АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Експерти од Кралскиот институт од Шведска прават скрининг на објектите на Клиничката болница од Битола со цел изнаоѓање на модерни еколошки решенија за снабдување со енегија.
„По иницијатива на хуманитарната организација ‘Хенд тил хенд’ и големите хуманитарци Марија и Томас Русенгрен од Шведска во рамките на проектот ‘Со хуманитарна рака до чиста енергија’ имаме посета на експертска група од Кралскиот институт од Стокхолм, Шведска, предводена од Нелсон Сомерфелд која прави скрининг на објектите на ЈЗУ Клиничк Болница Битола со цел реализација на проектот модерни еколошки решенија за снабдување со енергија во ЈЗУ Клиничка Болница Битола“, рече портпаролката Сузана Конеска.
Театарскиот живот на легендарниот битолски актер Петар Мирчевски од поинаков агол.
-Дали на сцена ги поминавте најсреќните моменти во животот?
Сум глумеле и кога им било најтешко, а се случуваше на сцена да поминам едни од најсреќните моменти од животот. Гостувавме со „Преноќиште“ во режија на Љуба Милошевиќ во Скопје. Јас играв лик се викаше Благоја кога се враќа, човек на кој Германците извршиле експеримент и од два метра се намалил на метар. Требаше да го играм несреќно. Но, мене во паузата ми јавија дека ми се роди син. Бев радосен, па морав да ја играм како да сум забеган.
-Знаат ли актерите да се пошегуваат на своја сметка на сцена?
Со „Хамлет“ отидовме во Струга. Мојот покоен колега Илко Стефановски ни се фалеше на сите дека купил најубаво овчко млеко и дека не го дава. Беше голем гурман. Пред претставата видовме каде го скри во гримиорната и му го зедовме. Забележа дека го нема и почна да вика. Го врзавме млекото со панделка и во мракот му го ставиваме на маса на сцена за време на претставата. Тој не можеше да реагира бидејќи кралот го играше.Се возбуди дека млекото му се врати. Во следната сецквенца пак мрак и пак го снема млекото.
-Зошто Пепи Пивцето?
Не дека многу пиев, иако имав период кога се занимавав и со таа уметност. Но, надимакот ми е од гимназиските денови кога отидовме на работна акција. Ни дадоа репка да ретчиме,кај мене се погодија малку корења и реков овој што ми го даде редот има пивце. Од таму почна. Потоа за да си го оправдам тоа Пивце конзумирав повеќе пивце отколку што треба.
- Добриот глас за Вашата глума стигна до Босфорот. Игравте и во серијата „Збогум Румелија“. Научивте да зборувате турски јазик?
Турски не знаев ни збор. Јазикот го учев само за улогата во серијата. По неколку поминати години од тогаш и сега турски знам колку да кажам калдрма, пенџере. Но, додека играв во серијата ме зачуди колку турски зборови имаме. Го гледав текстот и им реков зошто панталони го оставиле на македонски , преведете го. Ми рекоа дека на турски исто се кажува. Колега од Турскиот театар во Македонија беше како лектор и тој ме учеше турски. Бидејќи играв Бугарин и некоја грешка ако поминеше беше оправдана.
-Ве прослави ли улогата во Турција?
Иако улога во филмот беше помала, таа сепак ми донесе слава во Турција. Четириесет години сум глумец во Битола, не ми обрнувале толку внимание. Пред некоја година на Широк Сокак ме сретнаа туристи од Истанбул. Викнаа по мене „ Петрус ефенди“, ми зборуваа на турски. Јас пак, на англиски им возвратив дека не разбирам турски. Рекоа „се шегувате со нас, во серијата го зборувате нашиот јазик“. Одговорив дека само за потребите на „Збогум Румелија“ го учев.
-Сите улоги во 40 години професионална актерска дејност ги стекнавте со труд. Заначи ли тоа дека лакташењето не успева во глумата?
Можеби сум и олд тајмер сега. Но, генерално ги подучувам помладите околу ставот за театарот, дека во она што го работиш треба да веруваш. Дека ништо не доаѓа без работа, туку со труд. Ако веруваш во тоа што го работш признанието ќе дојде, ако не сега покасно. Не треба да се разочаруваш ако тоа веднаш не излезе на површина. Со лакташење и врски некој може да добие само шанса но ќе се види дека не е тоа тоа. Тоа нема долг век на траење.
-40 години се занимавате со глума, одигравте над 170 тетарски ликови и над 40 филмови. Остана ли неостварена улога?
Нешто класика од Шекпсир би одиграл во последните години . Сите имаме некои неостварени желби, но знам каде припаѓам и што можам да играм, психофизчички каде одговарам. Не сум болно амбициозен знам што можам да одглумам ,а што не. Тоа е многу битно за еден актер, да не се занесува. Јас не можам Ромео да го играм сега или може во пародија.
Ж. Здравковска
На повеќе од 30 улици во Битола, во првата половина на февруари, завршена е санацијата на ударните дупки од страна на екипите на КЈП „Нискоградба“. Санацијата на коловозите се врши со ладна асфалтна маса и коцка. Се интервенира според фреквентноста, големината и приоритетот на улиците, како и врз основа на доставените пријави од граѓаните. На сите локации, во првата половина на месец февруари интервенирано е со над 11 тони асфалт.
СПИСОК НА УЛИЦИ НА КОИ Е ИЗВРШЕНА САНАЦИЈА СО ЛАДНА АСФАЛТНА МАСА
01.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците Партизанска, Македонска Фаланга – потрошено:2.00 тони асфалт.
02.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Борис Кидриќ, Никола Тесла, Боривое Радосављевиќ, Столарска, Боримечка – потрошено: 1,00 тон асфалт.
05.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Булевар 1- ви мај, Јане Сандански, Смилевски Конгрес, Партизанска, Охридска, Младински Бригади – потрошено: 2.00 тони асфалт
07.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: 4 ти Ноември, Блаже Рогозинарот, Цар Самоил – потрошено – 1 тон асфалт
08.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Васко Карангелевски со ЈНА, 15 ти Корпус, Солунска – потрошено – 1,75 тони асфалт
09.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Недопирливи, Климент Охридски, Д. Влахов, Ѓ. Наумов – потрошено – 1,50 тони асфалт
10.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Д. Илиевски Мурато, Партизанска, Јане Сандански – потрошено – 0,75 тони асфалт
14.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Иво Лола Рибар, Лавчанска, Борис Кидриќ, Драгорска – потрошено - 0,75 тони асфалт
15.02.2019 Крпење со ладна асфалтна маса по улиците: Илинденска, Дебарска, Мирче Ацев – потрошено - 0,75 тони асфалт.
Работните активности на КЈП Нискоградба и санацијата на ударните дупки со ладна асфалтна маса и коцка, продолжува со истиот интензитет, се до палењето на асфалтните бази, соопштија од Општина Битола.
„Чест ми е што наградата ‘Златна рамка’ од Друштвото на филмски работници доаѓа токму во година кога славам јубилеј од четири децении професионална актерска дејсност“, изјави легендарниот битолски актер Петар Мирчевски- Пепи за Апла.мк откако ДФРМ соопшти дека тој е добитникот на наградата за филмски актер.
Новите порти на манастирскиот комплекс „Св. Јован Бигорски“ ги изработија вработените од Фабриката за опрема и делови од Новаци. Портите деновиве беа поставени на влезот од храмот. Својата умешност и креативност ФОД ја покажа во повеќе наврати во изминатите месеци, покрај работните задачи изработувајќи и донирајќи и влезни врати и огради за повеќе битолски училишта, градинки и други институции.
Најубаво се твори, говори и слуша на мајчиниот јазик! Со една ваква порака и креативно изразување на најмладите генерации, низ богата програма исполнета со сценска изведба и рецитал во ОУ „Св. Климент Охридски“ беше одбележан 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој од 2000 година е промовиран и како Ден на лингвистиката, културната разновидност и мултилингвизам.
Убавината и звучноста на нашиот јазик создадоа атмосфера во која многубројната публика имаше можност да се воодушеви на моќното ученичко изразување, зад кое видлив беше и големиот успех на наставничкиот кадар кој низ своето несебично ангажирање, овозможи детскиот талент, пред присутните да го долови секојдневието на секое семејство, соочувајќи ја публиката со предизвиците и ризиците на модерното време.
„Депонија Мегленци во Битолско е на површина од шест хекатри и е тешко проодна, па не ќе може да се одбрани макар и со десет стражари. Ако се стават во смени тоа би било 30 стражари, а Јавното претпријатие ‘Комуналец’ не е толку богато да постави толку голем број стражари“, рече директорот Панде Богоевски околу предлози на советници да се вработат повеќе чувари за да се стави крај на влегувањето свињи и диви собирачи на депонијата.
По 33 години во депонијата Мегленци во Битола се купи нова машина, поточно булдожер за насипување на отпадот со цел да се намалат можностите од појава на пожари.
Проектот за изградба на пречистителна станица со колекторски систем за Битола продолжува да се реализира со спроведување на конкретни постапки, кои се предуслов за почеток на изградбата на терен, соопштија од Општина Битола.
По електронски пат објавен е оглас за склучување на договор за услуги за избор на Надзорен орган за градежни работи за прочистителната станица и рехабилитација и надградба на канализациона мрежа во општина Битола. Вредноста на договорот е со максимален предвиден буџет до 1 300 000 евра. Огласот е објавен од вчера. По ова, наскоро ќе следува тендерска постапка за изградба на пречистителна станица, која ќе биде поделена во два дела, односно првиот ќе биде за проектирање и изградба на пречистителна станица за отпадни води за агломерација Битола, а вториот за изградба и реконструкција на колекторски систем.
350 деца од прво со петто одделение при основното училиште „Ѓорги Сугарев“ од Битола пред три години секој училишен ден беа сити благодарение на брачниот пар Мариа и Томас Росенгрен од Стокхолм, Шведска. Благодарение на нив, истото училиште доби сензорна соба по европски стандарди каде 40 ученици со посебни потреби ќе добиваат индивидуален третман.
Хуманитарката Мариа по потекло е битолчанка која пред 43 година се преселила во Шведска и таму се омажила за Швеѓанец со кого заедно започнале хумана мисија во Македонија. Овој брачен пар три години со ред обезбедуваше ладен оброк за учениците, меѓу кои имаше и повеќе социјални случаи од ромското население, но и деца со посебни потреби. Имаат остварено повеќе донации во битолските училишта во износ од 140 000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи.
„Подолго врме бевме на шетање низ светот. Увидовме дека не само Африка, туку и Европа има проблеми. Прво размислувавме да покренеме еколошки проект за класификација на отпадот во училиштата. Отидовме во Основното училиште „Ѓорги Сугарев“. Додека ни ги покажуваа просторните услови јас ги гледав децата во дворот. Некои јадеа чипс, а други ништо. Многу се натажив и предложив да им помогнеме нив“, раскажува Томас Росенгрен.
Мариа вели дека ги водела мислата на јужно африканскиот претседател Нелсон Мандела дека моќта е во учењето кое може да го промени животот, дека најсиромашен може да стане доктор ако се школува или од земјоделец претседател на држава.
За да ја им помогнат на улилиштата и болниците во нашата земја формирале невладина организација „Од рака за рака“
„Годишно делевме по 121 000 ладни оброци за учениците. Нашите амбиции се да им се помогне на децата. Ако едно дете е нахрането тоа може да учи и да се развива. Прво донациите ги спроведувавме со наши пари, а сега донираат шведски организации како и наши иселеници во странство. Посебно ни помогнале семејствата Васко и Виолета Блажевски, Томе и Андријана Најдовски“, вели Мариа Росенгрен.
Само донацијата за сензорната сорба изнесува над 30 000 евра и таа е во соработка со германска фондација.
Инаку, сопругот Томас многу добро зборува македонски јазик, а го научил од сопругата и нејзината мајка Весела која на повозрасни години отишла во Шведска и не го знаела тамошниот јазик, па за да се разберат морале да ѝ зборуваат македонски.
Хуманата Мариа Росенгрен во Шведска се отселила кога имала 20 години. Таму завршила факултет за менаџмент и други едукативни програми за директор. Станала успешен менаџер, но и имплементатор на ИСО стандардите во цела Скандинавија.
Ж.З.