Авторскиот проект „Филм што свири“ на Бојан Петковски, претставен во рамките на 56. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
Проекцијата ги спои архивските филмски записи, традиционалната музика и живата изведба во едно сценско доживување, отворајќи нов поглед кон македонското нематеријално културно наследство. Наместо традицијата да биде изложена како музејски експонат, таа повторно доби здив, ритам и глас.

Посебен впечаток остави настапот на младиот гајдаџија, чија музика природно се влеваше во филмските кадри и создаваше чувство дека звукот и сликата отсекогаш припаѓале еден на друг.
Бојан Петковски, кој во својата работа ги истражува пресечните точки меѓу етнологијата, визуелните уметности и современиот медиумски израз, уште еднаш покажа дека традицијата не мора да се реконструира за да биде современа. Понекогаш е доволно внимателно да се слушне.
„Филм што свири“ беше уште еден доказ дека „Илинденски денови“ не се само фестивал на сценскиот фолклор, туку и простор каде наследството постојано добива нови форми, нови авторски читања и нова публика.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
