2win800x200

„Ги рушевме предрасудите“, раскажуваат првите полицајки од Битола во независна Македонија

Септември 13, 2019

Ги реушеа предрасудите дека за да се биде полицаец треба да си машко. Го трасираа патот на женските кадри во полицијата. Докажаа дека можат рамо до рамо да застанат со машките колеги, да им веруваат граѓаните, да напредуваат во професијата и да бидат наградувани. Тоа беа првите десет битолски полицајки кои се вработија во МВР по осамостувањето на Македонија, поточно во 1992 година.  

„Мојата желба да бидам полицајка се јави уште пред објавувањето на конкурсот. Ваков конкурс имаше пред осамостојувањето на Македонија, и беа примени , мислам четири полицајки, од кои една во Битола. Во тој период немав сѐ уште завршено средно образование и не ги исполнував условите. Меѓутоа, секојдневно гледајќи ја колешката Вера Ангеловска, која беше и прва полицајка, мојата желба да бидам и јас беше се поголема. Така , по објавувањето на конкурсот веднаш се пријавив и бев примена, заедно со уште неколку колешки од Битола“, се присетува Магдалена Димитровска, која подоцна стана началник на Одделот за превенција.

Тоа беше во раните деведесетти години кога Македонија се отцепи од Југославија, па постоеше голем ентузијазам да се придонесе во многу области за сопствената држава. Така и за тогашните полицајќи беше предизвик да се обидат во професија која доттогаш важеше за машка. По конкурсот, следуваа прегледи, тестови и многу напорни обуки.

„За мене беше шок кога ми дојде дома позив и ми рекоа за два дена ќе одиш Идризово во Центарот за обука и шест месеци ќе бидеш таму. Во почетокот беше баш војнички, многу строго. Станување во 5 часот на утро, трчање, смотра, имавме настава, физички подготовки, џудо, карате. Потоа бевме два месеца Битола на пракса, па уште два во Скопје,па полагавме приправнички испит. Тогаш стигнаа решенијата“, раскажува Весна Мандиќ која почна како полицајка на граничен премин, а денес е инспектор во Одделот за економски криминал.

Од десетте полицајќи, четири биле со факултет и ги пуштиле на граница, а другите шест во сообраќај. Не било лесно да се истакнат во светот на полицијата кој важел за машки.

„Во пракса ништо не беше така лесно како што изгледаше во теорија. Голем дел од граѓаните нѐ поддржуваа, но имаше и такви кои не сакаа ‘некои си женски’ да им издаваат наредби, да ги опоменуваат или казнуваат . Но, благодарна сум на најголемиот дел од колегите, кои не прифатија и поддржаа. Подоцна, кога оформивме семејства, беше уште потешко, затоа што службата не е многу лесна. Тешко е да оставиш мали деца дома, затоа што цела служба е мобилизирана или да работиш без слободни денови кога си потребен на семејството или пак да бидеш на работа кога некој од најмилите се оперира или има некоја несреќа. Но, ние ја избравме својата професија и сакавме да работиме на терен, а не во канцеларија“, раскажува Димитровска.

За себе вели дека во целиот работен век, без разлика кој бил на враст, таа напредувала и изградила своја кариера. Голем дел од неа посветила за правата на жените во полицијата, па неколку години била претставник во Секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат. По 26 години ја напушти службата и замина во странство, каде што ѝ е сопруг.

„Мислам дека доволно дадов на службата, исто како и моите колешки од генерацијата, кои исто така се успешни, секоја во својата област. Сега , нека продолжат новите колешки, кои  колку што ги запознав се квалитетни и би им порачала да не потклекнуваат на препреките и да ги совладуваат предизвиците“, вели Димитровска.

Во изминатите 27 години напредува и другите полицајќи, беа наградувани, успешни.

„Секоја се пронајде во одредени области во полицијата, се истакна во сјовата област, јас и Мимоза бевме наградувани како најуспешни инспекторки. Повеќето добивавме награди од 15 проценти од плата за добро завршена работа. Ги рушевме предрасудите како може женско да биде началник или шеф. Сега сме веќе рамноправни“, вели Весна Мандиќ.

До пензија им остануваат уште три до четири години работа, но со нивните дела и успеси ќе бидат пример за идните генерации.

На фотогрфијата се:  

-Магдалена Димитровска, началник на Одделот за превенција (горе, од лево прва)

-Весна Мандиќ, инспектор во Одделот за економски криминал (горе, од лево втора)

-Бети Василева, денес работи во МВР во Скопје (горе, втора од десно)

-Роза Ѓоргиевска, раководител во Одделението за аналитика и статистика (горе, прва од десно)

-Мимоза Ристевска, шеф на смена (долу, прва од лево)

-Сузана Кузмановска, администратор во полициската станица за сообраќај (долу, втора од лево)  

-Марта Тодоровска, денес е полицајка во Канада (долу, втора од десно)  

-Надица Милевска, инспектор по општ криминалитет (долу, прва од десно) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани