2win800x200

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ПОБАРА ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ЗА „ПАРК“ И НАПОМЕНА ДЕКА ОПШТИНА БИТОЛА МОРА ДА ГИ ИЗГРАДИ ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ, ВО СПРОТИВНО ПОСТОИ ОПАСНОСТ ОД ГУБЕЊЕ НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА ЗА СИТЕ ПРОЕКТНИ ПАРТНЕРИ

Октомври 20, 2023
ИНТЕГРАЛНО ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ
Почитувани,
Деновиве сме изложени на бројни напади од страна на СДСМ, со поднесени кривични пријави и јавни закани, за постапки за кои и самите се свесни дека не постои никаква одговорност, односно дека и јас како градоначалник и секретарот на општината, како и вклучената општинска администрација во проектот, сме постапиле целосно законски и транспарентно. Всушност, тоа го потврдила и Делегацијата на Европската унија, со потпишувањето на анекс договорот, затоа што европските правила се јасни, многу прецизни и строго дефинирани, така што, ако имало потреба од некаква согласност или недостасувал било каков документ, истиот ќе бил побаран од одговорните лица во Програмата за прекугранична соработка и договорот немало да биде потпишан. Тоа потврдува дека никој од нас не погрешил, ниту ние, ниту Делегацијата, што не дозволува да се зборува за криминал.
Потребата од велосипедски патеки, ни е јасна на сите и недвосмислена, затоа што, зад неа стојат граѓаните, ги ветувавме сите политички партии за време на изборните кампањи. Сега кога имаме можност за реализација сме целосно закочени од Советот, иако почитувајќи го експертското мислење на советничката Анастасија Трајковска, и самата потврди дека, како локална самоуправа изработивме многу добар, професионален проект, кој како што рече Трајковска: е зрел за реализација.
Накратко сакам да потсетам на Одлуката за аплицирање за проектот Smart4you2 од февруари 2021 година:
Тогаш, Советот донесол одлука за аплицирање на Општина Битола, како водечки партнер во проект за поттикнување на туризмот, културата и природното наследство, за добивање средства од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, каде покрај водечкиот партнер Општина Битола, вклучени се уште 4 други партнери.
Се поставува прашањето:
Дали и било потребно овластување на тогашната градоначалничката Наташа Петровска да аплицира за реконструкција на објектот „ПАРК“? Дали Советот донесол таква одлука? Не, никаде од страна на Советот, не е донесена таква одлука.
Ако ги видите и другите претходни одлуки, за реализација на проекти од европски фондови, во истите стои само назив на проектот, програма, проектни партнери, буџет и евентуално кофинансирање, доколку истото е потребно.
Кога дојдовме како локална самоуправа, согледувајќи ги недостатоците во проектот Smart4you2, сакајќи да воспоставиме соработка со Советот, транспарентно ги претставивме сите факти пред советниците, при што Советот даде согласност за кофинансирање од Општина Битола во проектот Smart4you2, во износ од 296.562 евра, каде е јасно наведена активноста на Општина Битола: Реконструкција на ПАРК.
Не сме морале, но сме донесле ваква одлука, со точно наведен објект, поради транспарентност и навремена информираност на Советот, за сите постапки кои ги презема општината. Со ова, јас сум и прв градоначалник, кој побарал Советот да го поддржи не само целиот проект, туку и буџетските ставки за кои се предвидени најмногу финансиски средства.
По зголемувањето на цените на пазарот и добиеното стручно мислење од јавното претпријатие дека, реконструкцијата на „ПАРК“ ќе изнесува 801.069 евра, пристапивме на изготвување на потребната документација, за законски дозволена модификација на проектната апликација, во реално неопходен проект, кој чини многу помалку, односно изградба на велосипедски патеки во должина од 5,3 километри.
Според СДСМ и Поинаку, велосипедските патеки не треба да се изградат, или можеби треба некогаш во иднина, доколку потенцијално бидат локална самоуправа, но за нив треба и има приоритет реконструкцијата на поранешната зграда Парк во дворот на Офицерски.
Како градоначалник на сите граѓани, ќе прифатам се што е во интерес на граѓаните, а доколку се покаже неопходно и ќе настојуваме да обезбедиме буџетски средства за реконструкција на „ПАРК“, само доколку:
- СДСМ и Поинаку дадат јасно образложение за потребата од реконструкција на „ПАРК“ со објаснување дека во позадина не стојат ничии бизнис интереси
- Доколку објаснат која ќе биде неговата намена во функција на граѓаните и каква ќе биде самоодржливоста
- Кој ќе управува со објектот? Дали на Општина Битола и е потребен уште еден таков објект
Одговорите ќе побарам да ги достават советниците преку соодветните комисии и врз основа на релевантни податоци, за да може овој проект, доколку се докаже дека е потребен да се реализира од буџетски средства. Во спротивно, овие пари, ќе бидат искористени за реконструкција на улици, паркови, детски игралишта и други неопходни проекти, затоа што веќе имаме два прекрасни функционални објекти во делот на културата под општинска надлежност: Офицерски дом и Кино Манаки.
Како што видовте и вчера, проектот каде водечки партнер е Општина Битола и во чии рамки треба да се изградат велосипедските патеки со средства од ЕУ си тече и сите останати партнери го користат грантот. Општина Битола, за жал, по директна заслуга на СДСМ се уште нема можност да ги искористи парите доделени од Европската Унија, а знаете дека нереализацијата значи неуспешен проект. Токму тоа е целта на СДСМ и Поинаку, да ја претстават Општина Битола како неуспешна општина која не може да ги потроши европските пари наменски, а неможе токму поради нив.
Општина Битола и јас како градоначалник, работиме во интерес на граѓаните, а тоа во овој случај е изградба на велосипедски патеки со одобрените европски средства.
Во спротивно, Општина Битола не може да реализира други активности со одобрените пари, а тоа подразбира, неможност за реализација на договореното партнерство и губење на финансиските средства за сите проектни партнери, затоа што без водечки партнер, нема ниту реален проект.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани