2win800x200

„МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“- ПРОФЕСОРКА И УЧЕНИЦИ ОД СРЕДНО МЕДИЦИНСКО ЗА ПРИМЕР

Март 22, 2019

„Мети си со класнето“ е мотото на еко акцијата што професорката по англиски јазик од Средното медицинско училиште, Марија Магдалена Петковска Микаровска заедно со учениците од класот втора шест ја презедоа самоиницијативно за чистење на расфрлано ѓубре низ Битола. Оваа вредна еко дружина се води од мислата: „Да покажеме дека не сме поголемо ѓубре од ѓубрето“. Подготвија и лого на кое професорката ја зела метлата во раце како да е гитара и го средува сметот.

 

„Мети си со класнето излезе многу спонтано со мојот пријател Златко кој ни е најглавната логистика во цела организација. За секој мој потфат неговиот одговор беше ‘ти мети си, не се секирај’. А ‘класнето’ е интерен израз кој го користи мојот клас за мене. Па така, спонтано настана спојката која еден прескромен и талентиран лик ја претвори во интересно лого. Сепак, иницијалното лого е на Ирена Ристиќ од движењето ‘Не биди ѓубре’ во Скопје“, вели професорката.

Првата акција им беше минатиот викендов кога во соработка со „Геосфера“ и Организацијата на жени ја исчистија околнината на Домот за доенчиња во Битола. Следната акција е оваа недела, а повикот им е „да ја заметиме и светниме депонијата зад новиот пазар во Нова Битола“. И апелираат што повеќе луѓе да се вклучат во акцијата.

„Имаме неколку важни цели: никој да не се осудил да хејта на нашата позитивна мисла, таквите подалеку од нашата група. Да се оттргниме од монструозната зависнот од телефоните. Да научиме и примениме општествено-корисна работа. Да се дружиме до максимум. Да научиме да не чекаме на благодарност од никој и да правиме добри дела без да чекаме да имаме корист или нешто за возврат за истите. Да алармираме да се постават што повеќе корпи за отпадоци, како и контењери. И, последно, а не помалку важно да им се вклучува црвен аларм кога ќе помислат да фрлаат ѓубре кај што не треба“, велат класнето и учениците.

Заедничка мисија им е да поттикнат на ваква активност повеќе класни со своите класови, не сосила туку со желба.

„Ова да стане масовно движење и што побрзо да се намали сето она ѓубре што го прескокнуваме и не ни смета додека предотерени се корзираме по улици. Ѓубрето е рефлекција на нас. Доколку не ни смета си имаме сериозен проблем“, рече Петковска Микаровска.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани