2win800x200

За околу две години ќе биде отворен граничниот премин Лемос-Маркова нога

Април 14, 2024

Повеќе од половина век, поконкретно цели 57 години жителите на поширокиот регион на Преспа, како во Северна Македонија, така и во Грција чекаат граничниот премин Лемос-Маркова нога одново да биде отворен, нешто што се очекува да се случи за околу две години, како што открива за МИА градоначалникот на грчката општина Преспа Јоргос Стергиу.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Стергиу говори за важноста на овој граничен премин за соработката со општина Ресен и мотото „Преспа: три земји, две езера, една дестинација“, но и истакнува дека иако растојанието меѓу Преспа и Ресен е околу 15 километри, за да се стигне од едната до другата општина треба да се свртиме цел круг преку Лерин и Битола.

Објаснува дека повторното отворање на граничниот премин е тема за која интензивно се дискутира со години, уште пред потпишувањето на Договорот од Преспа, а доцнењето, според него е од практични причини, во однос на проектите што треба да се реализираат за да може да функционира преминот.

-Денес се чини дека сме во позиција да поставиме временски рок од околу две години, бидејќи студиите за инфраструктурата се подготвени, а веќе стигнавме до финалното одредување на патот што ќе ја поврзе патната мрежа со преминот. Доколку се биде во ред, се очекува во следните месеци проектите да бидат вклучени во програма за финансирање и да започне нивната реализација, објаснува Стергиу.

Посочува дека од моментот кога проектите ќе се вклучат во програмата, процените се дека финализацијата ќе биде за две години и изразува оптимизам дека отворањето ќе се реализира во неговиот мандат.

Стергиу вели дека двете соседни општини Преспа и Ресен, „се области со заеднички карактеристики: исклучителна убавина и природна средина, но и драматично намалување на населението“, со оглед на тоа дека младите ги напуштаат селата, а граничниот премин има и практична и симболична важност.

-Кога ќе биде отворен граничниот премин ќе се промени динамиката и ќе произлезат нови можности. Ќе се создаде нова туристичка рута и во наши раце е да ја искористиме, за доброто на сите. Во однос на симболиката, очигледно е дека со отворањето на граничниот премин општина Преспа, но и општина Ресен нема повеќе да бидат на работ на државите, туку на граничен премин, а областа Преспа ќе стане центар за комуникација, истакнува за МИА Стергиу.

https://nezavisen.mk/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани