2win800x200

Единаесет случаи на заболени од грип во Битола по Нова година, во соседните општини нема грипозни

Јануари 18, 2019

Од Нова година до денес во Битола се регистрирани 11 случаи на заболени од грип, додека минатата година во истиот период имало 16 заболени . Според информациите од Центарот за јавно здравје во Битола заболените се на возраст од 15 до 64 години.

Директорката на Центарот за јавно здравје  примариус доктор Елизабета Крстева за апла.мк вели дека годинава има пет случаи помалку на заболени од грип од лани, додека пак во соседните општини Могила, Новаци, Ресен и Демир Хисар нема ниту еден регистриран заболен од грип.

-Се очекува со стартот на второто полугодие од учебната година и бројот на заболени од грип да се зголеми, такашто на крајот на јануари и почетокот на февруари да го достигне врвот, како што вообичаено се случувало и во  минатите години, вели примариус д-р Крстева.

 

На веб страната на Центарот за јавно здравје стојат и детални информации за тоа колку заболени од грип имало во декември минатата година.  

-Во текот на месец декември од 2018 година во Битола пријавени се 27 лица со грип со инциденција од 26,66 на 100.000 жители. Во месец декември од минатата година 2017 пријавени беа 4 лица и инциденција од 4,19 на 100.000 жители. Вкупниот број на заболени лица за оваа сезона заклучно со 31.12.2018 година изнесува 30, што е зголемување за 3,75 пати во однос на истиот период минатата сезона.

Минатата сезона (2017/18), во Битола вкупно беа регистрирани 1573 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 76% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2017/18 . До сега, релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност оди во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Битола.

Се очекува интензивирање на активноста на вирусот на грип во наредниот период посебно во почетокот на месец февруари, стои во извештајот.

До 31.12.2018 година на територијата на Центар за јавно здравје Битола вакцинирани се вкупно 5188 лица, од кои 2956 лица со комерцијални вакцини и 2232 лица со бесплатни вакцини.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани