МЕРАКОТ ЗА РАТКА НИКАКО ДА ПОМИНЕ (Апла.мк по повод Денот на жената го објавува единственото сведоштво на Ратка за песната )

Март 08, 2019

Битолчанката Ратка Колевска почина пред четири години, но таа ќе остана засекогаш присутна во Битола. Споменот за неа го чува песната евергрин „Пусти мерак Ратке“компонирана пред 19 години. Очигледно животот пишува романи, но и песни. Оваа песна е напишана по вистинска животна приказна за личната Ратка од Битола. Во градот се испеале песни за многу битолчанки, но неколку останале бесмртни. На антологиските ликови воспеани во минатото Мариче, Стојне, Донке, им се придружи битолчанката Ратка Колевска. Песната ја напиша внук ѝ Боби Поповски, а ја испеа Горан Тодоровски на фестивалот „Серенада на Широк Сокак“ во 1999 година.

Денес меракот за Ратка е неодминлив дел од музичкиот репертоар на седенките, на забавите се пее по три-четири пати во една ноќ. Од семејството на Колевска велат дека песната ја слушаат на сите семејни веселби, а тоа предизвикува и задоволство кај нив што споменот за Ратка продолжува да живее, но и тага што веќе не е меѓу нив.

„Песната е напишана за мојата мила и никогаш не прежалена мајка. Мајка ми почина во ноември 2014 година. На наше големо задоволство песната често се слуша на семејни слави, свадби и други весели пригоди. Чувството е прекрасно кога ќе ја слушнеме песната за мајка ми, но во исто време и многу тажна вистина што веќе не е меѓу нас. Тие што ги сакаме засекогаш остануваат во нашите души и срце“, вели за Апла.мк керќата на Ратка, Лидија Колески.

Сите ја пеат песната, но малкумина знаат дека е испеана по вистинска животна приказна. Личната Ратка во која на младост се вљубил битолски ерген, но не успеал да ја ожени, а меракот останал до последниот здив. Со Ратка се сретнавме пред осум години кога таа живееше скромен стречки живот во едно битолско маало. Иако жена во години, се препознаваа симпатичните црти, затегнатата кожа, убавите очи. Ни рече дека солзи ѝ потекуваат кога ќе ги слушне рефренот „пијан да бев ќе се отрезнев, болен да бев јас ќе оздравев, ама пусти мерак Ратке по тебе никако да помине“.

-Беше тоа во далечната 1952 година. Имав 17 години, а запознав градско момче, две години постаро од мене, работеше во „Фрижидери“. Излегувавме две години, а потоа се скаравме за некоја работа и кај мене преовлада инаетот. Една недела не зборувавме, а во тоа време случајно го запознав идниот сопруг и со него прошетав низ Корзо, а овој беше седнат пред кафаната Централ (денешен Епинал) и ме следеше со погледот. Пушти два-три пати абер да се смириме, но јас реков не. Се верив за три недели, си реков на мое ќе биде- раскажува Ратка.

Овие настани се опишани и во песната која вели „со него кога минуваш глава си наведнувам, добро вечер ти ми велиш и заминуваш, а јас отруен продолжувам„. Ратка се омажила за четири месеци, по што според раскажувањата на дел од битолчани момчето се споболило и извесен период лежело и во болница поради што во песната се вели дека болен да бил ќе се излечел, но не и од меракот.

Откако го дала зборот за друг, се изгубиле контактите со нејзината младешка љубов. Го почитувала сопругот, му родила ќерка и му останала верна целиот живот, била жена домаќинка. Сепак, спомените останале и во еден поемотивен момент од нејзиниот живот, приказната ѝ ја раскажала на снаата од брат во присуство на внукот кој имал само 12 години. Зборовите се врежале во меморијата на момчето. Откако пораснал, почнал да се занимава со музика, по игра на случајноста заминал во Австралија, каде пред 19 години ја напишал песната „Пусти мерк Ратке“ посветувајќи ја на тетка му.

-Песната ја напиша вник ми Боби Поповски. Роднини ми ја донесоа да ја слушнам, срцето фати силно да ми работи. Ми рекоа не сфајќаш за кој е? Знам, ама не ми беше згодо да кажам. Откако заминаа се изнаплакав. На фестивалот „Серенада на Широк Сокак“ ја испеа Горан Тодоровски и доби прво место. Бев таму, се воздржав како за друг да се пееше. Тешко се чувствувам кога ќе ми ја запеат - додава Ратка.

Песната излезе една година откако и почина сопругот, а година дена потоа умре и момчето од нејзината младост. Но, остана стиховите кои звршуваат со голем емотивен набој „години поминаа, коси побелеа, многу лета Ратке во солзи легнувам, не знам дали ќе се разбудам“.

Ж.Здравковска  

  

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани