2win800x200

Битолските социјалдемократи бараат министер во новата влада

Декември 09, 2021

 

БИТОЛА – Заминувањето на Зоран Заев и промените на челната позиција во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги разбранува страстите, па членови на СДСМ со реакции по социјалните мрежи бараат министер битолчанец во новата влада од редовите на СДСМ. Единствениот министер, битолчанец, во Владата на Заев е Горан Милевски, министерот за локална самоуправа од редовите на ЛДП. Битола за жал има и само еден пратеник во Парламентот од СДСМ, Бисера Стојчевска, пренесува https://nezavisen.mk/bitolskite-socijaldemokrati-baraat-minister-vo-novata-vlada/.
Член на СДСМ Битола, правејќи анализа споредува дека Битола на последните парламентарни избори донела 20.145 гласа, а добила само еден пратеник, додека Куманово со 17.431 глас, добил 3 пратеници, подоцна и еден министер. А, Крива Паланка со 6.961 глас – еден пратеник, подоцна министер и генерален секретар на партија.
-Е, па жално е за град кој има големо гласачко тело да се задоволи со заменици министри во периодот од 2017-2020 и неколку директорски места на централни институции. Така да, кој и да биди следен мандатар за нова влада треба да му порачаме дека-немаме фаворити, Битола ни е фаворитот, пишува социјалдемократот на Фејсбук.
Дали Горан Милевски останува и дали Битола ќе добие и втор министер од редовите на СДСМ ќе се знае за еден месец.
Партиски извори брифираат дека СДСМ Битола си го бара Министерството за култура назад, на чие чело во периодот 2002-2006, беше Благој Стефановски-Баге и остави трајни и значајни проекти. Како можни фаворити на оваа позиција се споменуваат актуелните директори на Центарот за култура Битола – Маја Андоновска Илијевски или на Народниот театар Битола Иван Јерчиќ.
Како министер за транспорт и врски, Битола би можело да го предложи и Горан Козаров, директор на ЈП „Водовод“ во изминатите 4 години. Партиски извори наведуваат дека Битола има истакни членови кои би можеле да бидат и на челната позиција на Министерството за образование, доктори на науки од Битолскиот универзитет.
Членството очекува и она што е важно според нив, е каква програма и проекти ќе предложат претендентите за министерската позиција и што ќе направат за Битола. Дали ќе успеат да лобираат за повеќе буџетски пари за значајни проекти во Битола или ќе го „одлежат“ мандатот во министерската фотелја.
За да се задржи сегашната позиција и во новата влада веќе работат и битолските либералдемократи.
Извори од ЛДП Битола пак брифираат дека, ЛДП подготвува пакет на мерки и проекти кои ќе ги испорача до новиот мандатар за поддршка на новата влада. Дел од проектите се однесуваат на збогатување на туристичката понуда на Битола, особено за изградба на нова жичара на Пелистер. За потребата од поголема поддршка на Општината, актуелниот министер за локална самоуправа Милевски, веќе остварил средба со новиот градоначалник на Битола, Тони Коњановски.

Неофицијално до крајот на оваа недела се очекува во Битола да дојде Димитар Ковачевски, како еден од кандидатите за претседател на СДСМ на претстојниот конгрес.
Факт е дека општинската организација на СДСМ во Битола ќе мора драстично да се менува по поразот на локалните избори и што поскоро да се најде замена за претседателот Златко Ќурчиевски и секретарот Жаклина Наумоска.
Разделени и расцепкани на неколку струи, членството на СДСМ очекува темелна реконструкција и освежување на општинската организација со нови кадри, и што е најважно преиспитување на работата и смена на локалните функционери во државни институции. Смените почнаа од РЕК „Битола“, каде новиот генерален директор Пеце Матевски, веќе донесе нови директори и на другите раководни позиции. Смени се очекуваат и во УЈП, ЈП за станбен и деловен простор, Затворот „Црн мост“, Ученичкиот дом за средношколци, Студентскиот дом …
Паралелно со ова, неизбежни се промените и во јавните претпријатија и училиштата во Битола по смената на локалната власт.
Но, едно е јасно, кој ќе раководи со битолските социјалдемократи ќе зависи комплетно од тоа кој ќе биде избран за лидер на СДСМ. За челната позиција на СДСМ во Битола многумина пројавија апетити и веќе се „вртат“ имиња во зависност од тоа кој е на чело на фракцијата. За прв човек на СДСМ Битола, веќе подолго време се споменува Драган Крајовски, актуелен директор на Битолскиот затвор, адвокатот Димитар Вршков и неколкумина други.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани