2win800x200

Активности на графичката струка и Библиотеката по повод Месецот на книгата

Октомври 26, 2021

Графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ - Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола, на 19 и 20 октомври 2021 година, реализираа работилници по повод Месецот на книгата во кои учениците-графичари подготвија пораки за книгата и читањето и со истите изработија тефтерчиња кои се подаруваат на читателите на библиотеката.

Првата работилница се реализираше на 19 октомври во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“. Во оваа работилница учествуваа ученици од втора година, профил графички техничари. Учениците-графичари напишаа пораки за книгата и технички ги подготвија за печатење на корици, класифицираа листови хартија и ги собраа во книжни блокови за истите, а на крај ги обрежаа на графички нож. На 20 октомври, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“, тефтерчињата беа доработени со техниките на шиење со жица и свиткување, а потоа повторно во графичкиот кабинет беа обрежани на графички нож.

Посетата на библиотеката беше посебно искуство за учениците-графичари бидејќи, покрај активностите од работилницата, тие имаа можност да се запознаат и со работата на секторите во библиотеката, да видат ретки примероци на книги, весници, списанија и други изданија, а доживување беше разгледувањето на графичките печатарски машини и рачната слагачница поставени во холот на библиотеката. Особено интересна беше и демонстрацијата на процесот на реставрација на книги од страна на библиотекарскиот помошник Јулијана Христовска-Кулевска од заштита и репрографија на книгата, инаку поранешна ученичка во оваа струка.

Работилниците се реализираа под менторство на библиотекар м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски од секторот за популаризација на книгата и професорките по графички стручни предмети Весна Мундишевска-Велјановска и Катерина Спасовска-Маурдева.

За реализацијата на овие, но и на идни соработки, директорот на СОУ „Таки Даскало“ - Добре Босилковски и директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Бојан Стефановски потпишаа меморандум за соработка.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани