и другите се претставки од други области“. Податоците извадени од Канцеларијата на самиот Народен правобранител, од Годишниот извештај за работата во 2021 година, ја покажува споредбата за примени претставки во изминатите пет години:

Табеларен приказ со број на примени/заведени претставки (извор НП)

2016 г. 2017 г. 2018 г. 2019 г. 2020 г. 2021 г.
3775 3223 3458 3453 2448 2686

Анализата на бројот на примени и обработени предмети, односно оние по кои се постапувало, покажува дека над една третина остануваат непокриени, односно во 2021 година се постапувало по 67,80 отсто од вкупниот број од над 3000 предмети:

„Од вкупно 3.075 претставки, Канцеларијата на НП постапувала по 2.085 предмети или 67.80 отсто, а од нив во 755 предмети е констатирана повреда на човековите слободи и права и интервенирано е со цел отстранување на тие повреди. Притоа, во 500 случаи надлежните органи постапиле по интервенцијата на Народниот правобранител, во 233 НП морал да интервенира на други начини до повисоки органи, а во 23 предмети во април сѐ уште се чекаше одговор од надлежна институција или орган.

Од ова може да се види дека ефикасноста на Канцеларијата на НП е нешто над две третини во однос на вкупниот број предмети по кои работат, што можеби зависи и од непополнетоста на работните места според систематизацијата што ја има оваа институција“ – се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

Непополнети 100 места кај НП според систематизацијата

Со последниот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во Стручната служба, Тимот на националниот превентивен механизам, Посебните одделенија и Канцелариите на Народниот правобранител НПР бр. 1695/3 од 1.7.2021 година, предвидени се 183 работни места за извршување на работните должности, од кои до декември 2021 година пополнети се 85 – се наведува во Годишниот извештај на НП за 2021 г..

Зибери: Бројот на претставки расте и во 2022 г.

Она што се нарекува пресекување на трендот и трансформација од опаѓање во зголемување, ќе треба да се потврди во следните извештаи на Народниот правобrанител. Но, сигурно е точно дека тоа зависи не само од поагилно работење врз предметите, туку и од претставувањето на Канцеларијата и начинот на нејзина работа преку медиумите. Ова го констатираше и самиот Обудсман.

„Народниот правобранител Насер Зибери, во гостување на ТВ „Телма“ на 25.5.2021, посочи дека благодарение на соработката со медиуми (особено со посочената телевизија) заради зголемување на видливоста на Канцеларијата НП и препознавање на институцијата од страна на граѓаните како тело што е во заштита на нивните основни права, бројката на поплаки во првите пет месеци од 2022 г. е во пораст и е поголема во споредба со првите пет месеци од 2021 година, иако не прецизира нумерички податоци. Најголем дел од поплаките се однесувале на правосудството, во делот на извршувањето и работата на извршителите, полициските овластувања, безбедносниот сектор, при што особено ја апострофира Агенцијата за национална безбедност, состојбата во затворите, состојбата со правата на децата, особено во поглед на образованието, и прв пат и претставки од областа на правата поврзани со домувањето“- се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

Во однос на соработката со институциите Зибери вели дека таа е за степен подобрена кога станува збор за соработката со Владата. Тој во споменатото интервју од крајот на мај, посочува дека Владата сега редовно го известува НП доколку од Канцеларијата добие поплака за несоработка на некое раководно лице или орган на управа, но само со формално известување дека ја препратиле жалбата до посочената институција и дека чекаат одговор.

Иницијативност на НП во три области

Народниот правобранител согласно законот за негово функционирање има право и на иницијативи за измени на законски или подзаконски решенија во секоја област каде што ќе забележи дека има проблем со функционирање на системот во однос на остварување на правата на граѓаните.

Во извештајот се издвојуваат три области каде што според самиот НП Зибери, институцијата покренала иницијативи за промена на состојбите:

– Иницијатива до Собранието за измена на Законот за облигации, со што ќе се ограничи и казнената камата што ја плаќаат граѓаните должници кон доверителите, исто како што тоа претходно е сторено со договорната камата (поплаки од областа на извршувањето).

– Иницијатива во соработка со Регулаторната комисија за енергетика за измена на подзаконските акти со кои операторите за услуги поврзани со електричната енергија и снабдувањето со вода ќе бидат задолжени да ги читаат струјомерите и другите уреди најмалку еднаш квартално, наместо како досега еднаш годишно (поплаки поради паушални сметки).

– Измена на локацијата на малолетничиот затвор за женски лица од просториите на КПД Идризово (несоодветна локација за казна и ресоцијализација).

Буџетот на НП со благо зголемување

Канцеларијата на Народниот правобранител, и во годишниот извештај за својата работа и преку првиот човек на Канцеларијата, во изминатите месеци изнесе тврдење за не баш мало намалување на средствата што ги обезбедува државата за функционирањето на оваа институција. Според тврдењето на омбудсманот Насер Зибери, на прес-конференцијата по повод претставувањето на извештајот, буџетот за 2021 г. му бил намален кумулативно за 30 проценти споредено со 2020 година:

„Јас и министерот за финансии сме во перманентен судир за основни прашања, немаме средства да вршиме активности. Тоа е недозволиво. За 2021 година буџетот е намален за 10 отсто во споредба со претходната година. Истото се случи и со ребалансот во август, додека буџетот за 2022 година е 10 отсто од него. За една година буџетот е намален за 30 проценти. Ова го сфаќам како тенденција за задушување на институцијата“, изјави Зибери.

Според достапните податоци за основниот буџет за 2022 и Ребалансот во Собранието, може да се констатира дека државата не се претргнува со пари за Канцеларијата на НП, но сепак има благо зголемување за 2022 година. „Со ребалансот на буџетот од крајот на мај, Канцеларијата НП добива плус два милиона денари директно од буџетот на РСМ и околу 600 илјади денари од донации, така што буџетот на НП за 2022 би требало да изнесува 88.199 милиони денари или околу 1.432 милион евра, за разлика од утврдениот во декември 2021 за 2022 г. од 1.327 милион евра, пресметано според средниот курс на Народна банка – се констатира во извештајот на „Метаморфозис“, кој што е изработен во рамки на програмски активности подржани од Националниот фонд за демократија (НЕД) од САД.


https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани