Поплавени беа повеќе улици, како и главните сообраќајници во центарот на градот, сообраќајот беше отежнат
Повеќе куќи, дворови и помошни простории на неколку локации низ градот се поплавени по синоќешното невреме што ја зафати Битола, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) – Битола. Подрачјето на општина Битола беше зафатено од пороен дожд во траење од околу еден час, од 20.40 до 21.40 часот, а преку бројот за итни повици 112, стигнале повеќе пријави за штети.
“На ул. ’Прилепска’ бр.55, ’Ѓорче Петров’ бр.39, ’Партизанска’ бр.1, ’Крсте Нале’ бр.126, ’Коста Абрашевиќ’ бр.46, ’Даме Груев’ кај зградата на АЕК, ’Црвена вода’ бр.4, ’Чеде Филиповски – Даме’ и ’Мирче Ацев’ бр.53А. Сите повици се добиени преку Е-112 и известени се надлежните служби од ЕЛС Битола“,
информираат од ЦУК. Поплавени беа повеќе улици, како и главните сообраќајници во центарот на градот, сообраќајот беше отежнат. Од ЦУК велат дека службите интервенирале на терен. Екипите на Јавното претпријатие „Нискоградба“ во соработка со останатите јавни претпријатија од градот и Територијалната противпожарна единица Битола во текот на вечерта работеле на расчистување на одводните шахти и испумпување на водата од куќите и дворовите.
