АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Денес низ битолските улици за жал, се поретко може на Иванден да се чуе песната „Тајане-Бојане“.Уште само во неколку маали остана да се практикува стариот адет. Попривлечни се телефоните од групните игри и детски обичаи од минатото кои помагаа да се гради другарството и заедништвото.
Децата од Битола некогаш со големо нетрпение чекаа да дојде Иванден, еден од големите христијански празници од летниот циклус кога се слави раѓањето на Свети Јован Крстител. Нетрпеливо чекаа зашто на тој празник адет беше да се организира детска маалска свадба, односно да се спроведи на дело обичајот Тајане-Бојане. Од дечињата во улицата се одбираа зет, невеста, свекрва, кум, девер и сватови. Се полнеше ѓумче со вода од три чешми зашто во тоа време сѐ уште функционираа малските чешми. Се закитуваше со цвеќиња. На главите на девојчињата се стваа венчиња од цвеќиња зашто со Иванден од памтивек биле поврзани верувања за моќта на цвеќињата.Секој се облекуваше согласно улогата што ја имаше.
И така свадбената поворка тргнуваше од куќа во куќа пеејки ја пригодната песна Тајане-Бојане:
Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,
ункеши, ункеши, ункеши по маглата.
По магла, по магла, по магла ситна роса,
по роса, по роса, по роса мома боса.
Играле момите крај манастирот,
калуѓер гледа од пенџериња,
фрли си шапка на герамиди,
од герамиди на трендафили.
Домаќините кои ќе им ја отвореа вратата на дечињата им дава прехрамбени продукти од кои најчесто можеше да се замесе зелник. Тоа беа јаца, брашно, масло, а и пари за да купат зелје за суканицата. Откако ќе помнеа неколку часа низ околните маaла збирајќи храна, на крај избираа повозрасна жена домаќинка од нивната улица која ќе им направеше зелник. Него сите заедно го јадеа.
Ваквиот начин на одбележување иако немаше некоја верска порака, а се верува дека е поврзан и со словенската митологија, сепак имаше длабоко социолошко значење. Децата сами се организираа да направат такакажано маалска свадба, да се подготват, да ги прифатат своите улоги дека некој ќе биде зет, а друг сват, да обезбедат храна притоа дарувајќи песна и што е најважно да се дружат, да го поделат оброкот. Сите битолчани кои учествувале во овие адети денес со насмевка на лицата се сеќаваат на тие денови. За жал, празнувањето на Тајане-Бојане денес го има се помалку. Мал е бројот на маала каде адетот се одржува, а се помал е и бројот на „свадбари“.
Сонита Фејсовска, Оран Јашаровски и Архан Асланоски се тројца млади битолчани од ромска националност, кои со својот талент, квалитет и трудољубивост, постигнуваат високи резултати, ги рушат табуата и ја промовираат Битола.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, согледувајќи ги високите резултати кои ги постигнаа овие млади луѓе во спортот и образованието, организираше заедничка средба на која им честиташе за успесите, поттикнувајќи ги и понатаму да продолжат да се надградуваат, да напредуваат и на тој начин да бидат промотори на Битола, но и успешно да продолжат да ја градат својата иднина.
На средбата со градоначалникот, Сонита Фејсовска, ја раскажа својата приказна како некогашната далечна можност, еден ден да биде студент, после многу упорност и благодарение на нејзината амбициозност и јасна визија, денес ја доведе до дипломец на Педагошкиот факултет, првенец на генерација со просек 9,80.
Оран Јашаровски, како член на боксерскиот клуб „Куманово 84“ го освои годинешниов трофеј на Меѓународниот боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“, кој по вторпат се одржа во Куманово. Јашаровски информираше дека, на турнирот учествуваа дваесетина боксери од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Косово, а беа одиграни околу 20 мечеви.
На светскиот куп во куглање, пак во категоријата У18 во Естонија, младиот битолчанец Архан Аслановски, како претставник на Македонија со исклучителна игра успеа да влезе во најдобрите 8 машки играчи на Светскиот Куп, пласирајќи се на 7 место.
„Ваквите резултати, потврдуваат дека Битола има многу талентирани млади луѓе од различни националности, кои и понатаму ќе ја имаат заслужената поддршка од локалната самоуправа“, соопштија од Општина Битола.
Како дел од програмата на битолското културно лето, вчера во Битола, започна Балкан гала фестивалот. На првата концертна вечер на рок симфонија во придружба на Камерниот оркестар на Битола, настапија Ристо Вртев - Архангел, Гиле - Електрични Оргазам, Михајло Трајковски - Сак, Петар Младеновски - Суперхикс, Ружица - Ареа и Жарко Јакимоски.
Битолската населба Баир, неодмна доби нова чешма. На популарната локација “Тепсија” каде што има спортски терени и се движи голем број на ромското население со поддршка на ЈКП „Водовод“ Битола беше поставена нова чешма.
“Убаво е кога ќе се разбуди свеста дека таму каде што минуваме повеќе часови од денот, а не е нашиот дом, да направиме нешто за околината. Па така спонтано направивме и еко акција која целосно произлезе по наша иницијатива, како Тим за поддршка во населба БАИР, па решивме да собереме отпадоци и да расчистивме наоколу. Една убава акција за почист двор и нова чешма” - објаснува Филиз Алиу од Тимот за поддршка BST.
Вчера, поттикнати од идејата да се разубави овој простор и да се подигне еко свеста кај населението, се собраа дел од жителите и реализираа акција за чистење.
“Убаво е кога ќе се разбуди свеста дека таму каде што минуваме повеќе часови од денот, а не е нашиот дом, да направиме нешто за околината. Па така спонтано направивме и еко акција по наша иницијатива и собравме отпадоци и расчистивме наоколу” - објаснува Филиз Алиу од Тимот за поддршка BST.
На иницијатува за локална еко-акција се приклучи и ЈП „Комуналец“ Битола со цел да се уреди и просторот околу чешмата со што се создава соодветен простор за потребите на жителите.
“Би сакал да се заблагодарам и на вработените во ЈП Комуналец, кои само по еден мој допис излегоа во пресрет, па така заеднички со граѓаните од населба Баир и проектниот тим направивме и еко акција на чистење на просторот околу месната заедница.Собрани се 15 вреќи ѓубре, само во дворот на МЗ Димитар Влахов” - објасни Медик.
Со овој потег, се дава и функционалност и изглед на овој дел од битолскиот Баир за потребите на граѓаните, особено во овој топол период. Активностите се координирани од Преда плус Фондација, во склоп герила акција во рамките на Кампањата за подигање на свест кај ромското население за пристап до јавни услуги во проектот БАИР-Здружена акција на Битола за вклучување на Роми, финасиран од ЕУ.
Во фоајето на Центараот за култура во Битола отворена концептуалната изложба АЛГА која претставува симбиоза помеѓу современиот моден дизајн на брендот LOM Label, уличната уметност од Hybrid Minds и електронската музика на една селектирана група на ДЏ артисти од Битола со едноставна мисија, да се промовираат локалните уметници и нивното ново создавање со еко порака која е повеќеслојна.
Имено, за модната колекција на LOM Label се употребени природни и алтернативни материјали. Посветено е посебно внимание кон кроењето при изработката на модните парчиња да се создаде минимален отпад, а остатоците од материјали се реупотребуваат за да се изработи ново парче облека или моден додаток. Овој моден бренд позади кој стои модната дизајнерка Марта Дојчиновска, овој пат се враќа кон нејзината публика со колекција која е составена од фузија на органски, флуидни, нежни и геометриски форми инспирирани од алгите.
И тој лајтмотив е исто така тема на уметничките дела на Драган Милованов-познат графити уметник со изразен личен печат во она што го созадава. Неговите дела ја раскажуваат љубовта кон природата, зачувувањето на зелените површини, графитите, уличната уметност, сѐ заедно претопено на уметничко платно со уникатен стил на изразување и силна порака за грижа кон животната средина.
„Фокус на АЛГА се организмите алги, флуидните форми како и варијациите на бои кои што алгите ги имаат, нивните бенефити за животната средина и еко-системот, како и нивниот опстанок во секое годишно време. Од транспарентна бела, сива, свежо зелена па се до црна…бојата и формите на алгата се провлекуваат низ модната колекцијата и ќе се главен двигател и низ уметничките дела”- истакнуваат авторите на изложбата. Изложбата трае до понеделник, а на овој четиридневен модно-уметнички и музички перформанс свои сетови ќе имат DJ Dejan Dex, Herzel и Chiko. Проектот е поддржан од Министерството за култура.