За пациентите со прележан Ковид19 неопходна е физикална рехабилитација, велат лекарите

Ноември 23, 2021

Значителен број од пациентите по прележан Ковид19 имаат потреба од физикална рехабилитација поради намалена физичка кондиција, отежнато дишење, продолжена болка, депресија, вознемиреност и намален  квалитет на живот, истакна асс. д-р Билјана Калчовска од Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во неделната онлајн дискусија која ја организираше Лекарската комора на тема „Рехабилитација на пациенти по прележан Ковид19“. Настанот и оваа недела го модерираше претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова која истакна дека пост-ковид компликации се јавуваат на различни системи на човечкиот организам и дека тие бараат понатамошен стручен третман и лекување.

Планот за рехабилитација треба да биде индивидуализиран за секој пациент и треба да се спроведува во текот на целото лекување, започнувајќи од приемот на пациентот во болница, во текот на хоспитализацијата на ковид одделенијата, па се до неговото отпуштање од болница и насочување на пост-ковид рехабилитација.

Планот за рехабилитација треба да биде прилагоден на состојбата и тежината на клиничката слика на пациентот, а посебно внимание треба да се обрне на постарите пациенти, пациентите со зголемена телесна тежина и оние со придружни коморбидитети. Интензитетот на вежбите треба да биде во согласност со нивната физичка сила и не треба да доведе до дополнително оптоварување на дишењето, зголемување на можноста за појава на респираторен дистрес, ниту пак да доведе до пад на сатурацијата на кислород во крвта.

Матичните лекари и специјалистите од различни специјалности треба секогаш да имаат предвид дека најголем дел од пациентите после прележана Ковид19 инфекција имаат потреба за рехабилитацијаСпецијалистите физијатри мораат и треба да преземат активности во насока за спроведување на пост-ковид рехабилитација во местата каде што работат. Најголем број од овие пациенти имаат компликации во текот на рехабилитацијата и мора да бидат под надзор од страна на лекар специјалист физијатар“, истакна асс. д-р Билјана Калчовска.

Со третманот се постигнува активирање на мускулатурата и зајакнување на дишните мускули, зголемување на подвижноста на градниот кош, подобрување на проодноста на дишните патишта и продлабочување на дишењето, стимулирање на циркулацијата на крвта, урамнотежување на работата на кардиоваскуларниот и респираторниот систем, како и спречување на хипотрофија на мускулите и слабеење на целиот организам.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани