2win800x200

Гасификација или топлификација- Битола ќе има две опции на загревање

Септември 26, 2018

Нова јавна набавка за идеен и основен проект за гасификацијата на Битола се очекува да се распише  до крајот на оваа или на почетокот на следната недела во која ќе стои дека проектот ќе треба да ја земе предвид и топлификацијата на градот.

Деновиве на последната средба на директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски  со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и стручните лица кои го водат проектот било договорено за два месеца претставници на ЕЛЕМ, КФВ банката и независна консултантска куќа од Австрија да  направат брза проценка за веќе постоечкиот проект за изградба на топловодот, по што ќе се знае како ќе се води проектот дали ќе се користи топлинската енергија од термоцентралата РЕК-Битола или со поставување на когенеративни постројки кои ќе бидат на гас.

- Да не се губи време ќе се распише јавната набавка за идеен и основен проект за гасификација во кој ќе стои дека ќе се гради и топлификација, па по проценките за топловодот после два месеца ќе се усогласат двата проекта, потврдуваа од  Општина Битола.

Гасификацијата е многу важна за градот  Битола, заради тоа што ќе биде еден од ретките градови што ќе има две опции на загревање, едното преку топлинска енергија, другото преку гасоводот , а граѓаните ќе имаат избор, најави премиерот Зоран Заев на последната средба со битолските стопанственици.

-До 2019 цевката ќе биде во Битола. Делот со гасификација ќе биде важен за Битола, оти ете јас можам да потврдам во Струмица колку тоа значи за намалување на севкупните трошоци на компаниите посебно оние кои користат нафта, струја и други поскапи енергенси од природниот гас, а важен е и еколошкиот аспект. Од 2010 година година наваму просекот на штедење во јавните институции во општина Струмица е 63 проценти, а во делот на заштеда на компаниите кои се поврзани на гасификацијата е 27 проценти. Битола ќе има две опции за загревање, и тоа преку топлинска енергија  и другата преку гасоводот, рече премиерот Заев.

Битолската опозиција следејќи ги најавите и процесот за отпочнување на двата проекти од неодмана од седница на Совет обвини дека уште во декември, лани, новата власт го најавила почетокот на проектот гасификација за 2018 година, со изработка на идеен проект за секундарна мрежа со формирање на јавно претпријатија за што ќе се издвојат 15 милиони денари. Но како што велат опозиционерите средствата иако се издвоени она што досега е сработено е само поништување на две постапки за јавни набавки.  

-Сето ова досега што го пласирате во јавноста покажува дека вие всушност немате реален  план и визија како ќе го спроведите проектот гасификација, а од друга страна не знаете што претставува гасификација на Општина Битола, а што топлификацијата. Сега наеднаш ќе се работи на двата проекти што го нема во ниту една развојна програма на Општината за периодот 2018-2020 година, рече Иванчо Тошевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

Градоначалничката Наташа Петровска на советничко прашање неодмана одговори дека гасификациајта ќе ја споведува Општина Битола, додека топлификацијата АД ЕЛЕМ. Во топловодот затоа што се работи за меѓународен договор, обврските кои се преземени од претходната влада мора се реализираат.

-И понатаму стоиме на ставот дека топлификацијата е премногу скапа инвестиција за мала општина како што е Битола, но како и во многу други случаи товарот оставен од претходниците , особено ако е со договори со меѓународен карактер мора да се носи. Многу поисплатлива е гасификацијата. Ќе се реализираат и двата проекти. Проектот за гасификација моментално е во фаза на усогласување на проектот  за топлификација, рече градоначалничката Петровска.  

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани