2win800x200

„Дојди, види, уживај“ ги води децата и младите на Пелистер

Мај 16, 2021

Начинот на живот што го водат младите минувајќи долго време пред електронските уреди и непрепознавањето на убавините на Националниот парк Пелистер иако им е на чекор, го поттикнаа здружението „Дојди, види, уживај“ предводено од креативниот туристички водич Горан Пинза, да организираат едукативно-рекреативни екскурзии на Пелистер.

Први, што би се рекло на битолски, нога повлекоа членовите на подмладокот на ФК „Пелистер“ кои имаат околу 11 години и деновиве уживаа во планинските убавини. Целна група се основците и средношколците, но не постои горна граница за лицата кои можат да се вклучат во оваа активност на спознавање на природните убавини на првиот национален парк во земјава и неговите реткости.

„Нашата цел е што е можно повеќе млади луѓе да дојдат, да ја посетат планината и да поминуваат што е можно повеќе од слободното време на чист воздух, во една фантастична средина и опкружување кое може да ни го приреди само Пелистер со своите неверојатни предели за пешачење, планинарење и излетнички терени. Да ги смениме навиките кои се длабоко вкоренети во сите нас и дека слободното време треба да се поминува само по кафиња и затворени простории“, вели Пинза.unnamed

Постетите имаат едукативна, рекреативна цел, но и да ја поттикнат желбата кај децата и младите да се развие љубовта кон планината и природата. Пинза е познат и како борец за здрава и чиста животан средина, па додава дека во ни еден момент нема се занемари екологијата. Овие екскурзии се совпаѓаат и со цели од наставните програми по физичко воспитание, историја, географија и други предмети зашто децата и младите со посета на поставката во Инфо центарот ќе можат да се запознаат со ендемски видови на флора и фауна, со случувањата од периодот на Првата Светска војна и нападите на Битола кои се случувале баш од оваа страна на фронтот. Упатуваат повик до сите заинтересирани спортски клубови,организации, јазични студија и останати групи да ги контактираат на тел. број 075 57 20 37 или преку нивната фејсбук страница.

„Наша прва станица е Инфо центарот на Пелистер или позната како ‘На Лазо вилата’ на 1350м.н.в. Дотаму доаѓаме со организиран превоз од пред Спортската сала. Следи посета на Инфо центарот, разглед на редовната поставка, информации за Паркот. Секој од посетителите добива топол чај. Потоа, продолжуваме со пешачката тура по Историска патека. Релативно лесна тура во траење од 30-ина минути која завршува во близина на хотелот ‘Молика’. Во зависност од возраста и физичката кондиција, турата ја продолжуваме до некогашниот планинарски дом ‘Копанки’. Следи поделба на ланч пакети за секој присутен и слободно време за фотографирање, игри, како и индивидуално истражување“, вели Пинза.

Иако Пелистер е на неколку километри од Битола, не е мал бројот на деца и млади кои ретко го посетуваат.

Планот е проектот „Да го запознаеме Националниот парк Пелистер за повеќе да го сакаме и почитуваме” да трае уште долго, се` додека постои интерес и поддршка во иднина од спонзори кои евентуално би се приклучиле. Здружението “Дојди, види, уживај“ почетните средства за оваа пилот верзија ги доби од повикот за проекти на невладини организации и здруженија во 2020 година од Општина Битола.

„За жал, тие не се доволни за да го покријат целиот финансиски трошок, но искрено се надеваме дека нашите стопанственици ќе ја препознаат оваа идеја и желба за една позитивна промена и ќе ни помогнат за да овај проект не замре по само неколку месеци“, велат ентузијастите од „Дојди, види, уживај“.planina

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани