2win800x200

Заврши изградбата на пругата Битола-Кременица, се очекува првиот воз (фото и видео)

Јануари 30, 2019

Пругата со која Битола железнички ќе се поврзе со Грција е изградена, а наскоро се очекува технички прием, потврдуваат за апла.мк од Министерството за транспорт и врски. Но, кога ќе се воспостават првите линии, се уште е неизвесно. Според најавите оваа делница требаше да биде комплетно завршена до крајот на минатата година,а причина за последното одложување  се временските неприлики во овој регион, снегот и поларните температури зимава, поради што не можеше да се постави електричната инсталација, велат  од Транспорт и врски.

{YouTube}https://www.youtube.com/watch?v=d90mhhF1CtQ&feature=youtu.be{/YouTube} видео од ФБ профилот Битола-Кременица проект Видео Од ФБ Профилот Битола-Кременица Проект

-Сите проблеми се надминати, изградбата на пругата е целосно завршена, сега останува уште поставување на електричните столбови, што треба да се реализира скоро, а пречка беа лошите временски услови. Веднаш штом дозволи времето и тоа ќе заврши. Пред неколку дена инспекции од Европска Унија извршија надзор, од наша страна беше презентиран прогресот на активностите пред нив, а тие заминаа задоволни, велат од Министерството за транспорт и врски

Проектот е финансиран од државниот буџет и средства од Евопските фондови, а во изминатите години беше проследен со многу проблеми при изведувањето, поради што се закануваше опасност Македонија да ги изгуби парите од европските фондови. Станува збор за проект од 17,2 милиони евра, од кои 6 милиони се ИПА средства, а 11 милиони евра се од буџетот.

Кракот од Битола до пограничното битолско село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 18 километри. Пред неколку години и пругата од грчка страна е целосно обновена со пари од европските фондови, а сега е направено и поврзување со делницата од македонска страна. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата. За стопанствениците се уште е неизвесно како ќе се одвива железничкиот транспорт, иако се надеваат дека ќе биде поевтин од досегашниот начин на превоз на стоката.

-Ние очекуваме дека пругата за околу еден месец ќе биде пуштена во употреба, но стопанството се уште нема навики да врши транспорт со железница. Со оглед на тоа дека имаме исклучително скап транспорт од Солун до овој регион, ако склучиме поволни договори, стопанствениците сигурно би преминале на железнички транспорт на стоката. Се надеваме дека ќе има директни и евтини транспорти, не само помеѓу Солун и Битола, туку генерално меѓу Грција и Македонија. Речиси целиот увоз во Македонија се прави преку Солунското пристаниште, вели Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола.

Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека веќе постоечките возови ќе сообраќаат на оваа релација, а каков возен ред ќе договорат железничките компании од двете држави, се уште не се знае.

-Пругата е направена за функционирање според возниот транспорт на Македонија. Технички одговара на сите возови. Согласно деловната политика на МЖ „Транспорт“ ќе се склучуваат договори со грчката железница, за што веќе се одвиваат преговори, по што ќе се воспостави возен ред за патничкиот сообраќај. За товарниот железнички сообраќај, ќе зависи од интересот на компаниите и договорите што ќе ги склучуваат за транспорт на стока, велат од Министерството за транспорт и врски.

Но, од Македонски железници АД „Транспорт“ не добивме одговор на прашањето дали се водат преговори со грчката железница, во која фаза се и кога може да се очекува првиот воз кој ќе сообраќа од Битола кон Грција.

При последната посета на Битола и увидот во работите на пругата кон Грција, вицепремиерот Кочо Анѓушев, ја истакна двојната улога на овој проект.

-Од една страна се подобрува инфраструктурата и дава можност произведената стока да има побрз пристап до пристаништето во Солун, а исто така овозможува и побрз транспорт на патници и подобра комуникација со соседните земји, рече Анѓушев.

Пругата Битола Кременица се најавуваше десетина години. Претходната власт изградбата на оваа делница ја означи во јануари 2015 година, а градежните работи требаше да завршат во јули 2016. Но, конзорциумот од бугарски фирми, кој го доби тендерот, во овој период изгради само еден километар од делницата, а им остана должен на фирмите подизведувачи околу 1 милион евра. Работниците на кои конзорциумот не им исплати за сработеното, ги прекинаа сите активности на пругата во август 2016 година. Потоа Министерството за транспорт и врски го раскина договорот поради неисполнување на условите, а државата со бугарскиот конзорциум води судски спор.

На новиот тендер во 2017 година беше избрана австриската компанија „Штрабаг“, со рок за изградба на 18 километарската делница до октомври 2018 година, до кога беа завршени поголем дел од градежните работи, а лошите временски услови за неколку месеци го пролонгираа и овој термин. На терен веќе се гледа завршницата на овој проект, шините и сигнализацијата се поставени, изградени се 9 мостови, 30 премини , нова станична зграда, нова зграда за сигнализација. Сега се очекува првиот воз кој ќе ја означи обновата на железничката линија од Битола кон Грција.

По оваа пруга воз од Македонја кон Грција не поминал 32 години. Старата пруга била изградена во 1894 година, а во текот на нејзиното славно минатот во Битола со воз допатуваеле многу историски личности, конзули, патописци... Повозрасните битолчани се сеќаваат во времето на поранешна Југославија кога со воз често се патувало од Битола за Лерин и обратно

pruga bt kremnica1

pruga bitola kremnica 2

pruga bt kremenica4

pruga bt kremenica5

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани