2win800x200

Денот на Армијата на РМ е датумот кога е формиран баталјонот „Мирче Ацев“

Август 18, 2018

На денешен ден, 18 август во 1943 година на планината Славеј, е формиран НАРОДНООСЛОБООДИТЕЛНИОТ БАТАЛЈОН „МИРЧЕ АЦЕВ“, односно Првиот баталјон на Втората оперативна зона на НОВ и ПОМ. Тоа била прва регуларна воена единица на партизанската војска во Вардарскиот дел на Македонија.

Бил формиран од околу 200 борци од Преспанско битолскиот партизански одред „Дамјан Груев“, од делови од Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, од делови од Прилепскиот партизански одред „Ѓорче Петров“ и од новопристигнати борци од Дебарца. Штабот на баталјонот бил составен од: командант Наум Веслиевски-Овчарот, заменик-командант Мите Трповски-Војводата, политички-комесар Стоилко Ивановски-Планински, заменик-политички комесар Трајан Белев-Гоце.

Баталјонот извршил напади на италијански карабинерски станици во Охридско, урнал три моста на патот Кичево-Охрид, исекол 130 ПТТ столбови, ја запалил жандармериската станица во селото Сливово, влегол во Кичево на 12 септември 1943 г. и учествувал во разоружувањето на италијанскиот гарнизон.

Во почетокот на октомври 1943, заедно со Првиот косовско-метохиски баталјон „Рамиз Садику“ и Вториот кичевски баталјон, влегол во состав на Групата баталјони и водел борби кај селата Извор, Кленоец, железничката станица во Подвис, извршил диверзии на патот Ресен-Охрид и се судрил со бугарските гранични сили на пл. Баба Сач.

Кога главнината на Групата баталјони била вратена во одбрана на слободната територија на Дебарца, околу 70 борци на баталјонот дејствувале на комуникацијата Битола-Ресен. Подоцна, заедно со други единици на НОВ и ПОМ, баталјонот водел борби против германско-балистичките сили во Кичевско, со бугарските гранични единиици и на планината  Бигла со бугарските единици од ресенскиот гарнизон. Со Групата македонски и Групата косовски баталјони водел борба со германско-балистичките сили кај Кичево, село Раштани на 1 и 2 ноември 1943 г. и на пл. Буковиќ 6 ноември 1943 г., по што на 11 ноември 1943 г. во селото Сливово, Охридско, влегол во составот на Првата македонско-косовска бригада.

По осамостојувањето на РМ, денот на формирањето на баталјонот е прогласен за Ден на Армијата на Република Македонија (АРМ).

подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани