Уште една „волшебно“ залепена паричка после наводна вакцина-без факти

Јули 23, 2021

Како печурки после дожд никнуваат измамите на профили на социјалните мрежи со наводни магнетизирачки својства што ги добиваат луѓето после вакцинацијата со анти ковид вакцините. Во оваа рецензија бележиме уште еден таков пример

Објава на приватен профил на Фејсбук мрежата нуди лажно тврдење дека човекот што е прикажан бил вакциниран со анти ковид вакцината, па потоа можел да си залепи паричка на надлактицата, тому како последица на вакцината.

Во објавата само кратко се наведува:

Мојот колега после вакцина

На фотографијата под ваквата објава се прикажува дел од надлактица на непознат човек, на која стои метална 10 денарка. И ниту еден друг детал.

Факти за наводниот „магнетизам“

„Вистиномер“, како и другите проверувачи на факти во светот, неколку пати ги разоткриваа како лажни ваквите објави кои се намножија последните недели по социјалните мрежи, а од она што може да се забележи, објавите станале тренд и кај нас. Затоа, тука само кратко ќе бидат наведени неколку факти:

  • Во ниту една вакцина која досега е одобрена за употреба против ковид, од познатите што се употребуваат и кај нас, нема во составот ниту еден елемент што би имал магнетизирачки својства.
  • Најмногу се шпекулира со наводни метали и се споменува алуминиумот како состав на повеќе вакцини од минатото, но ниту тој нема магнетизирачки својства. Освен ова, се споменуваат и железото или никелот, но и овие метали, како и алуминиумот, ги нема во составот на вакцините.
  • Физичари тврдат дека дури и некој да сака намерно да уфрли метал со магнетизирачки својства, тоа е невозможно да се стори поради физичкиот обем, т.е. дијаметар на иглите, но и дозите на вакцините, кои се премали за да се вметне во нив елемент што би го предизвикал магнетизмот со сила доволна да лепи метални предмети на кожата.
  • Трендот почна да се шири на социјалната мрежа Тик Ток, а откако зазеде големи размери и штети по јавното здравје, ширејќи страв кон вакцините, корисничката на профилот која си поиграла со вистината, јавно се извини на истата мрежа и призна дека станува збор за измама.

Сите овие факти и многу други, можете да ги прочитате и на „Вистиномер“ во текстовите „Вакцините против ковид немаат магнетизирачко својство“, потоа „Со метал детектор не може да се утврди ништо за вакцините зашто тие не содржат метали“, како и во текстот „Руската вакцина Спутни В нема магнетиизирачки компоненти“ .

Опасни објави кои се загрозувачки по јавното здравје

Но, ваквите тврдења продолжуваат да се објавуваат, како што може да се види и во објавата што е предмет на оваа рецензија, па дури и со детали што може да се видат во коментарите, од типот дека вакцината била „кинеската“, а една од пријателките на авторката што ја пласира објавата дури и се расправа со лицата што имаат спротивно мислење и пласира и други вакви постови со невистини.

Во конкретниот пример, објавата нема никави факти врз кој што може да се потпре читателот за да поверува. Ниту има идентитет на „колегата“, ниту има прикажан доказ дека се вакцинирал, ниту, пак, фотографијата докажува некакви магнетизирачки својства, зашто и според примерите и во светот, таквото „лепење“ на паричка на кожата е обичен трик.

Може да се заклучи дека оваа објава е невистина поради сите погоре наведени аргументи. Но, и да се заклучи дека без оглед дали ваквите постови се објавуваат поради забава и кликови или намерно со антиваксерска позадина, тие причинуваат сериозна штета по јавното здравје поради невистини за ефектите од вакцините и со тоа одвраќаат луѓе од процесот на вакцинација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани