Webp.net gifmaker

ПЦР тест не покажува дека „лош грип“ е ковид!

Октомври 10, 2021

Наративот во постот што го рецензираме е фиктивна приказна, измислица со која се поистоветуваат ковид и грип, како да се работи за една и иста болест, иако повеќе пати е објаснувано дека ковид има повисока смртност од грипот и за него не постои еден специфичен лек

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто паушално се се говори за ковид-19, која е посебна болест предизвикана од коронавирусот, но во овој пост таа се поистоветува со грипот.

Постарите се плашат од ковид, па потоа фаќаат некој лош грип. Лажниот ПЦР тест им кажува дека се позитивни, и одат во болница чувствувајќи се ужасно и во паника. Тие се ставени на вентилатор со високи параметри, им се дават погрешни лекови и се борат за живот. Тие умираат и се евидентирани дека умреле од ковид . Вака е секаде изгледа??!, се вели во постот.

ПЦР тестот исклучиво детектира коронавирус, а не грип. Ковид и грип се две различни работи.

Според Центарот за јавно здравје – Скопје, грип (инфлуенца) е заразна респираторна болест предизвикана од вирусот на грип.

Може да предизвика блага до тешка болест, а понекогаш може да доведе и до смрт. Грипот е различен од настинка. Грип обично доаѓа наеднаш. Луѓето кои се болни од грип често чувствуваат некои или сите од овие симптоми: треска, кашлица, воспалено грло, затнат нос, болки во телото и мускулите, главоболки и замор, во некои случаи дијареа (кај децата).

Повеќето луѓе кои добиваат грип ќе закрепнат за неколку дена или најмногу до две недели, но некои луѓе ќе развијат компликации (како што се пневмонија) како резултат на грип, од нив некои може да бидат опасни по живот и да резултираат и со смрт, пишува на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје.

Разликата меѓу ковид-19 и грипот, според Мајо клиниката, е што двете состојби се предизвикани од различни вируси. Ковид-19 е предизвикан од коронавирусот, а инфлуенцата од Инфлуенца А или Б вирусите.
 

Како што е објаснето на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје, методот според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот се одвива во 2 чекори.

Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетнипартикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.

Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна RNA и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2  таргет гени (N и Е гени). Овие гени се гени за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум 10 копии од генот.

Погорниот пасус, објаснет со едноставна терминологија, всушност, значи дека ПЦР тестот исклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за Сарс Ков 2 специфични гени – N и E. Овие гени во грипот ги нема. Тие се единствено присутни во градбата на Сарс Ков 2 вирусот. Значи, неможно е на ПЦР панел за детекција на коронавирусот, да биде детектирана инфлуенца. Има посебни панели кои детектираат и ковид и грип истовремено, но тие се поинакви и специфични и достапни само во некои клиники. Сепак, и со ваквите тестови се диференцира дали се работи за ковид или за грип, а не се идентификува ковид како да е грип или грипот како да е ковид!

Понатаму во постот што го рецензираме се тврди дека во болница пациентите се ставани на вентилатор со високи параметри им се даваат погрешни лекови и се борат за живот, умираат и се евидентирани како да починале од ковид.

Но, оваа инсинуација не е поткрепена со ништо. Впрочем, во земјава респираторот е последната мерка која се користи кај тешки пациенти. А, дека се даваат погрешни лекови е паушално тврдење и не се прецизира на кои лекови се мисли. Впрочем, ова е фиктивна измислена приказна, но е претставена како да е „генерална вистина“, што не е! Од македонските болници а и од домашни услови, оздравеле 171.871 лица. Не може да се генерализира дека им биле давани погрешни лекови без да се достават за тоа докази. Покрај тоа, механичка вентилација се користи во земјава на мал број пациенти со исклучително тешка клиничка слика.

Наративот во постот што го рецензираме е фиктивна приказна, измислица со која се поистоветуваат ковид и грип, како да се работи за една и иста болест, иако повеќе пати е објаснувано дека ковид има повисока смртност од грипот и за него не постои еден специфичен лек. Со постот, исто така, опасно се промовира неодење во болница зашто таму „ќе ве убијат со погрешни лекарства“, што е опасна тактика во време на пандемија. Според протоколите за лекување секој пациент во земјава, кој е болен од ковид, добива индивидуална терапија согласно неговите коморбидитети, бидејќи не секое лекарство што се употребува за ковид симптоматологија е соодветно на коморбидитетите.

Поради сите горенаведени факти, тврдењето во постот дека лажен ПЦР тест евидентира грип небаре е ковид, го оценуваме како невистина, исто како и тврдењето дека во болница на пациентите им се даваат погрешни лекови поради што тие умираат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани