2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

(Интервју) Спасовски: Како држава и народ, повторно сме историски повикани да покажеме храброст и мудрост

Јули 31, 2023
Фото Бриф.мк Фото Бриф.мк

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Бриф разговара за проектот „Отворен кабинет“, зголемување на платите на полициските службеници, изградба на нови и реконструкција на постоечките објекти на МВР, како и чествувањето на претстојниот празник Илинден.

БРИФ: Неодамна вашиот Отворен кабинет беше во Битола, откако претходно во рамки на тој проект реализиравте средби со граѓаните во Штип, Струга, Кавадарци, Тетово и Центарот за обука Идризово. До кога ќе трае овој проект и што е вашата оценка од досегашните посети?

Во текот на изминатите проекти со кои го развиваме утврдениот концепт „МВР за граѓаните“ јас и мојот тим ја увидовме потребата на заедницата да биде поблиску не само до  полицискиот службеник од нивното маало, туку своите идеи, прашања и проблеми да може да ги презентира и пред раководството, да даде сопствен придонес во безбедноста, да посочи некоја критична точка за да се најде соодветно решение во интерес на сите. Тоа беше појдовната точка за стартувањето со серијата посети во кои се опфатени сите Сектори за внатрешни работи низ државата со што го започнавме новиот проект на Министерството за внатрешни работи насловен „Отворен кабинет“. Идејата беше лично и непосредно да ги слушнам предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат, да се слушне мислењето на секој еден граѓанин како полицијата да придонесе за поголемо спокојство на секој поединец, бидејќи ние сме тука токму за граѓаните. Секако, паралелно со тоа, преку сите овие посети се запознавам со реализираните активности и со постигнатите резултати на секторите за внатрешни работи.

Она што сега веќе можам со задоволство да го констатирам е дека граѓаните ја препознаваат таа наша подготвеност да ги слушнеме нивните размислувања и проблеми, па таа доверба помеѓу полицијата и заедницата и уште повеќе се зацврстува. Разговараме за безбедноста во сообраќајот, ги слушаме пофалбите за повидливото присуство на полицијата низ градовите, очигледни се контролите на сообраќајната полиција, намалувањето на нарушувањата на јавен ред и мир, на тешките кражби, на разбојништвата, ги слушаме предлозите во делот на управните работи, во делот на издавањето на одобренија – сето тоа создава перцепција кај граѓаните дека е многу подобрена безбедносната состојба, а тоа ни е заедничката цел. Со овие посети ќе продолжиме и во иднина, опфаќајќи различни места, давајќи можност на секој еден која сака да придонесе, да биде слушнато и земено предвид и неговото мислење.

БРИФ: Барањата за повисоки плати се тема која не ги одмина ни полициските службеници. Опфатени ли се и тие со придобивките предвидени со новиот Општ колективен договор?

Секако дека вработените во МВР се опфатени со овој нов договор кој важи за целиот јавен сектор и ќе ги ползуваат придобивките од него. Ние сме во постојана комуникација со синдикатите, разговараме отворено за сите прашања и се согласивме дека платите на полициските службеници треба да се зголемат. И тоа е така од моментот кога го преземав раководењето на МВР, бидејќи за цел овој период до денеска платите се зголемени за 25% на сите вработени. Воедно, сите бонус плати навремено се исплаќаат, а до 2016 не биле исплаќани, па вработените морале по судски постапки да ги наплаќаат. За одредени сегменти во МВР, таму каде што почувствувавме дека има потреба луѓето да бидат уште повеќе мотивирани, како што се Одделот за информатика и телекомуникации, Дигиталната форензика, ИПА Одделението… тие што носат навистина можности за нови фондови – нивните плати во 2020 година беа зголемени дури за 30% за да го задржиме кадарот и дополнително да го мотивираме. Со новиот Колективен договор што го споменавте, предвидено е ново зголемување на платите во јавниот сектор, во кој што спаѓа и македонската полицијата, така што од септември месец ќе имаме ново зголемување за 10%, за МВР второ во оваа година, и уште низа други придобивки кои значат подобрување на социјалниот статус на полицијата. Накусо, ги користиме сите можни алатки кои ни стојат на располагање, сѐ во интерес на вработените.

БРИФ: Во претходниот период јавноста имаше впечаток дека МВР реализира вистинска градежна експанзија на своите објекти. Дали завршија таквите проекти или имаме ситуација на „затишје пред бура“?

Одлична констатација, особено ако земеме предвид дека досега можеме да се пофалиме со 80 реконструирани објекти на МВР на територија на цела држава, кои сега се енергетско-ефикасни објекти, со што ги подобривме условите за работа на полициските службеници, но и услугите за граѓаните. Оваа градежна експанзија, како што ја нарековте, е вистински показател дека ова раководство, гледајќи ги затекнатите услови во кои работеше полицијата, реши освен залагањето за повисоки лични примања, а со тоа и подобар стандард за вработените, да го постави како приоритет и подобрувањето на условите за работа. Тоа подразбираше меѓу клучните приоритети да бидат градба на нови згради, реконструкција на постојните, купување на опрема, осовременување на методите во кои што ние сите заедно работиме и, конечно, подобрување и на условите во кои граѓаните ќе ги остварат услугите што ги дава МВР.

Со домаќинско работење успеавме да се избориме за отпочнување на изградба на сосема нова зграда на полициската станица Аеродром и на Единицата за внатрешни работи Аеродром, која беше во многу лоша состојба. Пред неколку дена го поставивме и камен темелникот за овој објект кој ќе биде на три нивоа, со опфатени сите неопходни содржини и простории кои се во согласност со полициските и меѓународно прифатените безбедносни стандарди и нормативи, секако со исполнети барања за енергетска ефикасност. Истовремено започнуваме со реконструкција на Центарот за обука, реконструкција на Одделот за управни работи во Скопје… За многу кратко време, планирано е веќе наредниот месец да ја пуштиме во функција новата зграда на Одделот за форензички испитувања. Тоа се сѐ капацитети, додадена вредност која што значи подобрување на условите за работа, меѓутоа и зголемување на подготвеноста на македонската полиција во гарантирање на мирот и стабилноста.  

БРИФ: Во пресрет на претстојниот голем празник, каде вие ќе го чествувате Илинден и каква порака ќе испратите до граѓаните?

Годинава јас сум во делегацијата која ќе го одбележи празникот на Пелинце. А токму во годината кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание и 79 години од АСНОМ, како држава, како народ, повторно сме историски повикани да покажеме храброст и мудрост, прогресивен дух и визија, кои во аманет ни ги оставија нашите предци. Илинденците во 1903 година со формирањето на Крушевската Република, а АСНОМ-ците во 1944 година, со поставување на темелите на македонската државност.  Годинава, пак, историскиот моментум бара од нас повторно да покажеме заедништво, државнички став и визија за напредокот на државата како наша заедничка цел, со отворање на светла и јасна европска перспектива за нашите граѓани по која станавме меѓународно препознатливи, со заеднички демократски вредности, економски стабилна, почитувана, безбедна, со бројни меѓународни пријатели и партнери.

Несомнено е дека 2 Август со двата Илиндена претставува вечен потсетник за граѓаните каква држава сакале нашите предци, какво завештание оставиле за нас нивните прогресивни идеи. Нивниот копнеж за демократски слободна, светла и напредна Македонија, ние денеска го живееме. Затоа и не смееме да ја заборавиме обврската кон оние кои се бореле за земјава – да ги оставиме разликите, да покажеме меѓусебна почит и да се насочиме кон создавање општество на слободни граѓани кои се натпреваруваат со своите идеи, кои дебатираат за можностите за подобро утре за кое сонувале Илинденците и АСНОМ-ците, што треба заеднички да го изградиме за да им оставиме цврста основа за подобар живот којшто нашите деца го заслужуваат.

Успеавме да направиме исчекор интегрирајќи се во евро-атлантските асоцијации што веќе ги покажува добробитите за сите наши граѓани чиј дом е Македонија. Никогаш не сме биле толку блиску до целта која се темели на идеите на АСНОМ, како и тие на Илинден 1903, кои дадоа јасни насоки на развојниот пат на државата, со кој треба да се фати чекорот со европските држави – единство, слобода, рамноправност, толеранција и дијалог – придобивки како трајни вредности на македонското општество.

Затоа претстојниот празник нека биде и мотив, сите да се свртиме кон заедничката иднина, градење на достоинствен дом во кој има место за сите. Тука особено мислам на политичката одговорност на сите политички политички субјекти, за да овозможиме тој процес без никакви проблеми да се одвива понатаму и да работиме енергично на нашиот пат кон Европската унија, затоа што тоа е единствениот пат по кој можеме да се движиме. Тоа е единствената насока која што нѐ води до остварувањето на националниот интерес, а тоа е членството во европското семејство.

Извор: Бриф.мк 

https://www.brif.mk/intervju-oliver-spasovski-07-2023

 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани