2win800x200

За злоупотребата на европските фондови мора да има одговорност, вели амбасадорот Гир

Јули 26, 2023

БИТОЛА – Одблиску ќе го следиме расчистувањето со криминалот со европските фондови во Македонија доколку истрагата на Европската служба против измами (ОЛАФ) има исход, порача денеска од Битола евроамбасадорот Дејвид Гир.

Од вкупно 36 истраги на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондовите во Македонија. Европската служба против измами (ОЛАФ) подготви седум препораки за европските институции и за македонските власти. Амбасадорот Гир смета дека оние што ги злоупотребиле европските фондови ги мамат европските даночни обврзници, но и македонските граѓани, и за тоа мора да се има одговорност .

„Во случај тие истраги на ОЛАФ да имаат исход се разбира дека тие случаи потоа се проследуваат до Јавното обвинителство во оваа земја и во тој случај како ЕУ очекуваме од јавниот обвинител да преземе навремени активности кои што ние ќе ги следиме одблиску. Луѓето коишто ги злоупотребуваат парите, кои се дел од парите на европските даночни обврзници, прво ги мамат европските даночни обврзници а ги мамат и граѓаните на оваа земја“, порача амбасадорот Гир. 

Тој вели дека иако не ги знае деталите од овој случај сепак евентуалната злоупотреба на европските фондови се поврзува со различни субјекти во државата, невладини организации и сл.   

„Сето ова покажува колку сериозно Европската унија пристапува и го проверува начинот на којшто парите од европските даночни обврзници се трошат во оваа земја. ОЛАФ е сериозно и суштествено тело кое спроведува истраги во врска со тоа како се трошат парите на ЕУ, но не можам да навлегувам ниту пак ги знам деталите во врска со самите истраги кои се направени. Меѓутоа можам да потврдам дека има различен контекст поврзано со тие фигури, различни субјекти кои се дел од тие истраги“, рече амбасадорот Гир.

Според податоците објавени од ОЛАФ, што ги пренесоа дел од албанските медиуми, од вкупно 36 истраги за користењето на европските фондови на Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на фондовите во Македонија. Од службата нема дополнителни информации за конкретните истраги, но објавено е дека за европските фондови, кои се потрошени целосно или делумно на национално или на регионално ниво во 2022 година, во Македонија биле отворени четири истраги, а три се затворени со соодветни препораки. (А.Б.)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани