Ѓорѓи Филипов, познат и признат македонски дипломат, најавува кандидатура за претседателски кандидат на јавниот повик на СДСМ

Февруари 05, 2019

Познатиот и признат македонски дипломат, проф. д-р Ѓорѓи Филипов, поранешен Амбасадор на Македонија во Германија (2005-2010) , Австрија (2010-2015), Јапонија и Словачка, за апла.мк потврди дека најверојатно ќе поднесе кандидатура на отворениот повик на СДСМ за претседателски кандидат. Ова е првата официјална потврда,  откако владеачката партија вчера одлучи на јавен оглас да го бара претседателскиот кандидат.

-Извесен број пријатели, поединци и групи или претставници на групи (мене познати, но и непознати) изразија интерес за мое кандидирање за претседател на државата на претстојните избори. Им благодарам на довербата. Тоа за мене претставува голема чест и уште поголема обврска. Од тие причини сериозно ја анализирам можноста за кандидатура на огласот што го објави СДСМ. Јас не членувам во политичка партија, но како граѓанин сум заинтересиран за напредок на Македонија на секое поле и подготвен сум да дадам свој придонес за реализација на таква цел, вели Филипов за апла.мк.

Проф. д-р Ѓорѓи Филипов за апла.мк вели дека не е член на ниту една политичка партија, но, не размислува за независна кандидатура за претседател на државата

-Сепак, немам намера да собирам потписи, ниту самостојно да прогласувам кандидатура, зашто сум свесен за реалноста. Такашто, и доколку одлучам да не се пријавам на огласот, би продолжил да давам придонес во развојот на земјата од позицијата на којашто се наоѓам сега - граѓанин, основач на компанија, професор, член на Европската академија на науки и уметности, пишувач, поранешен амбасадор, претприемач и деловен човек, со добри конекции во соседството, во Европа и во Светот”, вели Филипов за апла.мк

Во јавниот повик на СДСМ наведени се четири критериуми кои се бараат од кандидатите: да е личност со висок општествен углед, да биде способен за извршување високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на СДСМ, како и да биде личност која на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија-полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и меѓународна афирмација и промоција на Република Македонија.

Заинтересираните своите кандидатури треба да ги достават најдоцна до 19 февруари, а изборот ќе се изврши на партиска конвенција на 3 март.

 

 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани