2win800x200

17-годишно момче со аутизим било врзувано во Психијатриската болница во Демир Хисар

Октомври 02, 2023

Салка Абдуловска, мајка на 17-годишно момче со аутузам, се жали дека нејзиниот син бил врзуван во Психијатриската болница во Демир Хисар и дека од тоа има рани на рацете и нозете. Таа низ солзи кажува дека пред еден месец, поради агресивното однесување на момчето побарале помош од здравствената установа да го опсервираат, а кога вечера го зеле дома имал рани по телото.

 

„Го однесовме таму пред еден месец за да го опсервираат и да му се погоди терапијата, зашто навистина беше агресивен и не можевме да фунцкинираме. Детето е со аутизам. Што да правиме, баравме спас. Го однесовме во Психијатриската болница во Демир Хисар. Таму го држеле врзан. Сега е со рани на телото. Вчера го зедовме дома, не може да стои на нозе. Дали е тоа метод? Има рани на рацете, на нозете. Што да правиме за понатаму? Кому да се обратиме? Од сите инстутуции бараме спас. Никој не слуша. Не е само тој, има многу деца како моето. Вака не се смирува дете, ова е насилство“, вели Абдуловска .

 

Од Психијатриската болница во Демир Хисар ни изјавија дека пациентот е лекуван во таа установа во текот на изминатиот месец.

„Станува збор за лице со нарушување од аутистичен спектар во изразито влошена состојба. Претходно бил одбиен за третман од повеќе установи. Актуелниот прием е реализиран на упорно инсистирање на родителите, иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Истите се изведуваа согласно протоколите. Тоа се ситуации кои се поврзани со ризично однесување во смисла на автодеструктивност или агресивност кон другите. Родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба“, велат од  Психијатриската болница во Демир Хисар.

За случајот со 17 годишното момче со аутизам од Битола, чии родители се пожалија дека било врзувано со синџири во Психијатриската болница во Демир Хисар, министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека било постпувано според протоколи дадени од експерти од психијатрија кои дозволуваат повремено врзување.

„Зборував со директорката на установата значи по сите протоколи детето е лекувано и според предвидените протоколи во случај кога такво дете може да биде агресивно, за да не си наштети самиот себе, а ни на другите пациенти околу него, за тоа според протоколите што ги даваат експертите од психијатрија, таков случај може да се врзуван само за одредено време за добивање на терапија“, рече Меџити.

 

Мајката на 17-годишното момче за случајот објави и на социјалните мрежи, каде имаше лавина реакции од родители на други деца со аутизам и попречености. Тие коментираат дека децата со ваква дијагноза не се за во психијатриска болница. Напротив, нив им треба грижа, љубов, сензорни соби, базени, стручни лица, игралишта, учење за животни вештини, креативни работилници. Ако ги имаат соодветните тремани и услови, тие ќе се сосема поинакви, велат родителите.

Народниот правобранител во јули годинава соопшти дека е катастрофална состојбата со психијатриските болници „Скопје“ во Бардовци и „Демир Хисар“. Таму нема хигиена, има насилство и повредување, а во „Демир Хисар“ и опрема за врзување и тортура на пациентите.

„Во болницата ‘Демир Хисар’ е страшно. Хигиената таму на најниско ниво. При посета на канцелариите на вработените, Националниот превентивен механизам-НПК откри кожни ремени за врзување и метални синџири со катанец. Во друга просторија бил виден цврст дебел кабел. На прашање зошто е тој кабел, одговор од вработените немаше. Ја нагласувам забраната за заплашување, малтретирање, повредување и тортура на пациентите“, кажа Народниот правобранител Насер Зибери на 26 јуни годинава.

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани