2win800x200

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА ЗА СВИКУВАЊЕ НА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА ОБЈЕКТОТ ПАРК И ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ ПАТЕКИ

Февруари 02, 2024

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, денес поднесе иницијатива за свикување на седница на Советот, за објектот „Парк“ и велосипедските патеки. Во продолжение, Ви го доставуваме интегрално барањето до советниците во Советот на општина Битола.

„Почитувани советници,

Новите можности, кои што општина Битола ги има за нејзин развој и напредок, наметнуваат потреба од одржување на седница на Советот на општина Битола, на која треба да се разгледаат и усвојат неколку важни точки, за натамошно делување и работа.

Како градоначалник и понатаму останувам на ставот дека Битола мора да биде поубав град за живеење, а за реализирање на ваквите заложби, мора сите заедно со Вас, да донесеме разумни одлуки, според кои понатаму општинската администрација ќе работи на реализација на проектите. Пред нас се одлуки за реализација на два проекти, кои што беа предмет на дискусија и барања од сите советнички групи во изминатата година, овој пат со конкретна можност за реализација – велосипедските патеки и објектот на поранешниот ресторан „Парк“.

Со вчерашното потпишување на договорот со Министерството за култура за реконструкција на објектот „Парк“, само потврдивме дека како локална самоуправа ги земаме во предвид барањата и желбите на сите советници, пред се на локалните опозициски партии, кои постојано се залагааа за реновирање на овој објект. Од Министерството за култура добивме поддршка од околу 147.000 евра, од потребните околу 800.000 евра, со кои понатаму, со кофинансирање од општината ќе се добие конечниот лик на објектот и ќе се заокружи целината на Офицерскиот дом, како една од главните обележја на градот. Сепак, за успешна реализација на овој проект, мора да се направат неопходни измени во Програмата за развојни планови 2024-2026 година, од каде што ќе се дообезбедат средства за кофинансирање на проектот за реконструкција на објектот „Парк“. Да напоменам дека согласно Договорот со Министерството за култура, во член 7 се наведува дека рокот за префрлување на средствата за реализација на дел од проектот е 31.12.2024 година. Наскоро, влегуваме во предизборен период, а средствата наменети за проектот „Парк“, мора да бидат искористени до крајот на оваа година, што наметнува потреба од измени во Програмата за развојни планови 2024-2026 година, пред распишување на изборите.

Од друга страна, изградбата на велосипедски патеки е многу значаен и неопходен проект, преку кој даваме можност да започне примената на велокултурата во Битола, а проектот понатаму ќе остави простор за надградба и создавање на поинаква слика за градот, истовремено создавајќи услови за побезбедна сообраќајна инфраструктура за сите граѓани, кои од нас ја бараат и ја очекуваат.

Согласно акцискиот план на проектот Smart4You2, веќе има отстапување од роковите за изведба на велосипедските патеки и доколку продолжи оваа тенденција, целиот проект влегува во ризик, не само велосипедските патеки, туку и реализацијата на проектите на сите проектни партнери. Повторно барам разум од советниците согласно потпишаниот Адендум кој е на сила, ваквата одлука, за согласност и кофинансирање на проектот Smart4You2 да биде одобрен, бидејќи постои опасност проектот да биде целосно загрозен.

Градот мора да напредува, а разумот мора да ги надвладее сите политички препирања и недоречености.

Токму од тие причини, барам свикување на оваа седница на Советот на општина Битола, со цел да се донесат измените и одлуките и да се започне со теренска имплементација на проектите“, рече Коњановски. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани