Webp.net gifmaker

Повторно се манипулира со американскиот систем ВАЕРС за пријава на несакани ефекти по вакцинација

Октомври 09, 2021

Тоа што некој починал по администрирана вакцина, не покажува причинско-последична врска со самата вакцина. Самата пријава на ВАЕРС не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Пријава до ВАЕРС може да достави и лекар и обичен граѓанин, дури и ако не е сигурен дека последицата настапила од вакцината. Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е доказ дека вакцината го предизвикала ефектот

Рецензираме пост во којшто се тврди дека со вакцините против ковид-19, наводно, настрадале и биле убиени повеќе деца во САД отколку со сите други вакцини заедно. Авторот на постот, инаку познат антиваксер и предводник на кју теоријата на заговор во земјава, се повикува на наводни „официјални информации,“ кога од ракав ја пласира оваа крајно вознемирувачка информација, која е неточна. Меѓутоа, не само што нема официјални информации кои потврдуваат дека вакцините предизвикале смртност кај децата во САД, туку и вакцините се испитани и одобрени за со нив да се имунизиираат и децата.

Во постот што го рецензираме се вели:

Со вакцините „Ковид-19“ настрадаа и убија повеќе деца во САД отколку сите други вакцини заедно, според официјалните податоци
Новите бројки од американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) Систем за известување за несакани настани од вакцини (ВАЕРС) покажуваат дека децата страдаат по вакцината против Ковид-19, со многу тешко болни, инвалиди, а во некои случаи и мртви.
Иако повеќепати сме алармирале, а и самиот систем за пријавување на несакани ефекти во САД, ВАЕРС, јасно тоа го кажува на почетокот пред пријавувањето, манипулациите продолжуваат.

Секоја пријава на ВАЕРС може да биде доставена од кого било, дури и ако само се сомнева дека несаканиот ефект е предизвикан од вакцината. Самата пријава не е доказ за причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и состојбата. Пријава до ВАЕРС може да достави и лекар и обичен граѓанин, дури и ако не е сигурен дека последицата настапила од вакцината.

Да се каже дека има „многу“ починати од вакцините, а да не се каже колкав е бројот на вакцинирани граѓани и притоа да не се земат предвид фактите дека други здравствени состојби, односно коморбидитети, како и останати фактори, можеби влијаеле на смртта што настапила после вакцината, исто така, е замајување на јавноста со непотполни информации.

Тоа што некој починал по администрирана вакцина, не покажува причинско-последична врска со самата вакцина. Самата пријава на ВАЕРС не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта.

Самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, не се потврдени. Системот не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС, односно нивната цел! Станува збор за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење!

Изоставен е важен контекст. Примарната и основна цел на ВАЕРС системот за пријавување е брза детекција на ретки несакани настани. Со други зборови, целата оваа група на извештаи и пријави на несакани ефекти е корисна само во агрегатот, а многу помалку во секој еден индивидуален случај. Причината за тоа е зашто се бараат сличности меѓу случаите. Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година.

Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:

Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

Освен тоа, следните факти самиот систем ВАЕРС ги наведува како забелешка:

Оние што ја администрираат вакцината се охрабрени да ги пријавуваат важните здравствени проблеми после вакцинацијата на ВАЕРС, без разлика на тоа дали веруваат или не, дека самата вакцина е причина за нив. Пријавите смее да вклучуваат непотполни, неточни, коинцидентни или неверификувани информации. Бројот на пријави не смее да се интерпретира или да се користи за да се донесуваат заклучоци за постоењето, сериозноста, интензитетот, фреквентноста или стапката на проблемите кои се поврзуваат со вакцините и ВАЕРС податоците треба да се интерпретираат во контекст на други научни информации. 

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме серионзно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражува заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Оттука, како лажно го оценуваме тврдењето дека „официјални податоци покажале дека во САД од вакцината убиени биле повеќе деца отколку од сите вакцини заедно“.


 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани