Street gif

Магичниот круг на политиката, економијата, образованието и културата (Пишува: Васко Гичевски, Студент на Институт за историја при Филозофски Факултет, УКИМ, Скопје

Март 21, 2019

Општеството е збир на поединци, кои живеат на определен простор, во определено време, практикувајќи определена култура, споредувајќи определена слична свест односно психолошка слика за некои појави. Културата пак како еден од основните белези на општеството е се она материјално и нематеријално што човекот го создава за време на својот живот. Култура се формира врз база на некакви знаења, односно таа е резултат на човековите знаења умеења и вештини кои пак се усвојуваат преку процесот на воспитание и образование. Основата за постоење на се предходно е економијата односно материјалниот аспект на човекови пројави и форми на организирање. Поинаку кажано економијата е примарната дејност а образованието и културата се терцијални односно услужни дејности. За еден ваков поприлично сложен систем да постои и функционира, нужна е политиката која го организира надгледува, плански вложува и надградува овој процес.

Во нашата земја евидентни се процесите на руинирање на образовниот систем, културата , економијата а сето тоа е во суштина вина на политиката која се практикува во изминативе две децении. Преку ерозијата на економско производните услови на земјата по распадот на социјализмот, се распадна и морално иделистичкиот постамент на сите останати општествени столбови. Науката, културата, образованието, станаа и сеуште се само мртво слово на хартија. Хартија која што нималку не вреди доколку зборовите испишани на неа не произлегуват од практиката и не решаваат практични проблеми. Но од каде всушност започнаа овие проблеми? Виновник за овие состојби се пронаоѓа во онаа категорија што овој систем треба да го управува, стимулира и надградува а тоа е политиката сфатена во широка смисла на зборот. Долго време наназад овие општествени столбови не беа ништо повеќе од проста декорација на партискиот режим. Украс кој со време се претвори, во вносно поле за бројни партиски кадри кои, само седеа и допринесуваа односно може да се рече дека сеуште допринесуваат кон општиот колапс.

Економскиот аспект, основната движечка сила, безмалку веќе е мртов. Во вакви услови многу е тешко со малку финансии да се изведе нешто квалитетно, но не е невозможно. Со вистински кадри на вистинско место, со многу труд и постојанство навистина можат да се направат. Вистинските кадри пак не паѓаат од небесната шир туку тие треба да се формираат низ еден долг процес на образование. Во услови кога образовниот систем ви е руиниран до точка на формалистичко постоење, не може во суштина да очекувате никаков прогрес туку само дополнителен колапс. Палијативните реформи, разноразните партиски решенија, кои само номотехнички се менуваат а суштински се исти, едвај да може да се класифицираат како палијативни- привремени, површни, а научна фантастика е да се зборува дека тие нешто и ќе променат. Базирањето на политиките врз етнички,национален, па и верски концепт, представува само дополнителен товар на овој систем. Овие пристапи ширум ја отвораат вратата за политикантство со културните, научните и образовните проекти, па дури се отвара и врата за фашизмот, доколку истите средства ги распеделувата по определена групациска припадност од било кој вид. Постапките од ваков тип пак представуваат, погребение на и онака формално функционалните основни институции на општеството. Невложувајќи во системот на надградувајќи го, го осудуваме истиот на колапс, а општеството на уназадување.

Општествено уназадување, термин кој доколку се сфати во широк контекст е можеби најсоодветниот термин за оценување на движењата и процесите во современото македонско општество. Доколку успееме да го замислиме магичниот круг : политика, економија, образование, култура, како некоја уметничка креација односно како слика за целокупното македонско општество, тогаш верувам дека ќе согледаме слика која што никој не би сакал да ја гледа. Одговорноста за ова дело за жал нема да можеме да ја префрлиме само на политиката. Колективитетот наречен општество е воедно и главниот губитник но и главен виновник за ваквите состојби. Конформизмот на индивидуите, кои безкомпромисно прифаќаат се што ќе им се сервира, сервилно служејќи на теснопартиските цели и мегалолидерските хирови, се извршителите на бескрајната декаденција во форма на македонскиот маѓепсан круг: политика, економија, образование, култура.

Васко Гичевски, Студент на Институт за историја при Филозофски Факултет, УКИМ, Скопје

 

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2019 АПЛА.мк. Сите права се задржани