Webp.net gifmaker

И ЗА ГРЕБЕЊЕ АСФАЛТ ТРЕБА ДОЗВОЛА, ОПШТИНА БИТОЛА БАРА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СТАРО ГРАДСКО ЈАДРО

Јануари 10, 2020

Општина Битола бара измени на Законот за старо градско јадро донесен во 2015, зашто поради големиот опфат и потребните дозволи ги кочи инфраструктурните зафати. Дури и за да изгребе асфалт или да изврши рехабилитација на некоја улица на Општината ѝ требаат дозволи од битолскиот Завод и музеј и од Управата за заштита на културното наследство. Тоа се зафати кои треба да се изведуваат во континуитет и не ја нарушуваат споменичната целина, а сепак, потребна е бројна документација што ја одолговлекува постапката.

 

 

„Ние сме единствен град во државата во кој за гребење на асфалт и за реконструкција или рехабилитација мора да добиете согласност и од Музејот и од Управата за културно наследство. Колку поголем е ланецот со елементи кои тоа го одобруваат, факт е дека се прави застој. За Законот за старо градско јадро, кој беше донесен претходно, започнавме иницијатива за менување и би побарала поддршка од целиот општински Совет, на некоја следна седница да донесеме одлука со која Советот ќе даде препорака за измени на овој закон не поради сегашната власт, не поради политиките на овој градоначалник, туку за создавање на многу подобри услови без разлика кој и да е на власт, бидејќи реално проблеми постојат“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Со ваквиот Закон, старото градско јадро на Битола е прогласено за културно наследство од особено значење. Според зафатнината од 109 хектари, тоа е едно од најголемите споменични целини во земјава. Опфаќа четири урбани комплекси: Стара чаршија, Широк Сокак, Дрвен Пазар и Булеварот. Според режимот за заштита, не смее да се менува постојаната улична мрежа и да се вршат земјени или градежни работи без да се извршат археолошки истражувања на земјиштето во Старото градско јадро.

 

Законот за старо градско јадро беше донесен по иницијатива на ексминистерската за култура Елизабета Канческа-Милевска, тогаш опозиционата СДСМ критикуваше дека наместо закон потребни се средства од буџетот за заштита на фасадите. Денес законот постои, а низ Битола има голем број фасади од приватни објекти кои се под заштита, а се распаѓаат.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Извод СДК.МК (https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/i-za-grebene-asfalt-treba-dozvola-opshtina-bitola-bara-izmeni-na-zakonot-za-staro-gradsko-jadro/

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани