2win800x200

ОПШТИНАТА СО ДОНАЦИЈА НА СПОРТСКИ РЕКВИЗИТИ ЗА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТАТА

Октомври 15, 2018

Спортски реквизити донираше денеска локалната самоуправа за средните училишта во Општина Битола. Обезбедени се по 10 000 денари, така што за шесте средни училишта во Битола беа набавени топки за сите спортови, според потребата за изведување екипна настава по кошарка, ракомет, одбојка и фудбал.

„Завршивме со неколку реконструктивни зафати во училиштата во Општина Битола, во вредност од над 380 000 денари и во таа насока ќе продолжиме и следниот период. Она што е исклучително значајно, покрај реконструктивните зафати, е збогатувањето на нагледните средства во училиштата. Денес сме овде да промовираме опрема, обезбедени се по 10 000 денари за секое средно училиште, исклучиво за намена на спортски реквизити и овозможување на јакнење на спортскиот дух кај младата популација. Како локална самоуправа, овозможивме и во ОУ Ѓорѓи Сугарев да имаме спортски активности на децата кои досега беа инклузивно невклучени во спортските активности, односно децата кои што имаат посебни потреби. Исто така, најавувам дека во следниот период ќе следува парична активност во функција на јакнење на спортските капацитети во основните училишта. Имајќи ја предвид, финансиската состојба на нашите училишта, ова е единствениот начин како би можеле да ја зголемуваме и подигнуваме кондицијата и атмосферата за што поблагопријатна атмосфера на учениците во Општина Битола“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Од општинскиот сојуз на училишни спортови, изразија голема благодарност за денешната донација од Општина Битола, која ќе овозможи и учество на учениците на натпревари во сите спортови.

„Морам да потенцирам дека за првпат од Општина Битола се прави ваков вид на набавка на опрема и значајно е за подготвување на екипите за претстојните натпревари и одржување на натпреварите во сите спортови“, изјави Михајло Трампевски , претседател на ОСУС – Битола. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани