2win800x200

Свечена академија во чест на 8 Септември: Да се има сопствена независна држава е привилегија, обврска и одговорност

Септември 07, 2023

Вечерва, во пресрет и во чест на големиот државен празник 8 Септември – Денот на независноста, што годинава се одбележува под мотото „Гласник на слободата“, во Филхармонија на Република  Македонија се одржа Свечена академија - „32 години независност“.

На Свечената академија се обратија претседателот на Владата , Димитар Ковачевски, како и проф. д-р Искра Пановска - Димкова од Филолошкиот факултет„ Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, раководителка на Катедрата за македонски јазик и проф. д-р Александар Литовски, од Институтот за национална историја. Во обраќањата на премиерот Ковачевски, како и на претставниците од науката, Пановска – Димкова и Литовски, беше истакнат стремежот за македонската државност уште од Илинден 1903 година, што се остарува со АСНОМ 1944 година и целосно се заокружува со референдумот на 8 Септември 1991 година, по којшто е прогласена независноста на државата.

07082023 PVRSM Kovachevski 8Sept 3

„Пред 32 години, во 1991-та година, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас - глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. 32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, но во родната, македонска татковина. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одзвеме на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок“, порача премиерот Ковачевски.

Проф. д-р Александар Литовски посочи дека „самостојна држава ниту можеше да се создаде од ништо, ниту се создаде од ништо“, и дека “борбата за создавање на македонска држава е вековна“, поради што значењето на 8 Септември 1991 година, во обраќањето го поврза со големото значење на 2 август од илинденскиот и асномскиот период. „Македонска држава како цел на македонската ослободителна борба е формулирана уште во Правилата на Македонскиот востанички комитет на Македонското (Кресненско) востание од 1878 година“, дека „со решенијата на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, беа удрени темелите на современата македонска држава“, како и дека „гласот на слободата од 2 август 1944 година се слушнал и засилено се повторил на 8 септември 1991 и 8 април 1993 година, кога со Резолуција на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, Македонија била примена за рамноправен 181 член на оваа организација.

„Може да се констатира дека и покрај многубројните политички и економски проблеми во развојот, и покрај исклучително неповолните меѓународни констелации, изразени пред сè во блокадите и нападите на соседните држави, прогласувањето на Република Македонија за самостојна држава во 1991 година означува највисоко, врвно достигнување на македонската нација во процесот на нејзиниот државноправен развој и меѓународен статус“, нагласи проф. д-р Литовски.

07082023 PVRSM Kovachevski 8Sept 8

Проф. д-р Искра Пановска - Димкова рече дека „сè она што сме ние денес не можеме да го гледаме одделно од повеќевековниот континуитет во развојот на македонскиот јазик и македонската нација“, како и дека „независноста на државата во поглед на македонскиот јазик, значеше само една поголема одговорност за неговиот развој, грижа и афирмација“.

„Да се има сопствена независна држава е привилегија, сон на многу народи, но и обврска и многу поголема одговорност и на државата и на нејзините граѓани“, рече професорката Пановска – Димкова, посочувајќи на организираната грижа за македонскиот јазик што се придвижува со објавувањето на новиот Правопис на македонскиот јазик во 2015 година и заокружувањето на шесттомното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик (2014 година), прогласувањето на 5 Мај за Ден на македонскиот јазик во 2019 година, првата верзија на новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик од 2020 година, прогласувањето на 2021 година за Година на Блаже Конески како и годинешното влегување во собраниска процедура на преработениот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик, што се очекува да се усвои.

Јазикот најдобро можат да го чуваат и да го развиваат самите негови говорители, бидејќи без нивна заинтересираност, никакви решенија наметнати одозгора или понудени отстрана немаат изгледи за успех. Затоа е потребно ширење на општествената свест за важноста на јазикот и можностите кои тој ни ги дава“. Токму на ова треба да обрнеме особено внимание денес, кога сме свртени кон едно ново поглавје за нас и како држава и како јазик, а тоа е европската иднина на нашата земја, а со тоа и на македонскиот јазик како рамноправен член на европското семејство јазици“, порача проф. д-р Пановска - Димкова.

07082023 PVRSM Kovachevski 8Sept 9

На Свечената академија беше читана македонска поезија, а имаше и музички перформанс со инструментален аранжман, на „Ода на радоста“ од Бетовен, специјално напишан за оваа пригода, во изведба на Камерниот оркестар на Битола.

На вечерашниот настан, што е дел од одбележувањето на утрешниот голем државен празник, 8 Септември – Ден на независноста, присуствуваа претставници на Владата на  Македонија, на Собранието,  претставници од дипломатскиот кор, претставници на медиумите и други гости од општествено-политичката јавност во држават

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани