2win800x200

Со визитинг доктори специјалисти од Скопје се надополнува недостигот на лекари во Битолската болница

Јуни 18, 2023

Со осум визитинг специјалисти доктори од скопските клиники и институти, Клиничката болница од Битола го надополни недостигот на лекарски кадар на Одделенијата за педијатрија, неврохирургија, детска и општа хирургија. Битолската болница подолг период се соочува со недостиг на медицински кадар, а новата в.д. директорка Елизабета Ивановска која на функција стапи пред два месеца најави дека нема да дозволи затворање на ниту едно одделение.

 

„Се обезбедија нови доктори специјалисти и супспецијалисти кои имаат големо работно искуство и се докажани и посветени професионалци со врвна експертиза. ЈЗУ Клиничка болница Битола е на патот на успешен пресрет на потребите на нашите пациенти во соработка и поддршка од страна на министерот и Министерството за здравство. Новиот визитинг медицинскиот кадар е искусен, стручно оспособуван и е со голем потенцијал за натамошен напредок на одделите и одделенијата при лекување на граѓаните на Битола и регионот”, соопштија од болницата.

 

Одделение за педијатрија, каде беше останат само еден специјалист, е комплетирано со три визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени услуги од областа на педијатријата. Тие доаѓаат од ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Со нив ќе овозможи непрекината деноноќна служба на Одделението за педијатрија и негова функција 24/7. Визитинг докторите започнаа со дежурства од ова сабота, 17 јуни. Toa се: 

- Др. спец. Емилија Манасиевска

- Др. спец. Теута Усеини Авди

- Др. спец. Верица Костовска

„Грижата за здравјето на децата претставува долгорочна инвестиција за нашето општество“, посочуваат од Болницата. 
 

Во Одделение за неврохирургија збогатен е искусниот тим на неврохирурзи со четворица визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени секундарни и терциерни услуги од областа на неврохирургијата. Меѓу нив е и поранешниот заменик министер за здравство, битолчанецот доцент Др.спец,Владимир Рендевски, потоа Проф. Др. спец. Томи Камиловски, Др. спец. Благој Шунтев и Др. спец. Фатмир Елези

Овие доктори доаѓаат од ЈЗУ Универзитетска Клиника за неврохирургија-Скопје. Од Битолската болница соопштија дека се обучени да користат најсовремени методи и работат според светски стандарди при интервенции од областа на неврохирургијата.

„Моментално одделението за неврохирургија располага со доволен број медицински персонал кој може да одговори на предизвиците на лесни неврохирушки случаи, како и интервенции од посложен карактер. Докторите се на распоред за дежурства на одделението за неврохирургија за месец јуни 2023 година”, соопштија од болницата.

Доктор супспецијалист од ЈЗУ Универзитетска Клиника за торакална и васкуларна хирургија Скопје, кој ја извршил првата операција на проширени вени во Болницата во Битола во 2018 година, ја продолжува соработката со установата на Одделението за хирургија.  Тоа е Др. супспец. Мишел Андов екпсерт за васкуларна и торакална хирургија. 

„Со постојаниот стручен, кадровски, просторен, технички и економски развој на болницата создадени се услови успешно да се лекуваат сите видови заболувања со најсовремени дијагностичко-терапевтски методи, континуитет кој ќе се потрудиме да го одржиме и во иднина“, напоменуваат од Клиничката болница во Битола. 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани