Не е точно дека во вакцините има течни кристали за контрола на умот

Јануари 12, 2022

Не е вистина оти во вакцините има течни кристали, кои се користат за контролирање на мислењето на граѓаните. Неточно е дека во Руанда, во времето на тамошниот геноцид во 1994 година, била спроведувана технологија на контрола на умот и дека Обединетите нации учествуваат во изградба на концентрациони логори. Освен тоа, небулозниот говор на лицето во видеото, според него, претставува прогноза за идни случувања до 2000 година, кои не се остварија

Рецензираме пост на Фејсбук во кој базирано на видео материјал кој трае две минути, авторот заклучува дека „ковид пандемијата е испланирана пред 1995 година и дека тоа е поврзано со 5Г“.

Јас одамна пишувам за отровите, запрашувањето, ГМО храната, короната и 5 Г, честопати со неверување ги следевте моите објави!!! Но, еве ви сега јавно признавање уште од 1995 година што се ни прават а вие и понатаму немојте да верувате, молчете и трпете. Подобар доказ од ова и од тоа што ни се случува и што ќе ни се случува здравје!!!, се вели во објавата предмет на нашата рецензија.

 

Што има во видеото?

Во видео материјалот свое излагање односно говор има францускиот теоретичар на заговори, Пјер Жилбер. Во говорот Жилбер се осврнува на настаните, кои, според него, ќе се случат до 2000 година.

Загадувањето кое ќе го ставиме во крвта и вените ќе го присили човештвото да прими вакцини. Ќе се создадат инфекции намерно и ќе создадат закони со кои ќе се обврзат граѓаните на вакцинација, да мора да прифатат вакцини. Во тие вакцини ќе биде присутно сè за да може да бидете контролирани. Во вакцините ќе вметнат течни кристали, што ќе се задржат во вашите мозочни ќелии и ќе се претворат во микро приемници на електромагнетни полиња, кои, пак, ќе бидат испратени со ултразвучни бранови на многу ниски френвенции. Со тие бранови ќе спречат да мислите и ќе ве направат зомбија, вели Жилбер (00:00 – 01:01 мин. од видеото).

Тој понатаму (01:12 – 01:35 мин.) во говорот, исто така, вели:
 
Сетете се што се случи во Руанда во 1994 година. Колеж на 1 милион луѓе за 3 месеци со секири, ножеви и мотики. И конечно, постојат концентрациони логори изградени од Обединетите нации. Имам слики од логорите во Северна Америка.  Во овие логори ќе ве примат вас, кои не се согласувате со дефиницијата за тоа што е нов граѓанин.
 

Погрешна и небулозна прогноза

 
Жилбер е од Квебек, се идентификува како акупунктурист, кој живеел во САД и на Бахамите. Видеото во целост трае 10 минути и е снимено во 1996 година.
 
Во севкупниот материјал тој објаснува дека нов светски поредок, наводно до 2000-та година, ќе спроведе контрола над луѓето. Ова лажно тврдење и предвидување се покажа како невистинито и во 2000 година, но и повеќе од 20 години подоцна се злоупотребува, овојпат во контекст на ковид-19 пандемијата, во обид таа да се претстави како да е нешто испланирано за контрола на умот.
 
Во врска со изнесеното тврдење на Жилбер дека во мозокот ќе имаме течни кристали, таа е неоснована зашто течните кристали не се рецептори за електромагнетно поле. Течните кристали се кристални структури кои во супстратот ја менуваат ориентацијата во зависност од температурата или притисокот, што се рефлектира во модифицирање на НИВНАТА БОЈА ИЛИ РЕФЛЕКСИЈА, вели за АФП, Хелен Галиг, специјалист за електроника и комуникации.
 
Таа додава дека такво нешто не е можно зашто, за да може микроприемник да трансформира звучни зраци во електромагнетни, тој треба да има вградено батерија, што ја нема во течните кристали. Вакцинацијата не е принудна, туку доброволна. Тоа значи дека кој не сака не мора да се вакцинира, а тој што сака да се вакцинира, потпишува изјава за согласност.
 
Ништо што би можело да се нарече течен кристал не постои во вакцините против ковид-19. Единствено постојат минерални соли кои дислоцираат раствор на јони, но тоа во ниеден случај не е течен кристал, туку стабилизатор на вакцината, кој се користи со децении, вели Јелена Калиниќ, новинар, која известува за наука.

 

Во Руанда немало примена на технологија за контрола на умот

 
Жилбер говори дека она што се случило во Руанда е „доказ“ за технологијата на контрола на умот што ги претвора луѓето во зомби.
 
Но, во Руанда не е применета таква технолгија, туку во 1994 година таму се случи геноцид кога екстремистички милиции на Хуту етничката група масовно убиваа припадници на малцинската етничка група Тутси (но и умерени Хуту припадници, како и припадници на трета етничка група – Туа). Во 100 дена. колку што траеше судирот, убиени беа околу еден милион припадници и од Тутси и од Хуту етничките групи. Да се стави геноцидот во Руанда во контекст на контрола на умот со зраци, е во најмала рака неумесно.
 
Тврдењето пак, дека ОН изградиле концентрациони логори во САД нема никаква допирна врска со реалноста. Обединетите нации не учествуваат во изградба на концентрациони логори, туку активно се борат против нив преку активен ангажман на оваа организација да се решат прашањата со концентрационите логори во Кина, на пример
 
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина, оти во вакцините има течни кристали, кои се користат за контролирање на мислењето на граѓаните. Неточно е дека во Руанда, во времето на тамошниот геноцид во 1994 година, била спроведувана технологија на контрола на умот и дека ОН учествуваат во изградба на концентрациони логори. Освен тоа, небулозниот говор на лицето во видеото, според него, претставува прогноза за идни случувања до 2000 година, кои не се остварија.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани